Западен Балкан ќе треба да почека „уште неколку недели" за вакцини од ЕУ

Потпретседателот на Европската Комисија, Маргаритис Схинас, изјави дека ЕУ работи интензивно на тоа да им овозможи на земјите партнери на западниот Балкан да ги добијат вакцини, но дека ќе треба да се почека уште некоја недела.

На прес-конференција попладнево посветена на стратегијата за вакцинирање во ЕУ, Схинас порача дека проблемот не е во парите туку во достапноста на дозите за вакцини против Ковид-19.

-Парите се достапни за помош, ситуацијата во која се наоѓаме сега ќе бара уште неколку недели трпение, повеќе од парите проблемот е во количината на достапни вакцини. Дури и со пари не може да се најдат доволно вакцини на пазарот, изјави Схинас, одговарајќи на новинарско прашање за ветените вакцини за западен Балкан.

Тој додаде дека на претстојниот самит на лидерите на ЕУ кој ќе се одржи в четврток ќе се разговара и за оваа тема, но Схинас не сакаше да открие повеќе детали за количните и роковите во овој момент.

-Еден опиплив знак на солидарност би било да почнеме со вакцинација на специфични групи на западниот Балкан, како здравствените работници и социјалните работници, тоа би било симболичен и значаен гест од страна на ЕУ, рече потпретседателот на Европската Комисија, повторувајќи дека ЕУ е посветена да набави дози за регионот и за другите соседи на ЕУ што е можно побрзо.

Слична порака испрати и еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес која потсети дека „никој не е безбеден додека сите не се безбедни" и изрази надеж дека шефовите на држави и влади во ЕУ ќе успеат да постигнат согласност за западен Балкан на состанокот в четврток, за да се покријат потребите на овие земји додека системот Ковакс почне да функционира.

Европската Комисија од земјите членки бара до месец март да вакцинира барем 80 отсто од населението над 80 годишна возраст и барем 80 отсто од здравствените работници. До ова лето, земјите членки треба да имаат вакцинирано најмалку 70 отсто од возрасното население доколку сакаат да се излезе од кризата што поскоро, порача Схинас. /MИА

Седум тинејџери уапсени за нападот врз свештеникот во Сиднеј

Австралискиот антитерористички тим денеска уапси седум тинејџери поврзани со момче обвинето за верски мотивиран терористички напад врз бискуп во Сиднеј, а уште петмина се на распит во полиција.

Полицијата соопшти дека во акцијата била вклучена екипа од повеќе од 400 полицајци и припадници на безбедносните служби, во која биле уапсени соработници на 16-годишното момче обвинето за терористички акт. Момчетo го избоде со нож асирскиот бискуп Мар Мари Емануел за време на црковна служба во живо на 15 април.

Полицијата соопшти дека ги привела тинејџерите бидејќи претставувале „неприфатлив ризик“ за општеството. Според полицијата, тинејџерите верувале во религиозно мотивирана насилна екстремистичка идеологија. /МИА

Европратениците го поддржаа создавањето на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан

Во рамки на Механизмот за периодот од 2024 до 2027 година за земјите од Западниот Балкан ќе бидат одвоени шест милијарди евра.

Европскиот парламент денеска со 517 гласови „за“, 56 „против“ и 30 „воздржани“ го усвои Извештајот на коизвестувачите, хрватските европратеници Тонино Пуцула и Карло Реслер за Регулативата за создавање на Механизам за реформи и раст на Западниот Балкан, кој претставува финансиски инструмент за имплементација на Планот за раст на регионот.

Како што беше истакнато во текот на синоќешната дебата по Предлог-регулативата за создавање на Механизмот, со Планот за раст на Западниот Балкан треба да се обезбеди економско зајакнување на земјите од регионот, поттикнување на нивните внатрешни реформи и привлекување на инвестиции, со што тие многу брзо ќе ги почувствуваат придобивките од приближувањето на кон ЕУ, а во исто време овој инструмент може да доведе до двојно зголемување на нивните економии во следните 10 години.

Планот за раст на Западниот Балкан, кој Европската комисија го претстави лани во ноември, како нова алатка за забрзување на подготовките на земјите од регионот за членство во ЕУ, со можност за користење на некои од неговите придобивки за граѓаните и бизнисите уште пред зачленувањето, би требало значително да ги забрза процесот на проширување на Унијата и растот на економиите на земјите од регионот.

Во рамки на Механизмот за периодот од 2024 до 2027 година за земјите од Западниот Балкан ќе бидат одвоени шест милијарди евра, од кои две милијарди евра неповратни грантови и четири милијарди евра позајмици под поволни услови. Од вкупната сума најмалку 800 милиони евра ќе бидат предвидени за Македонија.

