Зетот го исполни аманетот, подарениот дрес на Симе Дуке го доби потписот на Панчев

Да се биде во елитата на фудбалски судии кому му се веруваше во поранешна Југославија е голема чест, но да се исполни желба на еден македонски судијски доајен по, ни помалку ни повеќе - цели триесет години е од непроценливо значење.

Повозрасните љубители на најважната споредна работа на светот со сигурност го паметат името на некогашниот делител на правда на зелените терени Симеон Дуковски – Дуке. Меѓу најдрагоцените подароци кој ги добил пред да замине во пензија во 1991 година бил дресот од фудбалската легенда Дарко Панчев.

Но од брзање и возбуда, Дуке изумил да му побара на Панчев да се потпише на дресот. Деновите минувале, а дресот залутал меѓу стотиците кутии од разни експонанти во неговиот дом и било тешко да се пронајде. Дуковски почина во 2012 година – но неговото семејство не се откажало да ја исполно неговата силна желба. И конечно успеа.

„Тој се опрости од фудбалот. После десетина години јас станав негов зет и случајно разбрав од него дека од прошталниот натпревар има таков дрес, но никогаш го немав видено. Дури ми спомна: Да, дресот ќе ти го дадам кога ќе имаш син. Јас син немам, имам само една ќерка. Дуке почина 2012 година, пред девет години. После 30 години почнавме да растураме нешто, да чистиме, и во еден заостанат шифоњер го најдовме дресот. Си реков, ова е шанса да го најдеме Дарко и да го исполниме аманетот од Симе да се потпише тој дрес и да остане кај нас во нашата фамилија како фамилијарно наследство.“вели Васил Стамболиски, зет на Симеон Дуковски - Дуке.

Последниот свиреж Дуковски го означил на 9 ноември 1991 година на ревијалниот натпревар помеѓу репрезентацијата на Југославија и репрезентацијата која ја составиле спортски новинари од Македонија.

Панчев се присети на тој натпревар кој бил еден вид увертира во подготовките на репрезентацијата за ЕУРО квалификациите од 1992 година. За Дуковски ќе каже многу, но пред се дека бил човек кој сите гостински екипи го посакувале за судија.

„Многу беше правичен, едноставно човекот си имаше свои принципи. Одличен судија, добро ги судеше натпреварите. Сите луѓе грешат, и јас и тој веројатно сме имале грешки но во принцип беше принципиелен таков да сакаше да го одработи максимално тоа што му беше задача. Не беше мала работа да бидеш судија во Прва југословенска лига, не можеше секој да суди. Од Македонија може биле 5-6 луѓе,изјави легендарниот фудбалер Дарко Панчев .

Барајќи по пишаните и фотографираните спомени, зетот на Дуковски сфатил со колку љубов и топлина бил опсипан неговиот дедо. Ни раскажа за еден интересен момент кога решил дресот да го сподели на социјалните мрежи на страна посветени за фудбалот во Југославија.

„На Фејсбук има една група, се вика „Историја екс-Ју фудбала“ и таму баш овој модел на дрес е направен како реплика и доста се продава. Кога го видов тоа, го закачив дресот како оригинал дека е од Дарко Панчев, дека е поклон на мојот дедо и веднаш почнаа да пишуваат дали го продавам, колку го продавам. Дури и администраторот на групата ми пиша, вика: Менувам десет реплики за тој дрес.“истакна Васил Стамболиски, зет на Симеон Дуковски - Дуке .

Како дете Дуковски сакал да стане фудбалер, но сфатил дека не го поседува потребниот талент па станал судија. Првиот официјален натпревар кој го судел бил на 9 август 1981 година - „жешкото“ дерби меѓу Динамо Загреб и Хајдук Сплит.

На крајот од оваа приказна со среќен исход, возбудено и помалку срамежливо неговата внука Марија побара да го овековечи моментот со фотографија од фудбалскиот великан. Дресот ќе остане да сведочи како доказ дека во очите на спортската фела Дуковски се уште е и ќе биде неизмерно ценет и почитуван.

Почна реконструкцијата на 110-киловолтниот делекувод Штип-Овче Поле

 АД МЕПСО денеска започна со реконструкција на основниот 110 киловолтен далекувод од Штип до Овче Поле во дложина од 17,88 километри, вреден 1,41 милион евра што треба да биде готов до крајот на октомври годинава.

Официјалниот почеток на изградбата на далекуводот денеска го означија премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски заедно со генералниот директор на МЕПСО Куштрим Рамадани и претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) Анди Аранитаси.

