Земјоделците кои ги загубиле или оштетиле картичките за зелена нафта до 12 јуни да ги пријават во подрачните единици на МЗШВ

На оние земјоделци кои правно – законски се стекнаа со право на користење на мерката „зелена нафта" и на кои картичките им се во ред, ќе им бидат надополнети со нови средства.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјодделството и руралниот развој ги повикува сите земјоделци кои минатогодишните картички за „зелена нафта", ги оштетиле или загубиле, најдоцна до 12 јуни да се пријават во подрачните единици на МЗШВ, од каде лани им беа доделени, се со цел да им се изработат нови.

На овој начин, како што вели директорот Николче Бабовски, Агенцијата ќе има увид на кои корисници картичките им се неупотребливи и навремено, преку економскиот оператор ќе може да им изработи нови картички.

Според него, нови картички ќе добијат и оние земјоделци кои првпат оваа година се стекнале со право на користење на оваа мерка.

– На оние земјоделци кои правно – законски се стекнаа со право на користење на мерката „зелена нафта" и на кои картичките им се во ред, ќе им бидат надополнети со нови средства. Кој колку средства ќе има на картичките ќе зависи од видот на производството и од културата која ја пријавиле за субвенции. Со персонализираната картичка за „зелена нафта" и со расположливите средства ќе може да се точи исклучиво „еуродизел" гориво за земјоделска механизација, посочи Бабовски.

Годинава, додаде, преку оваа мерка се покриваат 50 отсто од производниот трошок кој е утврден согласно методологијата, а на сметките на околу 60.000 земјоделци ќе бидат вратени 280.000.000 денари.

– Со овие средства, директно влијаеме на намалување на производствениот трошок што го имаат земјоделците, а со тоа го правиме домашното земјоделско производство поконкурентно на пазарите, потенцира Бабовски.

Тевез итно пренесен во болница

Поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез синоќа беше примен во болница со силни болки во градите. 

40-годишниот поранешен напаѓач, кој моментално е тренер на локалниот клуб Индепендиенте, беше пренесен во болница во Буенос Аирес откако се почувствувал лошо, но првичните тестови не покажале ништо сериозно за неговата состојба.

-Нашиот тренер Карлос Тевез беше примен во болницата „Ла Тринидад“ во Сан Исидро со болки во градите. Тој ги направи соодветните тестови и тие беа задоволителни. Денеска тој ќе продолжи со нова серија на однапред планирани тестови како дел од поопшт преглед, се вели во официјалното соопштение од клубот, кој ја потврди ситуацијата.

Според локалните изданија, проблемите на Карлос Тевез се поради стрес.

Поранешниот репрезентативец на „гаучосите“ боледувал од висок крвен притисок и редовно се подложувал на тестови и се следи неговата состојба.

Ова доведе до шпекулации во локалниот печат за можноста тој да ја заврши тренерската кариера во обид да го намали притисокот и стресот околу него.

Се уште не е јасно дали Тевез ќе присуствува на денешниот тимски тренинг. /МИА

Мбапе подготвен да игра на нова позиција во Реал Мадрид

Напаѓачот Килијан Мбапе ја прифатил улогата за која е планиран по трансферот во Реал Мадрид, тврди „Ас“. 

Иако официјално не е објавен трансферот на фудбалерот од Пари Сен Жермен, на „Сантијаго Бернабеу“ веќе размислуваат како Французинот најдобро ќе се прилагоди во составот следната сезона.

За време на неговиот престој со парижаните, напаѓачот јасно стави до знаење дека претпочита да игра на левото крило на нападот на тимот, што му овозможува да се потпира на повеќе слободни простори на предните позиции. Во Реал оваа улога вообичаено му се доделува на Винисиус Јуниор, а ова е претпочитана позиција и за Родриго.

Сепак, според „Ac“, Мбапе е подготвен да игра повеќе во центарот на нападот како број 9 следната сезона, а тоа се поврзува и со неговата голема желба да ја освои „Златната топка“, бидејќи оваа позиција се смета за поволна за реализација на повеќе голови.

Францускиот репрезентативец оваа сезона постигна 41 гол на 43 натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања. /МИА

Инцидент во грчкиот Парламент – пратеник физички нападна друг пратеник

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Независниот пратеник Константинос Флорос, кој беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, претпладнево физички го нападнал пратеникот од Грчко решение Василис Граменос во Парламентот, пред салата во која се одржува пленарната седница, јави дописничката на МИА од Атина.

На инцидентот му претходела вербална расправија во самата сала, што во ходникот се претворила во физичка пресметка, кога Флорос со тупаници го нападнал Граменос.

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за инцидент без преседан во Парламентот.

Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас за насилното однесување на пратеникот побара највисока казна предвидена со правилникот на работа, односно исклучување на Константинос Флорос од Парламентот на 15 дена, а паралелно ќе биде побарано и одземање на пратеничкиот имунитет и кривично да одговара.

Флорос на изборите во јуни минатата година беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, која подоцна ја напушти и стана независен пратеник.

Спартанци се поврзува со поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис кој издржува затворска казна./МИА

притисни ентер