Зголемен бројот на издадени дозволи за градење, планирани нови 519 станови

 Во јуни годинава се издадени 273 одобренија за градење што е за 35,1 отсто повеќе во однос на истиот месец лани. 

Предвидената вредност на објектите изнесува 12.913.000.000 денари што е зголемување за 469 проценти.

Според Државниот завод за статистика, од вкупниот број издадени одобренија за градење, 142 или 52 отсто се за објекти од високоградба, 54 или 19,8 отсто се за објекти од нискоградба и 77 или 28,2 процента за објекти за реконструкција. Од вкупно 273-те објекти, на 159 или 58,2 отсто инвеститори се физички лица, а на 114 или на 41,8 отсто објекти инвеститори се деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 519 станови, со вкупна корисна површина од 45.634 метри квадратни.

-Зголемената предвидена вредност се должи на фактот дека во наведениот период се издадени одобренија за градење на објекти од нискоградбата со поголеми вредности, како магистралниот транспортен гасовод во Пелагонискиот регион, делница 5 од магистралниот гасовод во Полошкиот регион, биогасната и ветерна електроцентрала во Вардарскиот регион, далноводот од Битола до македонско-албанската граница во Југозападниот и во Пелагонискиот регион, наведува Државниот завод за статистика.

МВР: 597 прекршоци за неносење маски

Во текот на изминатото деноноќие (21/22.09.2020 година) на територијата на Република Македонија по однос на мерката за неносење лична заштита на лице регистрирани се 597 прекршоци. 

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид -19.

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја урива економијата, нема викенд без ДДВ, но има поткуп со картички

СДСМ ги доведе граѓаните до просјачки стап.

СДСМ и нивната неспособна влада предводена од Зоран Заев над 40.000 граѓани остави на улица.

Зоран Заев и неговата влада доведоа над 500.000 луѓе да живеат на работ на егзистенција.

Владата безмилосно и душмански ги задолжува граѓаните и наместо парите да одат за помош на невработените и бизнисот тие се наменети за картички кои се дел од заложбата на Заев за купи ден помини политика.

Нема ништо од најавената мерка на владата за викенд без ДДВ, а впрочем нема ни помош за стопанството. Еден месец по платежната картичка народот пак ќе биде гладен, а 100.000 ќе живеат со 50 денари на ден.

Еднократната помош и задолжувањето не се решение, затоа што власта не генерира раст на економијата.

Денес поради СДСМ имаме историски пад на БДП од 12.7% и намалени плати и тоа само за 6 месеци криза. Иако се потрошија 1 милијарда евра раст нема, нема ниту ефект за амортизација, напротив тоне државата.

И додека се оди во надолен тренд сметките за струја растат.

Додека народот осиромашува, мафијата на власт се богати.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

МОН: Со законските измени се овозможува непречено одвивање на наставата и во вонредни околности

Министерството за образование и наука (МОН) го поздравува донесувањето на измените на законите за основно и за средно образование со кои се овозможува непречено организирање на наставата и во услови на вонредни околности.

Со законските измени, што вчера ги донесе Собранието, за првпат во државата се овозможуваат исклучоци од редовниот воспитно- образовен процес и тоа во случаи кога има кризна состојба, прогласена епидемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди.

Исклучоците се прават во однос на започнувањето и завршувањето на учебната година односно учебната година може да започне и заврши во време различно од времето кога вообичаено започнува, за што ќе одлучува Владата.

– Во вонредни услови, со овие законски измени, наставата во основното и средното училиште ќе може да се организира со физичко присуство на учениците, или на далечина со примена на средства за електронска комуникација. Според измените на законите, организирањето на наставата со физичко присуство на учениците ќе биде можно, само ако, се исполнети критериумите и условите согласно протоколите и планот за одржување на наставата за основните и средните училишта, донесени од Владата, појаснуваат од МОН.

Измените на двата закона предвидуваат часот да трае пократко од 40 минути, заради поголема заштита на учениците кои ќе следат настава со физичко присуство, а предвидена и можност за кратење на наставните денови од 180 на најмалку до 100.

Од МОН посочуваат дека законските измени биле подготвени врз основа на студии од меѓународни организации како што се Светската здравствена организација (СЗО), Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), Меѓународната фондација на Црвениот крст (ИФЦР) и истражувањата поврзани со КОВИД-19.

За успешен почеток на учебната година, усвоени се протоколите и планот според кои во тек се подготовките во основните и средните училишта за почеток на наставата од први октомври.

притисни ентер