-Всушност станува збор за изградба на нов далекувод на постојната траса од стариот далекувод што е во функција од 1960 година кој ги поврзува трафостаниците Штип и Овче Поле во должина од 17,88 километри, поставен на 71 столб од кои 55 се бетонски, а 16 се челично-решеткасти. Изградбата на новиот далекувод опфаќа отстранување на старите бетонски столбови и изградба на нови челично-решеткасти столбови, како и замена на опремата на постојните 16 челично-решеткасти столбови, односно замена на старите со нови проводници, заштитно јаже и изолатори, рече директорот Рамадани.

Станува збор, за како што рече, капитален проект во кој АД МЕПСО вложува 1,41 милион евра што е поддржан со средствата од заемот од ЕБОР.

-Со реконструкцијата на овој далекувод значително ќе се зголеми доверливоста и капацитетот на преносната мрежа во источниот дел од државата и на минимум ќе се сведат трошоците за одржување и ќе се намалат загубите во преносната мрежа. Со инвестицијата се поддржува зелената транзиција на производството на електрична енергија од јаглен кој обновливи извори на енергија (ОИЕ), бидејќи на овој далекувод во иднина ќе биде приклучена ветерната централа Богословец со моќност од 36 мегавати, рече Рамадани.

Аранитаси од ЕБОР посочи дека средствата за реконструкција на далекуводот се дел од заемот на банката до МЕПСО од 25 милиони евра со кои се предвидува рехабилитација на четири трафостаници и седум 110-киловолтни далекуводи низ државата.

-Заедно овие проекти ќе придонесат за намалување на техничките загуби, оптимизација на преносните системи во регионот со цел да се обезбеди доверливост на мрежата и сигурност во напојувањето, како и натамошна интеграција на ОИЕ, создавајќи можности за тргување, пренос на резервни капацитети, поддршка на системот, зголемување на прекуграничната размена на електричната енергија и развој на регионалниот пазар, рече Аранитаси.

Тој посочи дека ја поздравуваат посветеноста на Владата кон зеленото сценарио на Енергетската стратегија и постепеното затворање на термоелектраните во Осломеј и Битола и целосното исфрлање на јагленот од употреба за производство на електрична енергија.

Министерот Бочварски рече дека станува збор за значајна инвестиција за регионот која ќе придонесе за економски раст и развој.

-Со реконструкцијата испраќаме јасна порака до сите инвеститори дека е јакнеме преносната мрежа и создаваме поволен инфраструктурен амбиент за сите потенцијални инвеститори што сакаат да го искористат економскиот потенцијал на овој регион. Изградбата на овој далекувод е од огромно значење за стабилноста на електричната енергија во целиот регион каде има многу компании кои имаат потреба од сигурна и стабилна енергија, рече Бочварски.

Додаде дека реконструкцијата на далекуводот е дел од изнвестицискиот циклус од 100 милиони евра на МЕПСО за модернизација на преносната мрежа.

Потсети дека се инвестира во реконструкција и модернизација на шест далекуводи во должина од 130 километри, минатата година целосно се завршија, како што рече, и обемните реконструкции на трафостаниците во Валандово, Осломеј, Дуброво и Прилеп, а во тек е реконструкција на трафостаниците во Битола, Струмица, Вруток и Скопје 4.

-Круна на оваа голема инвестициска активност на МЕПСО е проектот за изградба на нов 400-киловолтен далекувод од Битола до Елбасан и нова трансформаторска станица во Охрид, вредни над 35 милиони евра за кои веќе се склучени договори и течат подготвителните работи, нагласи Бочварски и додаде дека Министерството за транспорт и врски дава континуирана поддршка на сите овие проекти.

Премиерот Заев истакна дека денешното отпочнување на реконструкцијата на далeкуводот е неопходно за енергетската транзиција и замена на јагленот со ОИЕ, особено во штипско-светиниколското подрачје кое нуди одлични можности за производство на електрична енергија од сонце и ветер.

-Со реализацијата на предвиденото ја јакнеме преносната мрежа и создаваме погоден инфраструктурен амбиент за сите потенцијални инвеститори кои можат и знаат како да ги искористат економските потенцијали во нашата земја. Инвестицијата ќе донесе придобивки за населението и за реалниот сектор. Новата и модернизирана преносна мрежа значи инвестиција во подобро утре и олеснување на животот и работата на населението, рече Заев и додаде дека низ цела земја се одвиваат активности за реализација на големи проекти за реконструкција на преносниот систем и за изградба на нови интерконектори со соседните земји со кои ќе се овозможи пренос на енергија од Бугарија до Албанија и Италија.

