Законот за дивоградби пред повторна собраниска процедура

Откако претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за прогласување на Законот за дивоградбите, од партиите што го изгласаа укажуваат на формално-правната процедура со којашто тој повторно ќе оди во собраниска процедура. 

Во меѓувреме продолжија реакциите за усвојувањето на законот со гласови и на пратениците од владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пендаровски вчера го извести претседателот на Собранието Талат Џафери, дека одлучил да не го потпише Указот за прогласување на Законот, со образложение дека текстот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот. Шефот на државата смета дека текстот на Законот нема општествена оправданост, односно не е во насока на заштита и промоција на јавниот интерес, што, потенцира, е основна задача на секоја институција на јавната власт.

-Донесениот Закон во член 17 предвидува можност за легализација на бесправно изградени објекти дури и во „строг природен резерват, национален парк, споменик на природа, парк на природа, заштитен предел, заштитен крајбрежен појас на природни и вештачки езера и речни корита, како и во прва и втора санитарно заштитна зона на извори на вода за пиење". Ваквата можност е прекршување на основната обврска на државата да ја штити животната средина, а дополнително можноста за легализација на бесправно изградени објекти во заштитни зони на вода за пиење потенцијално го загрозува јавното здравје, чијашто заштита е, исто така, законска обврска на државата. Можноста, во наведениот член, за легализација на бесправно изградени објекти во подрачје на заштитено недвижно културно наследство (поединечни добра, целини и археолошки локалитети) е повреда на законската обврска на државата да ги заштитува културните добра и културното наследство, пишува претседателот во дел од образложението на одлуката.

Апелира до сите пратеници, независно од политичката припадност, а водејќи се од словото на Уставот и јавниот интерес, уште еднаш, да размислат пред повторно да одлучуваат за овој текст на Законот.

Во коментар на одлуката на Пендаровски, вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски истакна дека формално-правно овој како и сите други закони се враќаат повторно во собраниска процедура, порачувајќи дека ќе се бара решение за да не се остават без покрив над глава 50.000 семејства.

-Кога претседателот нема да го потпише се враќа во соодветна процедура, владина или собраниска и секако дека сите забелешки во секој поглед треба да бидат земени предвид при носењето на новите одлуки и законски решенија, изјави Николовски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, изјави дека право на претседателот е тоа да не го потпише указот, но, посочи, во минатото ставил потписи на многу поштетни закони, како за економијата, така за граѓаните и за националните интереси.

-Право на претседателот е да не потпише закон тој го искористил своето право јас немам што тука да коментирам. Можеби треба него да го прашате зошто се одлучил за тој чекор да не го потпише овој закон кој што дошол кај него, а потпиша во минатото многу, многу поштетни закони и за економијата и за граѓаните, но и за националните интереси, така што ве упатувам еве да го прашате претседателот Пендаровски што го мотивирало да се одлучи на овој чекор, рече Мицкоски.

Ова законско решение, додаде, според правните процедури, ќе дојде назад во Парламентот, поради што, како што рече, ги повикува сите естрадни политичари од Собранието да го искористат своето право за блокирање за законот и да не се кријат позади дневно политиканство.

Потегот на претседателот да не го потпише законот го поздравија од партиите Демократски сојуз , Алијанса за Албанците и Алтернатива, како и од еколошкото здружение на граѓани „Фронт21/42" од каде побараа повлекување од собраниска процедура на законите за легалзиација на довоградби.

-Добрата вест која стигна денес е дека Претседателот Пендаровски не го потпиша Указот за Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, но она што не загрижува е понатамошниот пат на овој закон. Истиот се враќа во Собранието, кое има 30 дена повторно да го разгледа и гласа. Доколку се изгласа и по втор пат, претседателот нема друга опција освен да го потпише Указот. Сплотеноста на власта и опозицијата во однос на легализацијата на кривичното дело „бесправно градење" не ни влева надеж за правна држава, наведоа од „Фронт21/42".

Законот за третман на бесправно изградени објекти беше изгласан по скратена постапка на почетокот на неделава, со 72 гласа „за", три „воздржан" и пет „против". Со него се предвидува легализација на дивоградби изградени до денот на негово стапување во сила и ќе важи до правосилно завршување на постапките почнати со него. Најмногу реакции уследија за можноста за легализација на дивоградби во заштитени подрачја, но според ресорниот министер Благој Бочварски тој член од законот е внимателно одреден и легализацијата ќе се врши само со согласност од Министерството за животна средина.

Со законот не се опфатени дивоградбите во Охридскиот регион под заштита на УНЕСКО, како и од станбените згради и нивни доградби и надградби. Во собраниска процедура е и Предлог закон за изменување на Законот за легализација на дивоградби, што беше донесен во 2011 година. Со него се предлага продлжување за уште пет години на тој Закон, којшто важеше до март годинава, со цел, според облазложението, да се заврши постапката за околу 140.000 барања за легализација што не се заокружени по различен основ.

Израел му возврати на Иран – одмазда или најава за нова војна?

Неполна недела по иранскиот напад со дронови и ракети, Израел го возврати ударот.

Експлозии утринава одекнале во Исфахан и Табриз, градови кои се дом на неколку воени и нуклеарни бази на иранската армија. Израелските власти за сега ниту потврдуваат,ниту демантираат дека стојат зад нападот, но американските медиуми пренесуваат дека официјален Вашингтон добил претходно предупредување за можен израелски напад. Техеран пак тврди дека нападот бил минимален и не предизвикал никаква штета. Дел од безбедносните експерти во ова гледаат начин на двете страни да ја де ескалираат ситуацијата.

