Законот за продолжување на важноста на пасошите во среда пред пратениците

Преведен е и доставен до пратеничките групи предлог-законот кој го поднесе ВМРО-ДПМНЕ со кој треба да се продолжи траењето на старите пасоши до крајот на годината. 

Во среда ќе се најде пред пратениците на пленарна седница, потврди за Канал 5 претседателот на Собранието – Јован Митревски...

Министерот за внатрешни работи – Тошковски во вчерашното „Само Интервју“ посочи дека ЕУ членките сами ќе одлучуваат дали ќе дозволат премин со старите пасоши, а добил и уверување дека ќе покажат разбирање бидејќи проблемот е технички.. Вели не се прекршува Преспанскиот договор, а ако се продолжи и нивниот рок како во случајот со возачките дозволи, проблемот за патување ќе остане само со Грција.

-Земјите членки изразуваат разбирање за прашањето и волја за надминување на проблемот преку изнаоѓање на практично решение во најкус можен рок, што е спорно тука? Знаете вие некој да е сопрен со пасош – Османи, човекот за операции нека зборува за рентген на абдомен за тие работи може да разговара тој, тој не може да разговара за ова и за тоа сме на ова дереџе на кое што сме. На одржаниот состанок на комитетот за патни документи било покажано разбирање меѓу земјите членки во однос на техничката природа на прашањето. Со оглед дека само Грција дека не ги прифаќа пасошите со старо име на државата, тоа значи дека во моментов, граѓаните на Македонија може да влегуваат и излегуваат во други земји. –-Панче Тошковски – Технички министер за внатрешни работи.

Според екс-премиерот Ковачевски, пак, законот за патните исправи е врзан со Преспанскиот договор и може да се менува само во согласност со земјите членки на ЕУ и Грција. Воедно обвини дека ВМРО-ДПМНЕ има двојни аршини кон новото Уставно име.

-Ако успеат да обезбедат Владата, претставниците согласност од земјите членки на ЕУ, другата потписничка страна, тогаш може да се разговара за тоа, но досега не слушнав изјава од институциите во ЕУ и институциите во Грција волја да го анулираат договорот во делот на патните исправи. Еве имате на пример ВМРО-ДПМНЕ, тие велат договорот од Преспа е реалност иако кажуваат дента кога ќе дојдат ќе го сменат уставното име и ќе го вратат старото, сега гледате дека договорот е реалност. Проблемот е кога ќе излезат од државата, сакајќи да покажат колку се големи патриоти ќе видат некој натпис што е С. Македонија и ќе го бришат со пенкало,- – Димитар Ковачевски – Претседател на СДСМ

Инаку, вчера дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Бојмацалиев на граничниот премин „Богородица“ прими 140.000 обрасци за пасоши, кои треба да го аморизираат нивниот недостаток при издавање на патните исправи.

Шефот на руското разузнавање, Наришкин подготвен да разговара со директорот на ЦИА, Ретклиф

 Директорот на Руската служба за надворешно разузнавање, Сергеј Наришкин изјави дека е подготвен да се сретне со директорот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф.

„Русија отсекогаш била подготвена за преговори“, рече Наришкин, одговарајќи на новинарско прашање за подготвеноста за состанок доколку такво барање дојде од американската страна.

На прашањето дали се уште има контакти меѓу ЦИА и Руската служба за надворешно разузнавање, Наришкин рече дека руската страна има свој претставник во Вашингтон, како што ЦИА има свој претставник во Москва.

Ретклиф, исто така, претходно беше директор на ЦИА за време на првиот мандат на Трамп, од 26 мај 2020 година до 20 јануари 2021 година, пренесуваат руски медиуми.

Пожарникарите од Виница во 2024 година имале 112 интервенции

Пожарникарите од Виница во 2024 година имале 112 интервенции, проценетата штета е над 620 илјади денари.

Вкупно 112 интервенции за гаснење пожари имала Територијалната противпожарна единица од Виница во текот на 2024 година, што е за една четвртина повеќе во споредба со претходниот едногодишен период.

Најголем број од интервенциите, вкупно 83, биле кај пожари на отворен простор, при што била опожарена површина од 167 хектари, што е за над 50 отсто повеќе споредено со 2023 година. Во 13 случаи се интервенирало кај запалени објекти, четири излегувања на терен биле за гаснење пожари кај моторни возила, а останатите пет се друг вид интервенции.

-Лани од пожарите е предизвикана материјална штета што се проценува на вкупен износ од над 620 илјади денари, што е далеку пониска вредност во споредба со 2023 година. Причина за избувнување на огнената стихија кај 101 интервенција е човечко невнимание, кај 7 интервенции имаше спој на електричната инсталација и неисправност на електрични броила, а два пати интервениравме кај запалени оџаци. Во текот на минатата година спроведовме пет превентивни активности за заштита од пожари, односно предавања во училиштата и фирмите, како и заеднички практични вежби во стопанските субјекти, истакна Виктор Димитров, командир на ТППЕ – Виница.

Покрај гаснењето пожари, пожарникарите од Виница имале и 14 други интервенции, од кои седум биле кај сообраќајни несреќи во кои во два одделни случаја имало по едно загинато лице.

Освен со интервенции на територијата на општината, виничките пожарникари во текот на минатата година во седум случаи со опрема и кадар им помагале и на своите колеги од Кочани, Берово и Свети Николе.

Инфантино: Германскиот фудбал е пример на глобално ниво

 Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, го пофали германскиот фудбал за неговиот целокупен имиџ и го опиша како пример во светот.

Во говорот по повод одбележувањето на 125-годишнината од Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) на гала вечерта во Лајпциг, Инфантино рече: „Германија направи толку многу за фудбалот! Германија брилијантно организираше толку многу големи турнири, создаде „толку многу легенди“.

Истакна дека ДФБ го направи она за што ФИФА се стреми на својот главен пат: „Да се ​​обедини светот на ист начин како што Германија создаде дух на обединување“.

Тој потоа додаде дека „светот на спортот секогаш гледа кон Германија, од која секогаш може да се научи нешто ново“.

Односите меѓу Германскиот фудбалски сојуз и Швајцарецот, кој ја презеде ФИФА од Сеп Блатер, долго време се сметаа за доста тензични и затегнати.

Непосредно пред почетокот на Светското првенство во 2022 година, германските фудбалски шефови ја критикуваа ФИФА поради недостигот на одговор на тековните прекршувања на човековите права во земјата домаќин, Катар.

Потоа, кога беше реизбран за претседател на Светското седиште, гласот на Германија не беше за него. Доделувањето на домаќинот на СП 2034 на Саудиска Арабија, за кое Инфантино активно и неуморно лобираше, исто така не беше поддржано од Германија.

Инфантино на прославата на германскиот фудбал пристигна директно од САД, каде што беше гостин на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој влезе во вториот мандат. На состаноците по церемонијата, Инфантино му се заблагодари на американскиот претседател за поддршката за Светското првенство, кое следната година ќе се одржи низ Северна Америка.

притисни ентер