Започнува Соборот на СПЦ, се очекува став за разговорите со МПЦ-ОА - Канал 5

Започнува Соборот на СПЦ, се очекува став за разговорите со МПЦ-ОА

Со свечености во Сремски Карловци денеска ќе започне седница на Соборот на Српската православна црква (СПЦ), додека работниот дел треба да продолжи во Белград.

Започнува Соборот на СПЦ, се очекува став за разговорите со МПЦ-ОА

По тоа се очекува да биде соопштено до каде е дојдено во разговорите со Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).

Како што јави дописникот на МИА од Белград, поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфириј, денеска со владиците ќе отслужи литургија во Соборниот храм „Свети отец Николај" во Сремски Карловци, а нешто подоцна ќе се одржи и прослава по повод стогодишнината од обновата на Српската патријаршија.

Годишната седница на Соборот на СПЦ редовно се одржува во мај и на неа присуствуваат владици од Србија и странство. На Соборот се одлучува со мнозинство гласови, а гласот на патријархот е пресуден само кога тој однос е изедначен, но добива на тежина со неговиот личен авторитет. На крајот од седницата Соборот издава соопштение за донесените одлуки, но не се исклучени и соопштенија во текот на нејзиното одржување за некои особено важни прашања.

Како што пренесуваат српските медиуми, јавност во Србија на почетокот на неделава од македонските медиуми дознала за „тајни разговори меѓу СПЦ и МПЦ-ОА", но и дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ја призна нашата Црква за канонска „под името Охридска архиепископија". Сепак, како што посочуваат белградските медиуми, конечниот статус на МПЦ-ОА „допрва треба да се утврди", а разговорите на црковната релација Белград – Скопје продолжуваат.

Според српските медиуми, со својата одлука „за канонско признавање на Охридската Архиепископија", патријархот Вартоломеј дејствувал како „прв по чест" кој ги решава недоразбирањата меѓу црквите и дека преку признавањето на МПЦ за канонска „сака да ги преземе нејзините епархии во странство".

Засега отсуствува реакција на СПЦ на одлуката на патријархот Вартоломеј, освен изјавата на зворничко-тузланскиот епископ Фотиј од 6 мај, пред објавата на одлуката на патријархот Вартоломеј, кој потврди дека имало средба меѓу претставници на двете цркви.

– Можно е овој месец на мајскиот собор на СПЦ во Белград, МПЦ, односно Охридската Архиепископија, да се врати во канонско единство со СПЦ и со тоа да се реши расколот од 1967 година. Деновиве како дел од Синодот на СПЦ, го придружував неговата светост на средба со претставници на Македонската православна црква во Нишката епархија. Тоа беше интересен дијалог на љубов, верба и надеж и се надеваме дека ако даде Господ ќе дојде до единство, но прво да се помолиме сите на Бога. Македонската православна црква, односно Охридската архиепископија, на овогодишното заседание на Соборот во Белград во мај ќе се врати во канонско единство со Српската православна црква, а со тоа и во канонско единство со сите помесни православни цркви, изјави епископот Фотиј.

Тој не наведе што тоа конкретно значи, односно дали СПЦ ќе ја признае автокефалноста на МПЦ, но посочи дека Соборот на СПЦ е пред „голем предизвик".

– Пред нас е голем предизвик и ако Господ дозволи молитвите на владиката Николај Охридски и Жички, молитвите на Светите Кирил и Методиј, Светите Климент и Наум и другите светители, Свети Сава Српски, да го воспостават тоа единство, да се исцели тој раскол што постои од 1967 година. Сега сме на прагот да го решиме тој проблем, ако даде Господ, затоа ве повикувам да се молиме на Бога, сите вие и сите ние, да го решиме за слава Божја и за доброто на нашите свети цркви. Но, и за доброто на нашиот српски народ и за доброто на македонскиот народ, кои се два братски народи, изјави Фотиј.

На одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј реагираше Руската православна црква (РПЦ), преку изјава на секретарот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, протојереј Игор Јакимчук, кој нагласи дека „РПЦ ги признава ексклузивните канонски права на СПЦ во Македонија".

Односите меѓу Цариградската Патријаршија и РПЦ се влошија по одлуката патријархот Вартоломеј во јануари 2019 година за признавање на автокефалноста на Православната црква на Украина. Московската Патријаршија тогаш го обвини патријархот Вартоломеј дека „навлегува во нејзината канонска територија во Украина и на расколници им дава автокефалност" надвор од правилата, кога таму веќе постои автономна Украинска православна црква во рамките на Руската православна црква.

