Здраво Македонијо - 03.07.2025 - дел 1 - Канал 5

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ живее во балон и не ја гледа реалноста, граѓаните се незадоволни и тоа ќе го покажат на избори

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вчеерашното гостување на Канал 5 зборуваше за растечкото незадоволство кај граѓаните од владата на ВМРО-ДПМНЕ и падот на нивната популарност кој веќе се забележува.

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ живее во балон и не ја гледа реалноста, граѓаните се незадоволни и тоа ќе го покажат на избори

„Кога ВМРО-ДПМНЕ паѓа со гласови, тоа анкетите не го покажуваат. Има сериозни тенденции на пад на популарноста на владата, незадоволство од тоа како се управува со државата,“ рече Филипче.

Тој потсети дека јавноста веќе видела низа корупциски скандали, но дека уште поважно е влошувањето на животот на граѓаните. „Ние само објавивме низа корупциски скандали, но факт е дека државата стагнира на секое поле.

Тоа што паѓа стандардот на граѓаните, квалитетот на животот, цените што се во плафон си го прават своето. Немојте да мислите дека граѓаните тоа не го препознаваат и нема да го изразат на изборите,“ истакна Филипче.

Според него, владата сериозно греши ако мисли дека незадоволството на граѓаните не се чувствува. „Сметам дека многу греши владата и дека живее во некој балон, ако не ги гледа тие тенденции, тоа незадоволство од граѓаните,“ нагласи Филипче.

Во однос на претстојните избори, тој истакна дека СДСМ се фокусира на промоција на најдобрите и најкредибилните кандидати. „Сега јас не би шпекулирал со број на гласови. Даваме сè од себе да ги промовираме најдобрите кандидати, да им кажеме на граѓаните дека тие наши кандидати имаат и кредибилитет и дека може да ги реализираат своите ветувања, дека ќе бидат отворени, транспарентни, дека ќе работат чесно,“ рече Филипче.

„Ова е нашата цел и верувам дека граѓаните тоа ќе го препознаат,“ заклучи тој.

Поранешниот бразилски претседател Болсонаро обвинет за уништување на демократскиот поредок

 Поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро е обвинет дека е главниот актер зад „најсериозните дејствија за уништување на демократскиот уставен поредок“, се наведува во покренатото обвинение против него, јавува ДПА.

Поранешниот бразилски претседател Болсонаро обвинет за уништување на демократскиот поредок

Во документ од 517 страници од Канцеларијата на државниот обвинител на Бразил, што вчера му беше доставен на Врховниот суд, исто така, се наведува: „Вршејќи ја највисоката функција во републиката, тој го инструментализираше државниот апарат и намерно спроведе одржлив систем на напади врз јавните институции и процесот на наследување“.

Десничарскиот популист е на судење за наводно планирање обид за државен удар против владата на неговиот наследник, Луиз Инасио Лула да Силва, по неговиот пораз на изборите во 2022 година.

Одлуката дали Болсонаро и неговите сообвинети ќе бидат осудени или ослободени се очекува во септември, потсетува ДПА.

„Сите обвинувања се лажни. Никогаш не сум ја прекршил демократијата или уставот“, рече Болсонаро на X, дури и пред државниот обвинител да ги презентира конечните обвиненија.

Тој го опиша судењето како „лов на вештерки“, повторувајќи го терминот што го употреби поранешниот американски претседател Доналд Трамп минатата недела кога изрази поддршка за својот јужноамерикански сојузник.

Трамп, исто така, објави дека, почнувајќи од 1 август, ќе воведе царина од 50 отсто за увоз на производи од Бразил, наведувајќи ги постапките на бразилското судство против Болсонаро како една од причините за ваквиот чекор, потсетува германската агенција.

Како одговор, бразилскиот претседател Лула потпиша декрет со кој се повикува на таканаречениот Закон за реципроцитет, што му овозможува право на контрамерки во случај на трговски ограничувања од другите земји.

МВР распиша оглас за 150 полицајци

Министерството за внатрешни работи распиша конкурс за прием на 150 униформирани полициски службеници.

МВР распиша оглас за 150 полицајци

Полицијата ги повикува сите млади непартиски членови под 25 години мажи и жени со висина од минимум 170 и 160 сантиметри, со завршено средно образование и не им е изречена правосилна казна, да се пријават на огласот за кое работно место ќе претходи едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука.

-Да се биде полицаец е повик а не обична професија. Затоа придружи не се, прифати го својот повик, биди полицаец. Ако се одлучиш да го следиш својот повик, да го прифатиш предизвикот, те очекува едногодишен интензивен процес на образование, тренинг и обука, соопшти МВР.

Според нив, полицијата е клучна во едно општество бидејќи, како што велат, таа е гарант на безбедноста, сигурноста и владеење на законот што се основа за напредок и економски просперитет на државата и сите граѓани во неа. Апелираат сите храбри, чесни, солидарни и со висок морал, интегритет и дисциплина да се пријават на конкурсот.

притисни ентер