Неформална дводневна средба на Советот за општи работи на ЕУ

Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) денеска и утре ќе одржи неформално заседание, на кое централен настан ќе биде одбележување на 20-годишнината од големото проширување на Унијата на 1 мај 2004 година. 

Заседанието ќе започне вечерва со свеченост во Центарот за ликовни уметности „Бозар“ во Брисел со која ќе се одбележи годишнината од приемот на Естонија, Кипар, Малта, Летонија, Литванија, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка во Европската унија.

Работниот дел од неформалното заседание на ГАК ќе продолжи утре во чии рамки министрите или државни секретари на земјите членки на ЕУ задолжени за европски прашања ќе одржат серија работни сесии на кои ќе разговараат за процесот на проширување, вклучувајќи и за искуствата од проширувањето во 2004 година, за потребата од зајакнување на Унијата, како и инструментите на блокот за заштита на владеењето на правото.

Меѓу другото, предвидено е европските министри да одржат размена на мислења со претставници на земјите кандидати и аспиранти за членство на ЕУ за владеењето на правото во рамките на процесот на проширување.

На заседанието ќе стане збор и за важноста за почитување на владеењето на правото во рамки на Унијата, како и за потенцијални подобрувања на постоечките механизми на заштита на овој принцип и нивната ефикасност.

На состанок европските министри ќе разговараат и за иднината на ЕУ, при што се очекува да разменат мислења за потребните чекори и реформи за зајакнување на капацитетот за дејствување на Унијата.

Неформалните заседанија на Советите на ЕУ се средби на ресорните министри на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дебатира и се разменуваат мислења за различни теми и прашања по кои треба да се решава на формалните средби или на состаноци на други тела на Унијата. /МИА

Концерт на џез вокалистот Курт Елинг со Националниот џез оркестар во МНТ

Во Македонскиот народен театар, вечер со почеток во 20 часот, ќе се одржи концерт на џез вокалистот Курт Елинг со Националниот џез оркестар, под диригентска палка на Џијан Емин.

Елинг има вкупно десет номинации за Греми награди, од кои има освоено две награди за најдобар вокален џез албум за изданијата „Dedicated to you“ издаден во 2009 година, како и „Secrets are the best story“, издаден во 2021 година.

Во 2012 година е прогласен за прв почесен џез амбасадор на Шлезискиот џез фестивал во Полска, а добитник е и на германската награда Ехо џез и Шкотската награда за џез - меѓународна категорија. Во 2013 година е прогласен за Меѓународен џез -изведувач на годината на доделувањето на наградите „Jazz FM Awards“.

Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд со кој најчесто настапува, Курт Елинг бил и член на Квартетот на Бранфорд Марсалис.

Билетите за концертот може да се набават онлајн на страната на МНТ, како и на билетарницата на МНТ.

Седницата на Генералното собрание на ОН за резолуцијата за Сребреница е закажана за 23 мај

Седницата на Генералното собрание на Обединетите нации на која ќе се разгледува резолуцијата за Сребреница е закажана за 23 мај, објавено е на веб-страницата на Генералното собрание на ОН.

По две одложувања, денеска требаше резолуцијата да се најде на дневен ред, но изјаснувањето за тоа прашање е одложено за уште една недела.

Илон Маск повторно сведочи во истрагата на СЕК за преземањето на Твитер

 Американскиот федерален суд нареди дека Илон Маск мора повторно да сведочи пред Комисијата за хартии од вредност на САД (СЕК) за неговото преземање на Твитер за 44 милијарди долари.

СЕК го тужеше Маск во октомври за да го принуди извршниот директор на производителот на електрични автомобили Тесла и ракетната компанија Сепјс Икс (SpaceX) да сведочи откако тој одби да биде испрашан во септември за целите на истрагата. Милијардерот тогаш изјави дека СЕК се обидува да го „малтретира“ со бројни судски покани.

Истрагата се обидува да утврди дали Маск ги прекршил федералните закони за хартии од вредност кога купил акции на Твитер во 2022 година.

Исто така, се разгледуваат изјавите и поднесоците што ги дал во СЕК поврзани со договорот, објави агенцијата претходно.

притисни ентер