Врските со соседите, како што нагласи, значат електроенергетска стабилност што е основа за секоја просперитетна економија.

Посочи дека годинава ќе се заврши и реконструкцијата на трансформаторската станица Скопје 4, која како што кажа, е многу важен енергетски јазол од каде се напојуваат со електрична енергија потрошувачите во Скопје и oколината, а во завршна фаза е и проектот за релејна заштита на хидроцентралите Вруток, Тиквеш, Глобочица и Шпилје.

Владата, потенцира, ги поддржува заложбите за осовременување на нашата татковина во сите полиња, најголем фокус во овој период покрај здравството е создавање услови за економски развој на долг рок, а токму ваквите инвестиции како денешната, како што рече, се трајни добра и за идните генерации.

Нова опрема за полициските службеници од Одделението за претходница и сообраќајно обезбедување

Нова опрема за полициските службеници од Одделението за претходница и сообраќајно ескортно обезбедување.

Триесет комплети, нова мотоциклистичка опрема, прв пат два вида на опрема зимска и летна, денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР, им предаде на Одделението за претходница и сообраќајно ескортно обезбедување при Одделот за заштита на определени личности и објекти.

Новата опрема, по 12 години, како што соопштија од МВР, е во насока на континуирано подобрување на материјално-техничките услови и стандарди на работата на полицијата за потребите на Одделението за претходница и сообраќајно ескортно обезбедување при Одделот за заштита на определени личности и објекти.

Станува збор за чизми, заштитни чевли, кациги, виндјакни, подјакни, пантолони, појаси, ракавици, рефлектирачки елеци, чија што вкупна вредност изнесува 3.988.230 денари односно по 132.931 денари за еден комплет.

– Практично со ваквиот континуитет и динамика во опремувањето на полицијата во изминативе четири години, Министерството за внатрешни работи од сопствени средства, од буџетот наменет за потребите на министерството, не само што го обновивме сето она што деценија и повеќе беше запоставено и недостасуваше за нормално работење на полицијата, туку уште повеќе – дел по дел, плански, генерално се подобри нивото и стандардите на материјално-техничката и инфраструктурна опременост на министерството во многу сегменти од неговото работење, се наведува во соопштението од МВР.

Заев: Постапка за избор на кандидати за градоначалници тргнува од анкети

 Ние оваа постапка ќе ја водиме јуни, јули, август, затоа  што септември прва половина е кампањата, а прва половина на октомври е првиот круг на изборите.

СДСМ во својата постапка за избор на кандидати за градоначалници тргнува од анкети, односно го проверува гласот на граѓаните што мислат тие за кандидатите, потоа централата прави селекција, и на крајот се општинските конференции во СДСМ за избор на кандидатите. Ние оваа постапка ќе ја водиме јуни, јули, август, затоа што септември прва половина е кампањата, а прва половина на октомври е првиот круг на изборите.

Ова го изјави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев денеска во Штип по означувањето на почетокот на изградбта на далекуводот Штип – Овче Поле на новинарско прашање за номинацијата на кандидати за градоначалници во контекст на претстојните локални избори. За состаноците на генералниот секретар на СДСМ и потпретседателот на Владата Љупчо Николовски во партијата со градоначалниците, рече, се во насока на комплетно ревидирање, отчететност и позитивен притисок за реализација на ветените проекти, но и како дел од политиките на Владата.

-Со нас се овде двајца успешни градоначалници коишто знаат макар и еден проект повеќе е добробит за народот. Разговорите течат токму во овој правец, но секако ги користиме сите можности да анимираме општините да ги следат владините политики пред се, алатките за транспарентност, за отчетност, борба против криминалот и корупцијата, сето тоа што претставува инклузивен процес на достапност до граѓаните за решавање на нивните проблеми, разговорите се движат во овој правец, додаде Заев.

-Јас соопштив мислење за 10 градоначалници, пред две, три недели, којшто го кажав како мој став во моментот кога ме прашаа новинарите за ова прашање. Има многу успешни градоначалници во државата, дополни тој.

Заев нагласи дека тој е само еден од огромното мнозинство коешто прави избор во СДСМ. -Но еве штипјани прават избор за делот на нивниот градоначалник, граѓаните на Свети Николе за она што се однесува за нивниот градоначалник, рече премиерот Заев.

притисни ентер