Законите за коридорите го поминаа првиот собраниски филтер - Канал 5

Законите за коридорите го поминаа првиот собраниски филтер

Пратениците вчера на пленарна седница ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. 

Законите за коридорите го поминаа првиот собраниски филтер

Заседаваше и матичната Комисија за европски прашања, која е следниот филтер за законските измени, но само го утврди дневниот ред и според најавите денес треба да почне расправата.

Опозициските пратеници во расправата и на пленарната и на комисиската седница го оспоруваа означувањето на законите со европско знаменце и ги повторија обвинувањата дека со тоа што не е објавен Договорот со стратешкиот инвеститор, американско-турскиот конозорциум „Бехтел и Енка“, се остава простор за сомнежи за корупција, како и дека ќе се плаќаат стотици милиони евра за аванси и пенали. Од делегацијата на ЕУ во државава повторија дека загрижува означувањето со европско знаме на закони кои не се дел од усогласувањето со легислативата на ЕУ, а од владејачката СДСМ, пак, порачаа дека законските измени заштедуваат 150 милиони евра на граѓаните и две години помал рок на изведба.

На предлог на Владата, вчера на 115. собраниска седница беше изгласана потребата по скратена постапка да се донесат законите за изменување и дополнување на законите за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), за урбанистичко планирање, за градење, за експропријација и за работните односи, сите по скратена постапка. Овие закони претходно беа предложени од група пратеници, а по блокадата во комисиите од опозициски пратеници, повторно беа предложени минатата недела овојпат на предлог на Владата и со европско знаменце.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во текот на собраниската расправа рече дека владејачкото мнозинство го крши највисокиот акт во државата и Деловникот на Собранието.

Тој рече дека се злоупотребува европското знаменце, што според него ќе значи дека ќе има опструирана дебата како и ограничена амандманска расправа по овие закони. - Ова е предвидено со членот 135 од Деловникот при што треба да се наведат податоци за изворниот акт на ЕУ со полн назив, како и изјава за усогласеност. Потпис на надлежниот министер, како и јасно наведување на правниот акт на кој се однесува извршеното усогласување. Тоа го немаме. Празни се коресподентните табели. Ништо од ова не постои во содржината на законите и токму поради овие неправилности требало овие закони да бидат вратени на владина седница, а не да продолжат со продолжена процедура по истите, оцени Мицевски.

Постапката за законите, како што се изјаснија во текот на собраниската дебата, е неприфатлива и за пратениците Борислав Крмов од Левица, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и Маја Морачанин од ДОМ, кои исто така укажаа дека со нив не се врши усогласување на законската регулатива со европското законодавство.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, најави дека ќе упатат допис до сите институции и до амбасадите во државава на земјите членки на ЕУ и до Европската комисија (ЕК) за злоупотребата на европското знаменце. Како што изјави, чека реакција од Канцеларијата на Европската комисија во државава, а очекува реакција и од амбасадорите од земјите членки на ЕУ.

-До овој момент нема никаква реакција. Очигледно дека тие се злоупотребени во овој процес или јас барем така сакам да верувам. Но, доколку остане тишина, односно доколку остане без реакција, тогаш основано можеме да се сомневаме дека станува збор за нешто друго. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија силно ќе се спротивстави, иако процесот на носење на овие закони онаков каков што е замислен во рамките на Парламентот е на брза лента, бидејќи токму таа е и намерата на злоупотребата на ова европско знаменце, но ние нашите аргументи ќе ги кажеме таму за да може јавноста да ги слушне и силно ќе се бориме тие аргументи практично да преовладаат за време на таа дебата, изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, во државава како земја кандидат на отворена сцена се кршат европските вредности, а вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ треба да си поднесе оставка, затоа што, како што рече, тој јавно признава дека поддржува кршење на законите и процедурите.

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир во одговор на новинарско прашање повтори дека системот на европско знаменце се користи кога се усогласува домашната легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ.

- Европското знаменце постои бидејќи на патот кон ЕУ, Македонија, но и другите држави, треба да усвојат повеќе делови од законодавството, за што е потребно многу време во Парламентот. Ќе бидат потребни децении доколку се усвојат сите делови од законодавството, ако процесот се одвива во нормални услови. Затоа го имаме европското знаменце. Европското знаменце може да го користите кога ја усогласувате вашата легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ. Не загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ, изјави Гир.

Од владејачката СДСМ, остануваат на ставот дека законските измени со европско знаменце заштедуваат 150 милиони евра на граѓаните и две години помал рок на изведба, а важат не само за коридорите 8 и 10д туку и за проекти финансирани од ЕУ.

