Претреси во Делчево, откриена група што фалсификувала пари

По пријава за сомнеж за извршено плаќање со фалисификувани пари, во продавница во Пехчево, полицијата открила случај на фалсификување банкноти во кој, според оперативни сознанија, биле вклучени неколку лица од Делчево.

-На 25.11.2020 од страна на А.К. од Пехчево околу 19.30 часот е пријавено кривично дело „фалсификување на пари" од чл.268 од КЗ. Имено А.К., продавачка во продавница пријавила дека во продавницата влегло машко лице и побарало една кутија цигари, но, бидејќи немало денари, платило со банкнота од 50 евра. Подоцна А.К. се посомневала дека банкнотата е фалсификат и случајот го пријавила во полициска станица. Од страна на ОВР Берово, по овластување на ОЈО Кочани, е извршен увид во продавницата и извршени се оперативни проверки, од кои е дојдено до сознание дека можен сторител е малолетник (17) од Делчево, а биле инволвирани и други лица, информира МВР.

На 26.11.2020 полициски службеници од ОВР Делчево извршиле претрес на три локации во Делчево и извршен е разговор со четири лица.

-Претрес е извршен кај С.М. (19) и во домови на двајца малолетници (17) и (16) од Делчево. Од извршените претреси одземени се лаптоп, три мобилни телефони и испечатани разни банкноти. Потоа во полициска станица извршен е разговор со уште еден малолетник (16) од Делчево, појаснуваат од МВР.

Оттаму најавуваат дека по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното обвинителство.

Пендаровски: Декриминализирање на марихуаната за медицински цели

​ Треба да се декриминализира марихуаната и веќе доцниме со заокружување на легислативата за производство и дистрибуција на маслото од канабис за медицински цели за што постои јасна стручно-медицинска поддршка. 

Но, за создавањето на законски претпоставки за комерцијална продажба на марихуаната одлуката не треба да се носи брзо и таа дебата треба да се води во стручните, а не во политичките кругови.

Ова го вели во интервју за Дојче Веле претседателот на државата Стево Пендаровски запрашан за став за поширокиот економски пакет, за кој премиерот Заев верува дека ќе ја живне домашната економија, меѓудругото и со легализација на марихуаната..

Тој појаснува дека пред извесен период премиерот го запознал со некои од тие проекти и притоа заеднички констатирале дека дел од нив можат да бидат потенцијално ризични во случај ако за нив нема поширока поддршка од стручната јавност и разбирање од граѓаните,

-Мој став е дека треба да се декриминализира марихуаната затоа што децении наназад ние се фокусиравме со ист интензитет на казнување и на оние кои ја користат дрогата за лични потреби и на оние кои ја дистрибуираат. Исто така, сметам дека веќе доцниме со заокружување на легислативата за производство и дистрибуција на маслото од канабис за медицински цели за што постои јасна стручно-медицинска поддршка. Меѓутоа, имам лична резерва кон создавањето на законски претпоставки за комерцијална продажба на марихуаната и сметам дека, прво, одлуката не треба да се носи брзо и второ, дека таа дебата треба да се води во стручните, а не во политичките кругови. При тоа, најбитно е во анализите да не биде калкулиран само економскиот профит, туку и евентуалните последици по здравјето на младите, како и можноста на тој начин да ја отвориме вратата за полесен влез на меѓународните нарко-картели во нашата земја, вели претседателот Пендаровски.

притисни ентер