Во пресрет на денешниот Собор на СПЦ, група од триесетина општествени, научни, просветни, здравствени и културни работници од земјава вчера упатија писмо со вселенскиот патријарх Вартоломеј со кое ја поздравуваат неговата, како што ја нарекуваат „историска одлука" за враќање на МПЦ-ОА во канонско единство со другите православни помесни цркви.

– Нашата возљубена Црква, нејзината свештена јерархија, клирот и народот, повеќе не се во шизма и раскол и во меѓународна изолација, туку во канонско и литургиско општење со Првопрестолната Мајка Црква, Вселенската Патријаршија, а преку неа и со сите останати помесни православни цркви. Истовремено, границите на црковната власт на нашиот архиепископ, Неговото Блаженство г. г. Стефан и на нашиот Свет Синод се најпосле омеѓени и загарантирани, за што ние сме особено среќни, се вели во писмото.

Групата интелектуалци изразуваат благодарност до вселенскиот патријарх заради тоа што на нашата Црква ѝ го признава легитимитетот како на духовна наследничка на древната и историска Охридска Архиепископија, за која „слободно може да се каже дека е срцето со кое пулсира духот на нашиот православен македонски народ и сите други граѓани кои се црквуваат во неа".

– За нејзиното возобновување се бореле поколенија и поколенија наши духовни и општествени дејци. Патем, како што некогаш древната Охридска Архиепископија била во силна духовна врска со Константинопол, така денес, со Вашето признавање, воскреснува и таа заемна врска со сечесниот Центар на Православието. Примањето на Охридската Архиепископија во канонско единство е чин со кој Вие изградивте одбранбен ѕид против агресивната политика за духовна колонизација на Балканот, спротивна на црковните канони и традициите на Православието, се истакнува во писмото.

Потписниците на писмото изразуваат надеж дека наскоро ќе дојде до историското сослужение на вселенскиот патријарх со поглаварот на МПЦ-ОА.

– Потем, со Господ напред, го очекуваме и конечното решавање на административниот статус на нашата Црква, а тоа е доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна, бидејќи единствено Вселенскиот Патријарх има историско и канонско право да доделува автокефалност. Со тоа практично ќе се потврди црковниот суверенитет, како државотворност на нашата татковина и на верниот македонски народ и на сите граѓани во неа, порачуваат триесеттината интелектуалци од земјава во писмото до вселенскиот патријарх./МИА

Мицкоски:Тоа што го зборува Софија има можност да го докаже со повлекување на амандманите во ЕП

Тоа што го зборува Софија има можност да го докаже со повлекување на амандманите во ЕП и да прифати средба на самиотот на НАТО во Хаг.

Мицкоски:Тоа што го зборува Софија има можност да го докаже со повлекување на амандманите во ЕП

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека тоа што го зборуваат претставници на Бугарија ќе имаат можност да го докажат на 24 јуни со повлекување на амандманите во Европскиот парламент, и да ја прифатат иницијативата за средба во рамки на состанокот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов.

-Пристигнуваат многу различни пораки од официјална Софија. Нашите стари рекле „помалку слушај што зборуваат повеќе гледај што работат“. Има таква можност да го покажат ова што го зборуваат. На 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при ЕП АФЕТ се наоѓа извештајот во којшто очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик да се додефинираат со зборчето сегашен или „present“, и во рамките на тој дух да биде усвоен тој извештај и потоа и патоказот за малцински права којшто многу скоро ќе биде на дневен ред, така што имаат можност ова што го збруваат да го покажат и на дело, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Битола, прашан да ја искоментира вчерашната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев.

Мицкоски изрази очекување Софија да ја прифати средбата во рамки на состанокот на НАТО во Хаг, и како што истакна, „да се разговара и за Коридорот 8, да тргне и таму работата, да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед, и како добри соседи да ги градиме нашите меѓусебни односи“.

Бугарскиот претседател Радев синоќа од Тирана порача дека не станува збор за нерешени билатерални односи, за за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Македонија. -Има Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и во него има два протокола. Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи, рече Радев.

Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски вчера изјави дека дека се работи на засилување на динамиката на средби со официјална Софија и оти сме подготвени за изнаоѓање на рационални решенија во рамките на европските вредности, но наше и да ставиме јасна црвена линија дека по однос на одредени прашања поврзани со идентитетските атрибути.

Премиерот Мицкоски викендов информираше дека е остварена комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во државава по иницијативата за средба со бугарската страна и оти има предлог термин, за кој се чека да се изјасни Бугарија. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, пак, во петокот кажа дека иако е правило да има средба со својот хомолог не е проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на Самитот на НАТО во Хаг, со оглед дека е потврдено оти нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев не доаѓа во Хаг, во насока на деблокирање на нашите евроинтеграции.

ЈПДП го објави Извештајот од надзорот за прогрес на работите на коридор 8 и 10д

ЈПДП го објави Извештајот од надзорот за прогрес на работите на коридор 8 и 10д за периодот од 1 до 30 април годинава.

ЈПДП го објави Извештајот од надзорот за прогрес на работите на коридор 8 и 10д

Извештајот од надзорот за прогрес на работите за автопатските делници на коридорите 8 и 10д што ги гради конзорциумот „Бехтел“ и Енка“ за периодот од 1 до 30 април годинава покажува дека се завршени 95 проценти од проекциите за експропријација за автопатската делница Тетово-Гостивар, 46 проценти за Гостивар-Букојчани, а 78 проценти за делницата Прилеп-Битола.

Според Извештајот, објавен вчера на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), за делницата Букојчани-Гостивар се реализирани 73 проценти од геотехничките истражувања, а за Прилеп-Битола 63 проценти.

Надзорот регистрира напредок од 60 проценти на работите за спецификација и проектирање на автопатот Тетово-Гостивар, од 30 проценти за Букојчани-Гостивар, а од 49 проценти за Прилеп-Битола.

Како што информираа претходно за МИА од ЈПДП, од градежните активности што се одвиваат на трите делници (Тетово- Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола) се земјани работи на главна траса, изградба на пропусти, армирање и бетонирање на мостови, регулирање на времени сообраќајни режими, се вршат ископи и се изведува заштита на косини. Сите активности се одвиваат со зголемена динамика.

На „Бехтел и Енка“ досега се исплатени вкупно 301.088.222,79 евра. Во април годинава, според Извештајот на надзоорт, имало две исплати од државата преку ЈПДП, од 599.794.350 денари, на 22-ри, и од 524.972.228 денари на 30-ти.

Во активностите, изведувачот заклучно со април ангажирал 1833 лица и 1082 градежни машини.

Кон „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д заклучно со минатата година беа исплатени 261 милион евра, а годинава за таа намена во буџетот на Министерството за транспорт се предвидени 130 милиони евра. Планирано е да се работи комплетно на целата траса Тетово–Гостивар во должина од 17 километри, на Гостивар–Букојчани на приближно 17 километри и на Прилеп–Битола на 25 километри.

Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра беше склучен во март 2023 година.

Мицкоски најавува многу скоро решение за ублажување на растот на цените

Мицкоски најавува многу скоро решение за ублажување на растот на цените на прехранбените производи.

Мицкоски најавува многу скоро решение за ублажување на растот на цените

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека многу скоро ќе има предлог-решение за ублажување на растот на цените на прехранбените производи.

Во изјава за медиумите дадена во Битола, Мицкоски не прецизираше за какво решение се работи, но рече дека се следи ситуацијата и дека сериозно пристапуваат на решавање на проблемот.

- Се консултираме со екпертската јавност, следиме што се случува со однесувањето на трговците, производителите, дистрибутерите и на ланците на трговци така што ова е еден сериознен процес во којшто сериозно навлегување и мислам дека многу скоро ќе излеземе со предлог решение, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Министерот за економија Бесар Дурмиши викендов во изјава за медиумите рече дека Пазарниот инспекторат ја следи состојбата, но дека не е забележано драстично зголемување на цените.

- Нема драстично зголемување на цените во делот, каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец, Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен ќе гледа, ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економски оправданост од трговците на цените, нормално дека ќе донесеме пак одлуки и тоа сум кажал и во други изјави дека ќе донесеме поригорозни мерки од тоа што сме ги презеле досега, изјави Дурмиши.

Владата во февруари ги ограничи маржите на повеќе од 100 групи на производи. Мерката траеше до 30 април.

притисни ентер