Спасовски: Турција е наш кредибилен, доследен и принципиелен поддржувач со кого споделуваме заеднички цели и предизвици

Во богатиот етнички спектар на ова наше македонско тло, турската етничка заедница претставува едно, би рекол, врзивно ткиво, длабоко втемелено во културниот, историскиот и општествен развој на нашата држава. 

Таа позиција изградена со силната лојалност и добронамерност, со солидарност и уважување на сограѓаните, заслужува највисок можен респект. Оттаму, денешното наше заедничко чествување на Денот на наставата на турски јазик, треба да се сфати како одбележување на датум што ја надминува сопствената симболика, како празник кој што безрезервно ги заслужува пиететот, почитта и искреното уважување од сите наши граѓани.

Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во обраќањето на настанот вечерва по повод чествувањето на 21 Декември – Денот на турската настава, органиизран од МАТУСИТЕБ – Сојузот на турските невладини организации во Македонија под покровителство на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА на кој присуствуваше и претседателот на Собранието на Република Турција, Мустафа Шентоп.

Според Спасовски, печатот на вековното заедничко живеење и опстојување, меѓу другото манифестиран не само во заедничките културни традиции и историјата, туку и во отворената и искрена поддршка што турската етничка заедница и Република Турција ѝ ја даваат во континуитет на нашата држава, во сите овие години на самостојност, сведочат за нашето цврсто и нераскинливо пријателство, кое како залог оставен од нашите предци, треба да го чуваме, негуваме и унапредуваме.

-Ако се бара пример за квалитетен соживот, за меѓуетничка толерантност, уважување и негување на различноста, тогаш сосема сигурно таков би бил примерот изграден од вековното искуство на заедничко егзистирање меѓу турската и македонската етничка зедница овде, во Македонија. Токму таквото заедништво, пак, препознаено и прифатено и од Република Турција, овозможи во неа да имаме кредибилен, доследен и принципиелен поддржувач, со кого споделуваме многу заеднички цели, но и предизвици, рече Спасовски.

Ова се однесува особено на патот на нашето евроатлантско интегрирање, но и во делот на криерирање општество за сите, општество што ќе почива врз модерните културни, социјални, економски, образовни и политички стандарди и вредности, додаде министерот за внатрешни работи, а турската етничка заедница во земјава, вели, претставува мостот кој што силно нѐ поврзува и обединува во остварувањето на заедничките интереси и цели.

Мицкоски од Кавадарци: Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени

Во првиот круг издвојувавме огромна победа, која покажа дека народот е свесен за тоа што се случува во нашата татковина. 

Ова е револуција на народот, пред се затоа што преовладува чувството дека во сопствената земја народот стана кираџија. И тоа токму поради дуото СДСМ-ДУИ, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Кавадарци.

Мицкоски посочи како ништо не функционира и како институциите не се во корист на граѓаните.

„Институциите повеќе не служат на народот. Се чека за пасоши, лични карти, за документи кои му следуваат на народот. Овој проблем го препуштија да го решава ВМРО-ДПМНЕ и Панче Тошковски, додека во секоја друга сфера има подеднакво назадување. Во здравството докторите и медицинскиот персонал протестираат. Доколку сакате било која здравствена услуга или ќе мора да платите или да побарате врски. Ако не е така ќе мора да чекате по ходници, ќе ве маткаат со процедури, додека не се откажете. Животниот стандард е под секое ниво. Корупција насекаде, правда никаде“, кажа Мицкоски.

Мицкоски укажа дека проблемот е што ДУИ е газдата во државата.

„Нашите, вашите судбини зависат од стотина души на ДУИ кои контролираат се. Артан Груби и компанијата се господари на Македонија, но и одговорни за колективниот грабеж. Велат дека ДУИ никогаш немал подобар партнер за власт како СДС. Што и да им побарале, не добивале сто проценти, туку дупло двеста. И затоа е и сега нервозата во ДУИ, зошто знаат по овие избори ниту ќе имаат власт, ниту пак ќе имаат измеќари како СДС“, изјави Мицкоски.

Мицкоски рече дека овие денови силно се ангажирани на две сценарија кои во суштина се завера против Македонија.

„Првото е сценарио на бојкот. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, при што Ковачевски оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му остави на СДСМ. И двете сценарија се губитнички за Македонија и удираат по нејзините основи“, кажа Мицкоски.

Мицкоски заклучи дека решението за сето ова е масовна излезност.

„Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е само едно масовно гласање на избори. Колку повеќе гласаат, толку поголема ќе биде силата за промени“, рече Мицкоски, се наведува во партиското соопштение.

Ковачевски: Со ВМРО ДПМНЕ ќе се стави крај на нашите ЕУ перспективи

„Никогаш и по ниту една цена нема да се откажеме од она во што веруваме и ќе се бориме сè додека не успееме тоа да стане реалност, нема да дозволиме никој да ја уназадува државата, нема да дозволиме никој да си игра со иднината на нашите деца“.

