Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска за време на ненајавената посета на Украина изјави дека земјите членки на таа алијанса не ги исполниле ветувањата за воена помош за Киев во последните месеци, но вети дека сега ќе се зголемат испораките на оружје и муниција.
„Ќе бидам многу искрен со претседателот Зеленски и во парламентот и ќе кажам дека сојузниците во НАТО не го исполнија она што го ветивме во последните месеци. САД потрошија шест месеци за да се договорат за пакетот, а европските сојузници не ја доставија муницијата што ја ветивме Но, сега сум убеден дека тие ќе ги променат работите“, рече тој во возот со кој отиде во Киев.
Тој рече дека очекува други „нови обврски“.
„Тоа ќе направи разлика - исто како што недостатокот на поддршка направи разлика“, рече тој, алудирајќи на неуспесите на Украина на бојното поле, според Ројтерс.
Тој исто така изјави дека „Русите платиле висока цена за маргинална територијална придобивка“ и оцени дека Украина сепак може да ги „сврти работите“.
„Не е доцна Украина да надвладее и затоа е толку итно сојузниците од НАТО да го сторат она што го ветивме и да ги претворат тие обврски во вистински испораки на оружје и муниција“, рече тој.
Столтенберг се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а треба да се обрати и во парламентот.
Ова е негова трета посета на Украина од почетокот на војната.