Нова мадридска пресметка меѓу Реал и Атлетико и дуел меѓу преискусниот Јувентус со младиот и полетен тим на Монако е исходот од извлекувањето на двојките за полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите. Полуфиналистите веке почнаа со подгревање на атмосферата и секој на различен начин ги потенцира сопствените адути.

Фудбалскиот свет ќе види уште една мега-пресметка на мадридските ривали Реал и Атлетико овојпат во полуфиналето на Лигата на шампионите. Во последните неколку години Реал два пати го победуваше Атлетико во финалните пресметки во елитното европско натпреварување. Во Атлетико дуелот со кралскиот клуб го гледаат како шанса за одмазда за двата порази во најзначајниот меч на сезоната, а истовремено и како достојно простување од легендарниот стадион Висенте Калдерон кој заминува во историјата односно ќе биде срушен на крајот на сезоната. Бранителот на трофејот пак Реал Мадрид прими предупредување од легендата на клубот Емилио Бутрагењо кој на извлекувањето во нион изјави дека Атлетико е тим што игра многу цврсто и ги казнува сите грешки на противникот па треба да се биде внимателен.

Јувентус пак за противник го доби Монако, па сеуште под импресии од успехот со Барселона во четвртфиналето, кај старата дама не го кријат оптимизмот. Легендата на клубот Павел Недвед потенцираше дека фудбалерите се концентрирани на Лигата на шампионите и целта им е да го освојат трофејот. И во Монако не се воздржуваат од оптимистички изјави. Високиот фунцкионер во клубот Вадим Василиев истакна дека Монако има млад и многу потенцијален тим што не се плаши од никого и може да ги победи и најсилните во светот. Првите натпревари ќе се играат на 2 и 3 мај, а реванш средбите една седмица подоцна. Финалето е во Кардиф на 3 јуни.

Датум на објава: петок, 21 април 2017 во 17:57
Зоран Цветановски

коментари

остави коментар