Четириесет и едногодишен скопјанец осомничен за подметнување пожар

Четириесет и едногодишен скопјанец осомничен за подметнување пожар во просториите на Адвокатската комора.

Четириесет и едногодишен скопјанец е осомничен дека подметнал пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ и на тој начин предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размер. За него е предложена мерка притвор која ќе почне да се применува кога ќе биде пронајден и лишен од слобода, а во меѓувреме по него ќе биде распишана потерница.

-Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.На 25 ноември осомничениот со умисла подметнал пожар во просториите на Адвокатската комора на РСМ на ул. “Методија Шаторов – Шарло”, предизвикувајќи на тој начин значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од поголеми размери, информираат од Републичкото јавно обвинителство.

Една недела претходно осомничениот набавил секира со гумирана рачка, плинска запалка, заштитни ракавици и 48 коцки за потпалување со керозин. На критичното утро, со сопственото возило дошол во близина на зградата каде се сместени просториите на Адвокатската комора, маскиран со “фантомка” и со секирата ја скршил влезната врата. Коцките керозин ги наредил на скалите, а врз нив ставил повеќе плински боци и со употреба на плинската запалка ги потпалил. Со тоа предизвикал пожар од поголем обем во станбената зграда. Причинетата штета се проценува на околу 9.255.000 денари. Само 30-тина минути по настанот осомничениот веднаш со сопственото возило, преку граничниот премин “Блаце” ја напуштил државата.

-Фактот што тој се крие и е недостапен за органите на прогонот, можноста да го повтори делото или да ја попречи постапката со влијание на сведоците се основи поради кои јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, велат од Обвинителството.

Мерката ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а во меѓувреме по него ќе биде распишана потерница.

Герасимовски: Бесплатниот транспорт до болница за лицата со попречености искористен 197 пати

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попречености од Општина Центар се одвива во континуитет. 

Откако е почнат проектот во месец февруари 2024 година, реализирани се вкупно 197 превози, со што значително е олеснето секојдневието на семејствата што имаат членови со некаква попреченост.

Герасимовски, го посети четириесет и девет годишниот Роберт, лице со мултипла склероза и попреченост за да види како се имплементира проектот во соработка со Црвениот Крст на Град Скопје.

„Роберт е сопруг и татко на две прекрасни малолетни ќерки кој дава сѐ од себе да ги истурка на вистинскиот пат. Роберт е лице со мултипла склероза и попреченост, но со голема желба за посреќен живот. При вчерашната заедничка средба се воодушевив од неговиот позитивен став за животот - животна филозофија којашто сите ние мора да ја практикуваме без разлика на состојбата во која се наоѓаме. Роберт е задоволен од проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попреченост од Општина Центар. На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември Ве уверувам дека нема да се откажам од грижата за лицата со попречености, како што и самиот Роберт вели „нема откажување, одиме заеднички до подобар живот“, истакнува Герасимовски.

Проектот предвидува превоз до здравствените установи со наменски возила за корисници за лица над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар-Скопје, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни).

Општина Центар, продолжува да вложува во проекти што ја зајакнуваат социјалната и здравствената заштита за граѓаните.

Граѓаните кои имаат потреба од користење на оваа услуга, потребно е својот превоз да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ, секој ден (од понеделник до петок), од 06:00 до 00:00 часот. Со остварување на 1 телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација.

Термин за превоз се закажува по принципот “прв дојден прв услужен”, а транспортот се врши од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Корисникот при закажување на термин за користење на наменско возило потребно е да даде целосни и вистинити податоци и тоа:

– Лични податоци (име и презиме, телефонски број за контакт и сл.)

– Потребата за користење на придружба за време на превозот со наменско возило и доказ за закажан термин во здравствена установа. Краток опис на здравствената состојба и/или состојбата во кој се наоѓа и причината заради која има потреба од превоз со наменско возило (доколку корисникот е подвижен превозот ќе се реализира со мало наменско возило, а доколку корисникот е неподвижен превозот се вржи со специјално наменско возило)

– Адресата на живеење, односно адресата од која е потребно да се реализира превозот, како и назив, како и адреса доколку ја поседува оваа информација на институцијата до која бара да биде превезен, датум и час на превозот, а во случај на потреба и временски период за враќање

- Податоци за лице и телефонски број на кој ова лице ќе биде контактирано во случај на итна потреба. Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на 1 година но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст на Република Северна Македонија.

Општина Центар

Блинкен оди на последниот состанок на НАТО, на врвот на агендата - поддршката за Украина

 Американскиот државен секретар Ентони Блинкен заминува на својот, можеби последен состанок на НАТО во Брисел каде денеска и утре - во фокусот на состаноците на министрите за надворешни работи е зајакнувањето на сојузничката поддршка за Украина.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен заминува на својот, можеби последен состанок на НАТО во Брисел каде денеска и утре - во фокусот на состаноците на министрите за надворешни работи е зајакнувањето на сојузничката поддршка за Украина пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа во јануари.

Блинкен ќе разговара за трансатлантските безбедносни приоритети, вклучително и поддршка на борбата на Украина против руската инвазија, продлабочување на соработката со јужните партнери на НАТО на Блискиот Исток, Северна Африка и подготовка за претстојниот самит во Хаг. Претседателот во заминување Џозеф Бајден нема да биде на функцијата кога лидерите на НАТО ќе се соберат на нивниот следен самит во јуни, но тој ги засили испораките на оружје за Украина во последните месеци и исто така ги олесни ограничувањата за тоа како Киев може да го користи оружјето.

Блинкен од Брисел ќе отпатува за Малта, каде в четврток ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

притисни ентер