Замина уште една скопска легенда, почина Елам Кадриа сопственик на слаткарницата ,,Апче”

Бројни пријатели, роднини, познаници преку социјалните мрежи се простуваат од Елам Кадриа, сопственик на познатата скопска слаткарница „Апче“.

Бате Елам како што многумина го нарекувале, починал на 12-ти јануари. Погребот бил одржан вчера во тетовското село Јаловјане.

– Со длабока болка и жал ви сопштуваме на сите роднини и пријатели дека нашиот пред се татко ,дедо и газда на слаткарницата Апче со големо срце денес за жал почина погребот со сите протоколи ќе биде на гробиштата во село Јаловјане – Тетово во 13 часот со почит од персоналот на слаткарница Апче пред се ве известуваме дека нашиот газда не е починат од корона вирус!, стои во фејсбук објавата.

Автомобил се забил во куќичка на патарина во Хрватска

Стравична несреќа на автопатот А11  во Хрватска, автомобил се заби во куќичка на наплатната рампа во Мрацлин, загина вработен во ХАЦ.

Утрово околу 5-30 часот во близина на патарината Мрацлин на автопатот А11 Загреб – Сисак во Хрватска возач ја загубил контролата на автомобилот и удрил во објект на патарината, соопштила хрватската полиција. Во несреќата загина работник на патарината а возачот на автомобилот е тешко повреден.

Поради сообраќајната несреќа на овој дел од автопатот сообраќајот се одвива споро со ограничување на брзината во правец кон Сисак на 40 км на час.

Според „Вечерњи лист“ во несреќата наводно загинал вработен на патарината а возачот на автомобилот е тешко повреден.

Извор : 24 sata.hr

Опаѓа бројот на новозаразени со Ковид-19, но остануваат апелите за почитување на мерките

​ Нови 307 случаи со КОВИД-19 од направени 1.854 тестирања беа евидентирани во вчерашниот билтен на Министерството за здравство по изминати 24 часа. 

Починаа 14 лица во болнички услови, а оздравени се 658 пациенти.

Вкупниот број на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 90.124, бројот на оздравени пациенти е 76.045, на починати е 2.768, а бројот на активни случаи изнесува 11.311. Досега во земјата се направени вкупно 439.121 тестирања на КОВИД -19.

Од новите позитивни на КОВИД-19, во Скопје се 137, во Куманово 17, во Велес 15, во Тетово и во Прилеп по 13, Дебар 11, Гостивар, Охрид и Кавадарци по 10, девет во Струмица…

Во Скопје активни случаи има 6.455, во Тетово – 467, во Куманово – 433, во Струмица – 362, во Кавадарци – 355, во Охрид – 349, во Гостивар – 306, Прилеп – 259, Битола – 226… Најмалку активни случаи или седум има во Дојран.

Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 608 и има околу 580 празни болнички кревети во ковид-центрите, соопшти вчера Министерството за здравство.

Според надлежните, кај нас нема мутација на коронавирусот, слична на таа која се појави во Велика Британија, односно кај нас е присутен истиот вирус.

– Иако е присутен истиот вирус, тоа не е сигнал да ги намалиме мерките. И покрај тоа што опаѓа бројот на новозаразени, се уште треба да бидеме внимателни, бидејќи сега училиштата почнаа повторно да функционираат. Сите мерки за заштита остануваат и натаму. Следната недела ќе ја анализираме состојбата и врз основа на тоа ќе носиме други мерки и препораки, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот за здравство истакна дека сите вакцини се евалуираат, а тоа на што ставаат приоритет е да се осигураат во нивниот квалитет. Филипче смета дека сосема добро може да го спроведат процесот на имунизација и посочи дека ќе останат тука да ги вакцинираат сите наши граѓани, по приротиет така како што се дефинирани групите.

– Имавме разговор со претставништвото на „Фајзер" во Белград и таму се работи на двата договора – нашиот драфт договор за нашите 800 илјади дози и дозволата српските власти да ги дадат фајловите за ние да ги увеземе тие вакцини од нивната земја. Веднаш кога ќе ги добијат фајловите и дозволата ние сме спремни да ги примиме, појасни Филипче.

Премиерот Зоран Заев синоќа најави дека вие денови се очекува да стигнат првите две-три илјади вакцини од договорените 8.000 од српските вакцини од „Фајзер" коишто дефинитивно се усогласени и политички договорени.

– Идната недела се очекуваат првите информации за првите количини преку КОВАКС системот, а во февруари се очекуваат вакцините кои се договорени директно со компанијата „Фајзер", изјави Заев.

Нашата земја, вели премиерот Заев, е целосно подготвена со обезбедени ладилници за вакцините и веќе е изграден системот за вакцинација, а први ќе ја примат медицинските работници од КОВИД болниците кои се 7.850 на број, останатиот медицински персонал, хронично болните и возрасните луѓе.

Се врати во сила Законот за акцизи, бензините и дизелот поевтини за два денара

Од денеска престана да важи Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба, со што повторно стапи во сила Законот за акцизи. 

Тоа придонесе Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) да ги намали малопродажните цени на горивата.

Со укинувањето на дополнителната акциза за горивата која беше воведена како мерка за време на вонредна состојба, малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалија за два денара за литар, екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поевтини за 13 денари, додека малопродажната цена на мазутот остана на исто ниво.

Затоа РКЕ донесе одлука од денеска ЕУРОСУПЕР БС – 95 да се продава за 61 денар на литар, ЕУРОСУПЕР БС -98 за 63, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) за 52,5, екстра лесно масло за домаќинство 1 (ЕЛ-1) за 41,5 денари за литар, а цената на мазутот М-1 НС остана 30,823 денари за килограм.

Со тоа РКЕ всушност изврши усогласување на претходната одлука за цената на горивата, што беше донесена во понеделникот, со Законот за акцизи кој од денеска повторно стапи на сила.

– Поради истекување на важноста на Уредбата што беше донесена за време на вонредната состојба, се враќа на сила Законот за акцизи кој се применуваше пред да се донесе Уредбата. Поради оваа состојба, РКЕ донесе измена на одлука со што износите на одделни елементи кои влегуваат во структурата при формирањето на највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, се променети согласно важечките износи на акцизите, утврдени во Законот за акцизи. Овие цени ќе важат се до донесување нова одлука, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

РКЕ секој понеделник носи одлука за утврдување највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт.

Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба Владата ја донесе на својата седница на 1 април 2020 година по што беше објавена во Службен весник, а во делот на горивата стапи на сила од 5 мај 2020 година.

притисни ентер