Двајца државјани на Македонија осудени за внесување фалсификувани бланко документи во Грција

Уапсени и осудени двајца државјани на Македонија за внесување фалсификувани бланко документи во Грција

Двајца државјани на Македонија биле уапсени во Грција, а потоа и осудени на затворска казна, откако грчката полиција во петокот при претрес на граничниот премин Дојран кај нив пронашла 599 фалсификувани бланко документи, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција соопштија дека двајцата мажи биле уапсени откако им била извршена проверка при влезот во Грција, а кај едниот, во поставата на јакната пронашле скриени вкупно 440 бланко документи (лични карти, возачки дозволи, дозволи за престој) од разни европски земји, кои биле одземени.

При претресот на возилото во багажникот биле пронајдени уште 159 празни документи, кои исто така биле одземени.

Грчката новинска агенција АНА-МПА објави дека Прекршочниот суд во Кукуш, двајцата уапсени ги прогласил за виновни за фалсификување и здружување со цел економска корист и биле осудени на затворска казна од пет години.

Според АНА-МПА двајцата обвинети за време на рочиштетот не откриле детали за нивните активности и се бранеле со молчење.

Анчелоти: Ова беше мојата најдобра сезона како тренер

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти даде оценка за сезоната која е во завршница.

Реал Мадрид синоќа во натпревар од 37. коло на Шпанското фудбалско првенство го победи Алавес со 5:0.

- Тимот има многу таленти, многу млади луѓе и многу квалитетен тим. Овој клуб може да одбележи ера во иднина со оглед на вредноста на младите играчи кои ги имаме во моментов. Ова беше мојата најдобра сезона како тренер. Тимот се претстави фантастично во Ла Лига, достојно и без никаков сомнеж ја освоивме титулата. Сите чекаа наш пад, но до тоа не дојде. Среќни сме и на седмо небо. Но, треба да продолжиме бидејќи сè уште не сме го одиграле најважниот натпревар, изјави Анчелоти за официјалниот сајт на клубот.

Реал Мадрид ја освои деветтата победа во низа во Ла Лига.

Тимот предводен од Карло Анчелоти, кој одамна ја обезбеди шампионската титула е лидер во поредокот со 93 освоени бодови.

Алавес е на 11. место со 42 бода.

Балетот „Заспаната убавица“ на фестивалот „Мајски оперски вечери“

На 52. „Мајски оперски вечери“ вечер од 20 часот на програмата е класичниот балет „Заспаната убавица“ на музика од Петар Илич Чајковски.

Диригент на претставата е Најер Нагуи - главен диригент на оркестарот на Операта во Каиро, кореограф е Виктор Јаременко од Украина, асистент-кореограф - неговата сонародничка Тетјана Белецка, а сценограф и костимограф на балетот е Миодраг Табачки од Србија.

Во главните улоги ќе настапат Марта Петкова и Никола Хаџитанев од Софиската опера и балет кои се добитници на голем број престижни награди и признанија. Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

-Повеќе од 100 години оваа класична балетска бајка за вечната борба помеѓу доброто и злото ја одушевува публиката на најголемите светски сцени. Сложените варијации, брилијантната изведба и чистата класична техника го прават овој балет од бајките врвен балетски бисер, соопшти Националната опера и балет.

Стејт департментот му префрли на Конгресот една милијарда долари помош за Израел

Американскиот Стејт департмент го информирал Конгресот за пакет помош оружје за Израел во вредност од милијарда долари, јавија американски медиуми повикувајќи се на анонимни извори.

Според нив, пакетот ќе вклучува тенкови, минофрлачи и оклопни тактички возила. Претседавачите и водечките членови на Комитетот за надворешни односи на Сенатот и Комитетот за надворешни односи на Претставничкиот дом на Конгресот на САД се оние кои ги разгледуваат главните договори за оружје со други земји.

Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела изјави дека ја одложил испораката на бомби до Израел поради стравувањата дека тие би можеле да бидат употребени во голема офанзива против градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.

Бајден го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да не започнува офанзива врз Рафа без да ја гарантира безбедноста на цивилите.

притисни ентер