За финансирање на позајмиците ЕУ ќе обезбеди средства од финансискиот пазар, а за неповратната поддршка веќе е обезбедена сумата со последната ревизија на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот 2021-2027 година. Овие средства ќе претставуваат надополнување на постоечкиот Инструмент за претпристапна помош (ИПА 3), со што значително ќе се зголеми финансиската помош од ЕУ за државите од Западниот Балкан.

Механизмот треба да им обезбеди поддршка на земјите од регионот во спроведувањето на реформите поврзани со приближувањето кон Унијата и да го стимулира нивното економско поврзување со блокот, врз основа на амбициозни реформски агенди. Механизмот, исто така, има за цел да промовира усогласување на овие земји со вредностите, законодавството, правилата, стандардите, политиките и практиките на ЕУ, со цел нивно подготвување за идно членство во Унијата.

Финансиската помош е условена со спроведување на социо-економски и фундаментални реформи дефинирани во амбициозните реформски агенди што самите ги подготвуваат земјите од Западен Балкан и ги доставуваат на одобрување до ЕУ.

Известувачот на Комитетот за надворешни работи на ЕП во однос на законската регулатива, хрватскиот европратеник Тонино Пуцула за време на синоќешната дебата посочи дека првично поставените услови се проширени и со барања за борба против дезинформациите, хармонизација на визниот режим со оној на Унијата, за организирање фер и демократски избори и за владеење на правото, а за Косово и Србија дополнителен предуслов се и резултати од нивниот дијалог.

Најмалку половина од целокупниот пакет помош ќе биде распределен преку Инвестициската рамка за Западниот Балкан (ВБИФ) за поддршка на инвестиции во транспортната инфраструктура, енергетскиот сектор и за зелената и дигиталната транзиција, а останатиот дел ќе биде наменет како директна поддршка за националните буџети на земјите од регионот.

Средствата ќе бидат исплаќани двапати годишно, врз основа на барањата на земјите од Западен Балкан и по одобрение од Комисијата, а за некои прашања и од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), доколку бидат исполнети сите релевантни услови. Станува збор за услови поврзани со квалитативните и квантитативните оценки за постигнатиот напредок и резултати во имплементацијата на реформските агенди, како и општите услови поврзани со макрофинансиската стабилност, управувањето со јавните финансии, транспарентноста и контролата над буџетот.

Според еврокомесарката за еднаквост Хелена Дали, реализацијата на Планот за раст, односно исплатата на првите средства од него, треба да започне во текот на летото, но тоа ќе зависи од темпото се кое ќе бидат изработени и усогласени реформските агенди, чии подготовки се во тек.

Согласно Планот, доколку некои предвидени услови не се исполнети, Комисијата може делумно или целосно да ја прекине исплатата на средства. По ваквата суспензија и во случај партнерите од Западен Балкан да не ги исполнат поврзаните услови за време на грејс период од една година, односно две години во првата година од имплементацијата, суспендираниот износ ќе биде повлечен и може да биде прераспределен меѓу другите корисници во следните години.

Еврокомисијата очекува комбинирањето на зголемената финансиска помош заедно со реформите да го забрза напредокот на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, да ја поттикне нивната економска конвергенција и тие подобро да се интегрираат во единствениот европски пазар уште пред зачленувањето во Унијата.

- Планот е добра вест која му е потребна на регионот. Тоа е нова алатка што ќе им помогне на нашите партнери од Западниот Балкан побрзо да растат и подобро да се подготват за идното членство во Европската Унија, порача Дали. /МИА

„Војаџер 1“ повторно испраќа корисни и употребливи податоци

Леталото полета пред 46 години и седум месеци и сега се наоѓа на над 24,3 милијарди километри далечина од планетата Земја.

Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА првпат по пет месеци доби конкретни и употребливи податоци од „Војаџер 1“, откако инженерите изнајдоа решение за комуникацискиот проблем со леталото што досега отишло најддалеку во Вселената.

Се работи за систем за собирање информации што потоа се комбинираат со инженерските податоци и така ја покажуваат моментната состојба на уредот - оддалеченоста, средината што го опкружува и сл. Компјутерите на леталото испраќаа бескорисни податоци од ноември лани, но научниците од НАСА успеаја повторно да го оспособат уредот, инаку лансиран 1977 година.

Контролата на мисијата на Земјата ги прима тие податоци во бинарен код - низа од единици и нули. Од минатиот ноември, системот на „Војаџер 1“ испраќал радиосигнал, но податоците немале никаква корисна цел, ниту пак, смисла, јави „Еј-би-си њус Австралија“.

- Денеска беше голем ден за „Војаџер 1“. Ја вративме комуникацијата со вселенското летало. Со нетрпение очекуваме повторно да добиваме научни податоци, изјави Линда Спилкер - една од научниците кои работат на мисијата.

Од 20 април, засега, се чини дека „Војаџер 1“ е во добра состојба. Леталото полета пред 46 години и седум месеци и сега се наоѓа на над 24,3 милијарди километри далечина од планетата Земја.

притисни ентер