Жителите на Ново Маало бараат согласност за реализација на проектот на „МГ Фешн“

​Жителите на населбата Ново Маало во Центар даваат целосна поддршка на денешната презентација на инвеститорот „МГ Фешн" за проектот кој е предвиден да се гради на парцелата спроти „Холидеј ин". 

Бараат општината да даде согласност за реализација на овој проект.

– По денешната јавна презенатација на планот од страна на инвеститорот, ние жителите на Ново Маало ја информираме јавноста дека целосно го поддржуваме презентираното. Драго ни е што инвеститорот најави целосно реализирање на сите обврски кон нас и очекуваме реализацијата на овој проект да почне во најбрз рок, посочуваат тие.

Од она што денеска беше презентирано, додаваат, може да се заклучи дека просторот целосно се уредува, а посебно, како што велат, е за поздавување најавата за изградба на голема зелена површина со фонтана во средината на паркингот со големина колку плоштад „Македонија".

– Ова ќе значи ново зеленило и уреден јавен простор, практично уште еден плоштад, но со многу зеленило, нагласуваат жителите на Ново Маало.

Ги осудуваат најавите и барањата на некои невладини организации за стопирање на проектот.

– Тие немаат право да одлучуваат за тоа како ние ќе живееме и заради неразумни барања да останеме да живееме во услови од 19 век. Овој план е добар, има многу јавен простор и места кои ќе бидат на сите граѓани, потенцираат во соопштението.

За утре најавуваат прес-конференција во 14 часот на паркингот кај Холидеј ин.

Комуналното претпријатие и вицепремиерот Груби во заедничка акција пред Рамазан Бајрам

Муслиманските верници утре го слават Рамазан Бајрам светиот месец во кој се верува дека се слави победата на верата над неверството, на доброто над злото на великодушноста над скржавоста. 

По тој повод се мијат и дезинфицираат џамиите како и просторот околу нив со цел побезбедно одбележување на празникот од ковид 19 пандемијата..

Во чистењето и дезинфекцијата што ја спроведе Комуналното претпријатие Скопје, синоќа се вклучи и првиот вицепремиер Артан Груби. Тој на фејсбук напиша:

„Вечерва заедно со општинските работници за хигиена ги чистиме, дезинфицираме и подготвуваме џамиите во Скопје во пресрет на Рамазан Бајрам“.

Како што соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје, направено било рачно и машинско миење на поголемите исламски верски објекти на територијата на градот Скопје како што се: џамиите Мурат Паша и Мустафа Паша во Старата скопска чаршија, Јахја паша во Чаир, џамијата Иса Бег на Бит Пазар, џамијата Дуќанџик, џамијата Хусеин Шах во Сарај и други“, се вели во соопштението.

Над 7.000 граѓани вакцинирани во штипскиот регионален пункт

Во регионалниот пункт во салата „Јордан Мијалков" во Штип досега се имунизирани над 7.000 граѓани. Само до 12 часот денеска се аплицирани 600 вакцини на кинеската „Синофарм".

Лекарката на регионалниот пункт во Штип, Дијана Коцева Миланова за МИА изјави дека од отворањето на пунктот, но и при имунизацијата на населението во пунктовите на здравствените домови во општините од штипскиот и струмичкиот регион над 10.000 граѓани примиле вакцина.

-Во нашиот пункт досега се пристигнати околу 14.500 вакцини, од кои дел се дистрибуирани и на здравствените домови во штипскиот и струмичкиот регион. Во моментов се имунизираат граѓаните над 60 години, кои имаат добиено порака од „Мој Термин" и се пријавиле на апликацијата на Министерството за здравство. Покрај вработените од штипските основни и средни училишта, од денеска се имунизираат и вработените во училиштата во Пробиштип, а од утре ќе ги вакцинираме и од Кочани, вели Коцева-Миланова.

Таа додаде дека на пунктот се примаат и лицата со хронични болести, како и вработените во останатата критична инфраструктура. Планирано е и денеска да се аплицираат над 1.500 вакцини. Во текот на денот телефонски се јавувале и граѓани над 55 години, кои имаат изразено интерес за вакцинација на апликацијата и како што вели ги информирале дека добиле порака да се имунизираат во петок, со што старосната граница почнува да се спушта.

Владата демантира дека премиерот Заев имал контакти или соработка со Пекер

 Владата денеска како лаги и манипулации ги оквалификува информациите дека премиерот Зоран Заев имал контакти со Седат Пекер.

-Премиерот Заев и неговото семејство немале и немаат никакви средби и соработки со споменатото лице. Категорично ги отфрламе како лаги и манипулации сите вести во кои премиерот Заев и неговото семејство се доведуваат во каква било врска со споменатото лице, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски одговарајќи на новинарско прашање на редовната прес-конференција.

Опозицијата деновиве излезе со тврдење дека, Седат Пекер, по кого има меѓународна потерница за трговија со дрога, изјавил оти имал лична средба со Зоран Заев.

За Седат Пекер опозицијата изнесе информации дека бил еден од повеќето криминалци кои добиле македонски пасош со украден идентитет.

притисни ентер