Жител од Горно Коњаре осомничен за обид за убиство и за напад врз полициски службеници

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, поради постоење основано сомнение дека тој ги сторил кривичните дела – Убиство во обид  и Напад врз службено лице .

Имено, 34-годишниот жител на село Горно Коњаре на 3 април со умисла се обидел да лиши од живот едно лице со кое претходно имале кратка вербална расправија. По расправијата, осомничениот отишол во неговиот дом од каде зел нож и го прободел оштетениот во пределот на слабината, нанесувајќи му тешки телесни повреди од животозагрозувачки карактер. Околу половина час подоцна, осомничениот сериозно се заканил дека ќе ги нападне четворицата полициски службеници кои постапувале по наредба да го лишат од слобода заради претходно стореното кривично дело. Кога полициските службеници дошле во неговиот дом, тој излегол на вратата, повторно држејќи нож во рацете. Еден од полициските службеници му наредил да го фрли ножот, но осомничениот одбил да го стори тоа и им се заканил. Полициските службеници се повлекле во дворот и застанале во близина на службеното полициско возило, а осомничениот започнал да им се приближувасо крената рака во која го држел ножот. Во тој момент, еден од полициските службеници му се приближил на осомничениот и со употреба на средства за присилба му ја фатил раката, ножот паднал на земјата и осомниченото лице било лишено од слобода.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство, да влијае врз сведоците или вештаците, како и дека ќе го повтори кривичното дело или ќе го доврши обиденото кривично дело, соопшти Обвинителството.​

Во Македонска Каменица гласаат 6641 лице, излезноста до 9 часот 3,55 проценти

Во Македонска Каменица во рамки на Претседателските избори 2024 денеска треба да гласаат 6641 лица, кои се регистрирани во избирачкиот список. Гласачките места во оваа Општина биле отворени навреме, а гласањето се одвива без било какви проблеми.

До 09:00 часот кога е направен првиот пресек за излезноста на граѓаните од Општинската изборна комисија соопштија дека 3,55 е процентот на граѓани кои го оствариле своето право на глас

- Од вкупно регистрираните гласачи до 09:00 часот гласале вкупно 236 лица или 3,55 проценти од гласачите во Македонска Каменица го искористиле своето право на глас, информираа од ОИК.

Гласањето, како што додадоа, продолжува на избирачките места на кои граѓаните можат да го дадат својот глас за еден од седуммината кандидати за Претседател на државата.

Во меѓувреме, Општинската изборна комисија во соседната општина Делчево соопшти дека до 09:00 часот таму гласале 818 лица од вкупно 14.490 регистрирани гласачи што во проценти изнесува 5,65 проценти. /МИА

Жиру следната сезона ќе игра во американската лига

Оливие Жиру следната сезона ќе игра во американската МЛС лига.

Прославениот француски репрезентативец веќе потпишал договор на една и пол година со Лос Анџелес.

Напаѓачот во кариерата постигна 57 гола на 131 натпревар за Франција, а во новиот клуб ќе му се приклучи на долгогодишниот репрезентативен колега, голманот Хуго Лорис со кој го освои Светското првенство во 2018 година.

Французинот уште во март постигна договор со тимот од Лос Анџелес, а сега договорот е и официјално потпишан.

Жиру кариерата ја започна во Гренобл, потоа играше за Тур, Монпеље, потоа Арсенал, Челси, додека претходните три години играше за Милан, со кој беше и шампион на Италија.

Оваа сезона во сите натпреварувања за Милан Жиру постигна 15 голови. /МИА

Шест повредени во руски напад врз Харков

Руски ракети погодија изутрината станбени згради при што се повредени шест лица во украинскиот град Харков, напиша локалниот регионален гувернер Олег Синегубов на Телеграм.

Според Синегубов, во нападот биле погодени три станбени згради, две канцеларии и гасовод во централниот дел на градот. Оштетени се најмалку 568 прозорци и 33 автомобили.

Игор Терехов, градоначалникот на Харков, за украинската телевизија изјави дека во нападот биле употребени две ракети С-300, кои не предизвикале значителна штета на станбените области.

Според руски медиуми, во нападот се погодени воените бази во Харков, каде биле стационирани украински војници.

Терехов рече дека продолжува работата за обновување на снабдувањето со гас. /МИА

притисни ентер