Заврши претпоследниот ден од расправата по Предлог-буџетот, продолжението в понеделник

Собраниската комисија за финансирање и буџет вечерва ја прекина амадманската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година и продолжението го закажа за понеделник.

Денешниот, шести ден од амандманската расправа, помина во разгледување на амандмани од кои повеќето се однесуваа на изградба на регионални и локални патишта и на водоснабдителни системи.

Министерството за финансии прифати неколку амандмани, но во видоизменета форма. Со еден се бараше пренамена на финансиски средства во Министерството за транспорт и врски кои ќе бидат наменети за изготвување на техничка документација за изградба на технички пат до депонијата во општина Новаци, а со друг да се одвојат средства за проширување на улицата од плоштадот во Штип до мостот кај хотелот Оаза со што ќе се олесни сообраќајот во ударните термини и ќе се зголеми безбедноста на пешаците. Беше прифатен и амандман од опозицијата со кој се бараше да се реализира проект за алтернативни извори за водоснабдување на Охрид.

Во текот на попладневниот дел од расправата беа повлечени неколку амандмани од страна на предлагачите.

Во понеделник е последниот ден од амандманската расправа по што Предлог-буџетот треба да оди на пленарна седница.

За Предлог-буџетот беа поднесени вкупно 263 амандмани од кои околу 200 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.

Санкционирани 109 возачи на територијата на СВР Тетово

Санкционирани се 109 возачи на територијата на СВР Тетово при денешната акциска контрола, информираат од Министерството за внатрешни работи.

– Во периодот од 11 до 17 часот, Секторот за сообраќајни работи и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, спроведоа акциска контрола на територијата на СВР Тетово за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. При контролата санкционирани се 109 возачи. Од нив, 22 за возење без возачка дозвола, 44 за непрописно вградени фолии – затемнети стакла, шест за истечена важност на регистрација и осум мерки кон возачи кои вршат јавен превоз на патници. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци, се појаснува во соопштението на МВР.

Оттаму наведуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

Во соопштението се апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да се придонесе за побезбедни патишта.

Папата ги повика Израелците и Палестинците на дијалог во потрага по мир

Папата Франциско ги повика Израел и Палестинците на дијалог во потрага по мир и го осуди неодамнешното насилство во регионот.

По неделната молитва во Рим, Папата рече дека е длабоко тажен поради веста за убиените Палестинци во израелските антитерористички операции и смртта на израелските Евреи во нападот на синагога во петокот.

„Со голема болка ги слушам вестите што доаѓаат од Светата земја. Спиралата на смртта, која расте секој ден, ја убива малата доверба што постои меѓу овие два народи“, рече тој.

„Ги повикувам двете влади и меѓународната заедница и барам од нив веднаш, без губење време, да најдат други начини, кои вклучуваат дијалог и искрена потрага по мир“, додаде Папата.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети силен, брз и прецизен одговор на нападот на синагога во предградијата на Ерусалим, а израелската армија испрати уште војници на окупираниот Западен Брег.

Нападот во Ерусалим следи по израелската воена операција во градот Џенин на Западниот Брег во четвртокот, во која загинаа девет Палестинци, вклучително и седум вооружени лица, и прекуграничниот оган меѓу Израел и Газа во петокот. Најмалку 30 Палестинци, милитанти и цивили, се убиени на Западниот Брег од почетокот на јануари.

Средба на Спасовски и Демерџиев утре во Скопје

Како што соопшти МВР, изјави од министрите не се предвидени, а на крајот од официјалната средба ќе биде објавено соопштение за медиумите.

Вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи на Република Бугарија Иван Демерџиев со придружна делегација, утре, ќе престојува во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Република Македонија во рамки на која ќе се сретне со неговиот колега, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Како што соопшти МВР, изјави од министрите не се предвидени, а на крајот од официјалната средба ќе биде објавено соопштение за медиумите.

Посетата на Дерменџиев беше најавена во петокот, по телефонскиот разговор на премиерите на Бугарија и на Македонија, Галаб Донев и Димитар Ковачевски, посветен на актуелните случувања во односите меѓу двете земји. Прес-службите на двете Влади соопштија дека двајцата премиери разговарале за потребата претстојните празнувања на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, да се одвиваат мирно и непречено.

Во таа насока, за утре, беше најавена посетата на вршителот на должноста вицепремиер и министер за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев и претседателот на државната агенција „Национална безбедност“ Пламен Тончев, кои ќе имаат работна средба со своите македонски колеги во Скопје на која ќе ги прецизираат заедничките активности за да се гарантира мирно и безбедно одбележување на 4 февруари.

притисни ентер