-Двете страни тука, се обидуваат да си го обелат образот. Можете да видите дека израелците се обидуваат да си го обелат образот со тоа што ќе направат нешто, но не премногу за да ги вознемири сојузниците претерано. А иранците, се доста внимателни да не го преувеличат ова во моментот, и да покажат дека како што ќе реагираат, може да реагираат на начин кој нема да го погоди Израел директно. - Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Иранските медиуми пак, дополнително ја минимизираат ситуацијата и обемот на нападот, прикажувајќи мирни сцени од Исфахан.

-Го гледате Исфахан кој е во целосен мир, луѓето си живеат нормално. Мислам дека два или три часа по полноќ се слушаа звуци на небото над Исфахан. Врз основа на информациите кои ги имаме, неколку мали дронови летале над небото, и врз нив било пукано, вели еден ирански новинар.

Иранската армија тврди дека нападот бил извршен со дронови, а звуците над Исфахан биле од воздушната одбрана која ги уништила сите летала. Воените бази според нив, немале никаква штета во нападот.

-Во Зардањан областа на Исфахан, постројката за нуклеарна енергија помеѓу 4.30 до 5.30 часот наутро се слушаше пукање, но тоа не беше ништо, само звукот на воздушната одбрана. Војниците кои ги гледате тука се сигурни и безбедни, барем во оваа област каде што сме. Ништо не беше погодено или уништено било каде. - Иранска републиканска гарда

-Иранците тврдат дека пресретнале неколку дронови и никој од нив не се пробил, тоа е малку веројатно, бидејќи Исфахан е илјада милји од Израел и никој при здрав разум не би испратил дронови илјада милји.- Мајкл Кларк – безбедносен експерт

Тензиите меѓу Израел и Иран се зголемија по експлозијата во иранскиот конзулат во Дамаск во која неколку ирански државјани го загубија животот, а Техеран прстот за тоа го впери кон израелските власти. Токму тоа беше и причината минатата недела Иран со над 300 беспилотни летала и проектили да го нападне Израел, чин за кој израелските власти најавија дека ќе се одмаздат.

МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Првичните најави се сменија, изгубените часови поради претстојните избори и самитот на ОБСЕ сепак ќе мора да се одработат. 

Основците во мај и јуни, три саботи ќе одат на училиште за да ги исполнат законски утврдените 180 работни денови, велат од МОН, бидејќи во спротивно би се прекршил законот за образование.

18 мај, 1 јуни и 15 јуни, односно секоја втора сабота тој период, основците ќе треба да го одработат загубеното, одлука која предизвика несогласување од страна на СОНК. Тие веќе испратиле и реакција за промена на истата до министерството вели првиот човек на синдикатот Неделков. Тој не гледа ништо спорно во тоа министерот крајот на учебната година да го верифицира со 3 работни дена помалку, наместо да се дискриминираат наставниците... Згора на тоа, вели искуствата покажале дека продуктивноста на учениците би била минимална.

-Под МОН се и средно и високо образование, тие не работат, само основно образование, колегите вработени во основното образование навистина се чувстуваат и дискриминирани од 700.000 работници во државата, само овие 20тина илјади ќе работат. Одејќи во сабота нема да има никаков квалитет, ниту квантитет, ниту учениците ќе дојдат во бројот кој го поседува образованието, апсолутно тоа искуството го кажува и сметаме дека е не продуктивно да се работи во сабота.

Учениците од училиштата каде ќе се спроведува гласање, еден ден пред изборите на 24 април и 8 мај ќе имаат скратени часови кои ќе траат најдоцна до 11 часот. Од сојузот на средношколци кои не се опфатени со законот за работни денови, исто така сметаат дека саботите се бесполезни, а во нивниот случај, веруваат дека професорите имаат начин да се надокнади наставата..

-Саботите не треба да се работат, не се ефективни, сме виделе доста пати дека не се ефективни и дека не се држи настава како што треба да се држи во работните денови кога ја имаме. Среќни сме што средношколците нема да ги работат саботите, но една работа е дека професорите ќе треба да ја стегнат програмата и да ја поврзат повеќе за да можеме и ние да ги имаме ефективни деновите и часовите.- Берин Мухамед – Сојуз на средношколци

Инаку 24 и 8 мај се прогласени за неработни за сите работници на територјата на Македонија. Владата во Информацијата која ја усвои им препорача на приватните работодавци да ги почитуваат заклучоците, за секој граѓанин да може да си го оствари демократското право на глас во избирачката единица во која е регистриран.

Видео: Слоница избега од циркус и се прошета низ град во САД

Слоница избега од циркус во Бјут, Монтана,САД, при што ја пробила оградата и 10 минути се движела низ улиците на градот.

На видеоснимките од безбедносните камери и од очевидци, се гледа како слоницата Виола со доста голема брзина се движи по градот, додека циркускиот тренер оди и трча по неа и се обидува да ја смири и скроти. Дополнителен проблем бил звуците од возилата во близина што го исплашиле големото животно.

Откако малку се смирила, Виола продолжила кон блискиот тревник, каде што нејзините сопственици ја пресретнале со приколка каде што имало уште еден, помал слон - за да ја намамат. Виола потоа мирно влегла во приколката.

Истата вечер, според планираното, слоницата имала точка во циркусот.

Групите за заштита на животните, по повод овие настани, ги критикуваа сопствениците на слоницата, тврдејќи дека „очигледно принудено да настапува во циркусот“, животното сакало да избега од натамошно тормозење. /МИА

притисни ентер