„Никогаш и по ниту една цена нема да се откажеме од она во што веруваме и ќе се бориме сè додека не успееме тоа да стане реалност, нема да дозволиме никој да ја уназадува државата, нема да дозволиме никој да си игра со иднината на нашите деца“, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски пред граѓаните кои присуствуваа на вечерашниот митинг на Коалицијата за европска иднина во општина Центар.

Ковачевски, ги повика граѓаните, пред да гласаат на 8-ми мај, убаво да размислат која партија ја управуваше државата демократски и донесе позитивни одлуки за иднината, а која партија владееше авторитарно и се коцкаше со иднината за лични интереси.

„Ако десничарска партија добие преголема моќ, може да се соочиме со она што го гледавме 11 години. Тоа ќе стави прво крај на нашите ЕУ перспективи, крај на независните медиуми и на независното судство. Ќе стави крај и на добрите меѓуетнички односи. Ќе стави крај на една демократска држава во која денес секој може слободно да го каже своето мислење“, рече Ковачевски.

Говорејќи за енергетската и економската криза, лидерот на СДСМ, порача дека партијата никогаш не се откажала од своите социјал-демократски вредности и постојано била рамо до рамо со граѓаните.

„Јас никогаш ниту побарав благодарност ниту некој од мојот економски тим побара благодарност за тоа што кога Скопје немаше парно заради ВМРО и нивната градоначалничка Арсовска, обезбедивме парно за Скопје. Кога успеавме да обезбедиме електрична енергија по цена 90% помала од пазарната исто така не баравме и не треба да бараме благодарсност, затоа што тоа е наша обврска. Кога трошоците за живот се зголемија, брзо реагиравме ги зголемивме и платите и пензиите и социјалните трансфери за сите граѓани а особено за оние од најранливите категории. Но, оние кои што го критикуваа тоа, тие треба барем да се извинат за тоа што ширеа хистерија и страв кај граѓаните“, истакна Ковачевски.

Дел од говорот, Ковачевски посвети и на меѓуетничките односи, велејќи дека СДСМ никогаш нема да се откаже од градењето едно општество за сите граѓани, но искучиво преку почитување на европските вредности на солидарност, правичност, чесност и одговорност. Ги предупреди граѓаните да не подлегнуваат на реториката на која ја гледаме деновиве, која како што рече, е опасна и претставува закана за мултиетничкото ткиво на нашето општество,се наведува во партиското соопштение.

Николоски: На 8 мај потребна е масовна референдумска излезност за влада на ВМРО-ДПМНЕ

„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. “

„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. Наместо да одговара прашања, плаќаше ботови по социјални мрежи лично да ме навредуваат мене и моето семејство, народот му кажа што мисли за тоа. Но, морам да го прашам уште нешто затоа што се работи за злоупотреба на државни пари“, истакна носителот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4 Александар Николоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кавадарци.

Тој продолжи и додаде:

„Пендаровски до денес не одговори дали ќе ги користи или нема да ги користи привилегиите кои ги следуваат поранешните претседатели, еднаш невешто одговори дека за тоа ќе се изјаснел во 2029 година, ама очигледно ќе треба да се изјасни на 12 мај затоа што тогаш и официјално му завршува мандатот, тоа е четири дена после изборите и мислам дека е чесно и кога ќе дојде тука во Кавадарци да каже дали ќе е пензионер со најголема пензија во Македонија и поранешен претседател кој најдолго ќе ги користи народните пари. А во меѓувреме е фер да каже уште вечерва ако може дали е вистина или не од пусти мерак за претседателствувања ама и за користење на привилегии дека побарал да му се отвори вилата во Охрид и ќе седел следни пет дена таму да искористи уште некој ден покрај охридското езеро, дали е вистина ова Стево Пендаровски и дали е вистина дека со цело друштво одиш таму да поседите уште некој ден на државен трошок, одговори пред граѓаните“, истакна Николоски.

Тој истакна дека на 8 мај треба уште помасовно да се излезе, во уште поголем број и разликата во Кавадарци да е уште поголема и додаде дека е потребна масовна референдумска излезност на 8 мај за влада која нема да е уценувана од никого, за СДСМ во опозиција, за ДУИ во опозиција.

„Ве повикувам да ја прочитате нашата програма Платформа 1198, тие не размислуваа на проекти и не реализираа проекти, затоа ние ќе реализираме. Ќе реализираме и експресен пат од Кавадарци до Неготино и спојување на Кавадарци со автопатот. Ќе реализираме и отворање на граничен премин со Грција како би станало многу блиску да се патува помеѓу Кавадарци и Воден и да се спојат овие два дела на географска Македонија. Ќе ги помагаме земјоделците, за лозарите достоинствени цени за виното и рестартирање на Повардарие како би се срушил монополот во откупот на грозје и производството на вино подостоинствен живот за сите, повеќе субвенции и повеќе ред за сите. Затоа на 8 мај масовно да излезете“, дециден е Николоски, се наведува во партиското сооштение.

притисни ентер