Земјоделците во Кочанско ќе добијат околу 8,3 милиони денари преку поддршката за „зелена нафта“

Во просториите на Подрачната единица за земјоделство, шумарство и водостопанство во Кочани почна распределбата на вредносните ваучери со кои се субвенционира набавката на гориво за земјоделска механизација.

Во евиденцијата на службата се регистрирани над 2.400 земјоделски стопанства во општините Кочани, Зрновци и Чешиново-Облешево, кои поднеле електронски барања до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој по Програмата за 2023 година. Вкупната финансиска поддршка за нив ќе изнесува близу 8,3 милиони денари.

-Земјоделците можат лично да ги подигнат картичките кај нас, при што неопходно е да приложат документ за идентификација. Со ваучерите, односно со картичките ќе можат да набават гориво на која било бензинска пумпа на „Макпетрол“, најдоцна до 30 април 2024 година. Ако им преостанат средства што не ги искористиле, после тој рок ќе им бидат блокирани. Поединечниот износ што ќе го добие секој земјоделец како субвенција за горивото е во зависност од површината што претходно ја пријавил дека ќе ја обработува, истакна Горан Миладинов, раководител на Подрачната единица за земјоделство во Кочани.

За да можат да ја добијат финансиската поддршка за купување дизел гориво, земјоделците треба да ги имаат платено обврските за воден надоместок кон АД Водостопанство.

Со мерката на Министерстовото за земјоделство за набавка на „зелена нафта“ се опфатени близу 49 илјади земјоделци во целата држава за кои е обезбедена сума од 275 милиони денари од програмата за финансиска поддршка во земјоделството.

Активистите кои ја обоија Бранденбуршката порта, со закана за маратонот во Берлин

Активисти од германското движење Letzte Generation се закануваат дека ќе го затворат Берлинскиот маратон во недела, една недела откако со спреј го бојадисаа споменикот кај Бранденбуршката порта, целта на настанот.

„Ќе го прекинеме маратонот. Не можеме да побегнеме од климатската катастрофа“, велат од движењето, без да наведат дополнителни детали. Letzte Generation веќе се обиде на 12 септември, во заедничка акција со француското движење Derniere Renovation, да го прекине фудбалскиот натпревар меѓу Германија и Франција во Дортмунд.

Акцијата не успеала, а пред тоа биле уапсени четворица активисти.

Меѓутоа, во неделата, активистите успеаја да ја испрскаат Бранденбуршката порта, најпознатиот споменик во Берлин, за да повикаат на забрзување на излезот од фосилните горива и поактивна борба против глобалното затоплување. Чистењето на портата, изградена на крајот на 18 век, сè уште не е завршено бидејќи е неопходно да се нанесе специјален производ за отстранување на обоените честички на блоковите.

„Се надеваме дека нема да се случи ништо лошо во однос на демонстрациите, но имаме планови да се справиме со такви случаи“, рече Јирген Лок, генерален директор на маратонот.

„Организаторите и берлинската полиција работат заедно за да обезбедат непречено одвивање на трката“, додаде тој, апелирајќи „секој што има намера да протестира да не се меша директно во настанот“.

Татко - херој: Се удавил додека го спасувал својот син (ВИДЕО)

Американецот Гери Симард (44) се удавил на плажа во Масачусетс додека се обидувал да го спаси својот син.

Тој кобниот ден бил на плажа со семејството. Неговиот син пливал во океанот, кога струите наеднаш го одвлекле од брегот во длабочините.

Гери го слушнал како вика за помош, а потоа се втурнал во водата за да го спаси.

Неговиот син бил извлечен на безбедно од двајца пливачи, но Гери за жал се удавил.

Лекарите од Итната помош се обиделе да го реанимираат на плажата, бил префрлен во болница, но сепак починал.

Семејството на Гери го опишале како голем херој кој живеел за своите деца.

"Мојот син е херој. Го спаси својот син и го загуби животот", изјавила неговата мајка Линда.

Зад себе ги остави сопругата и четирите деца, објави Њујорк Пост.

Европската Комисија ќе обезбеди помош од 500.000 евра за Нагорно Карабах

Европската комисија ќе обезбеди хуманитарна помош од 500.000 евра за поддршка на населението погодено од воените операции во Нагорно Карабах.

Во соопштението на ЕК се наведува дека помошта од ЕУ е наменета за жртвите да ги задоволат нивните основни потреби. Вонредното финансирање е како додаток на хуманитарната помош од 1,17 милиони евра што ЕУ ја посвети на почетокот на годинава за решавање на кризата во Нагорно Карабах, се наведува во соопштението за медиумите, а пренесува порталот „Ерменија Ајкор“.

„Ескалацијата на конфликтот во Нагорно-Карабах имаше сериозни последици за цивилното население. Како одговор, ЕУ обезбедува дополнителни 500.000 евра итна хуманитарна помош за поддршка на раселените лица. Ние внимателно ја следиме ситуацијата на терен и сме подготвен да понудиме дополнителна помош“, изјави еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.

Тој ги повика сите страни во конфликтот да обезбедат непосреден и непречен пристап до хуманитарните организации. ЕУ е во близок контакт со хуманитарните партнери на терен и е подготвена да одговори на новите хуманитарни потреби во случај на натамошна ескалација, се заклучува во соопштението на ЕУ, која обезбеди повеќе од 21 милион евра хуманитарна помош за Ерменија и Азербејџан од ескалацијата на конфликтот во 2020 година.

По новиот бран конфликти, вчера беше постигнат договор за прекин на огнот меѓу азербејџанските вооружени сили и ерменските трупи во отцепениот регион Нагорно-Карабах, населен главно со Ерменци.

Договорот беше постигнат со посредство на рускиот мировен контингент, откако официјален Баку започна „антитерористичка операција“ во Нагорно-Карабах за да го врати уставниот поредок во областа контролирана од ерменските сепаратисти.

притисни ентер