Зградата на Европскиот парламент во Стразбур се претвора во центар за тестирање на коронавирус

Седиштето на Европскиот парламент во Стразбур, Франција, привремено ќе стане центар за тестирање на коронавирус, објави претседателот на парламентот, Дејвид Сасоли.

„Ние сакаме да бидеме со нашиот град домаќин и неговите граѓани за време на ова тешко време“, порача Сасоли преку Твитер.

Се очекува парламентот до септември да одржува седници на интернет и во помал обем во својот втор дом во Брисел.

Извор во парламентот рече дека дел од седиштето во Стразбур им било ставено на располагање на француските власти за тест центар, со кревети и просторија за консултации.

Парламентот, исто така, ќе понуди дел од своите возила за транспорт на медицински персонал, изјави извор.

Градоначалникот на Стразбур, Роланд Рис, рече дека е „длабоко трогнат“ од овој чин.

„Оваа одлука е исто така симбол на взаемната помош што европските земји мора да ја изразат во борбата против коронавирусот“, се вели во соопштението на Рис во објавата на Твитер.

Источниот француски регион Алзас, во кој се наоѓа Стразбур, заедно со регионот Иле де Франс околу Париз, е најтешко погоден од Ковид-19, болест предизвикана од новиот коронавирус.

Некои пациенти од источна Франција биле пренесени во други француски региони и во Германија, Луксембург и Швајцарија на лекување.

притисни ентер