Во реакција на изјавата на Мицкоски, СДСМ оцени дека тој е против ЕУ и оти заедно со лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев водат хајка против, како што велат, изградбата на стратешкиот проект со коридорите 8 и 10д.

-Во време кога земјава успешно го спроведува скрининг процесот да се бара оставка од вицепремиерот за европски прашања е уште една потврда дека Мицкоски е против ЕУ. Оваа изјава на Мицкоски доаѓа само еден ден по јасните пораки од САД за силната поддршка на нашиот европски пат. Ако некој треба да се соочи со одговорност тоа е Мицкоски поради тоа што во заложништво на Левица е најголемиот кочничар на европската иднина на земјата. Мицкоски треба да понесе одговорност за постојаните блокади на европскиот пат, соопштија од СДСМ.

Изградбата на четирите автопатски делници на коридорите според првичните најави ќе чини 1,3 милијарди евра, без средствата за експропријација кои се проценуваат на околу 300 милиони евра.

Во меѓувреме, Владата вчера донесе одлука за потпишување анекс со Европската унија со што ќе се овозможи Коридорот 8 да стане дел од мрежата главни коридори во регионот и во ЕУ и го овласти министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, да го потпише документот, што е предвидено да се случи следната недела во Црна Гора.

За утре е најавено поставување камен темелник за автопатската делница Прилеп - Битола на Коридорот 10д, а претходно на свеченост беа официјализирани и активности за трите делници на Коридорот 8.

Една девојка потешко и друга полесно поведена откако возило излетало од патот Кавадарци - Неготино

Една девојка била потешко и друга полесно поведена, откако возило излетало од патот Кавадарци - Неготино, информираа денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.

Една девојка потешко и друга полесно поведена откако возило излетало од патот Кавадарци - Неготино

Како што стои во соопштението на СВР Велес, патничко возило „Фиат“ со кавадаречки регистарски ознаки, вчера излетало од коловозот на патот Кавадарци-Неготино, кај место викано „Антената“.

- Вчера во 11.45 часот во ОВР Неготино било пријавено дека на патот Кавадарци-Неготино, кај место викано „Антената“, патничко возило „фиат“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од М.Н.(18) од с.Сирково, општина Росоман, излетало од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила 17-годишна сопатничка, додека со телесни повреди Д.А.(19) двете од с.Сирково, констатирани во Итната медицинска помош Неготино. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Неготино, соопштија од СВР Велес.

Сто пораки во центарот на Скопје за 100 дена од трагедијата во Кочани

Денеска, на 24 јуни, кога се навршија точно 100 дена од трагедијата во Кочани, низ центарот на Скопје граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ низ центарот на Скопје постави 100 пораки од граѓаните за системот.

Сто пораки во центарот на Скопје за 100 дена од трагедијата во Кочани

– „По една за секој ден во кој институциите молчат, не преземаат одговорност и не обезбедуваат помош“.

-Осамна 100-тиот ден по трагедијата во Кочани. Молчевме, жалевме, марширавме, говоревме. Ветивме дека нема да заборавиме. За разлика од системот кој направи сè за да нè дефокусира и дискредитира, напишаа на Фејсбук од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.

Утрово пораките беа оставени низ различни локации во центарот на Скопје и пред клучните институции.

Мицкоски со порака до јавните и државни службеници: Верувам во вашиот труд и енергија и способност

Верувам во вашиот труд и енергија и способност, но очекувам резултати и посветеност.

Мицкоски со порака до јавните и државни службеници: Верувам во вашиот труд и енергија и способност

„Без силна, стручна, одговорна и почитувана јавна администрација, нема ниту држава, ниту реформи, ниту вистинска демократија. Честит празник за вашиот труд, за вашата посветеност, за вашата отпорност, понекогаш и во тешки и обесхрабрувачки услови“, вели претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски на денешниот настан по повод Меѓународниот ден на јавната администрација.

Мицкоски истакна дека денешниот ден не само формалност, туку повик за реформи, и конечно надминување на болестите кои предолго ја разјадува јавната администрација.

„Но денешниот ден не е само формалност. Тој е и повик. Повик за пресврт. Повик за реформа. Повик за конечно надминување на болестите кои предолго ја разјадува јавната администрација и за кои мораме да бидеме свесни: партизација, непотизам, неефикасност, клиентелизам“, рече Мицкоски и додаде:

„Дојде време за промена. Вистинска промена. Ги градиме темелите на промените. За твоето време кое доаѓа. За време во кое знаењето и трудот ќе бидат поважни од партиската книшка. За време во кое институцијата ќе служи на граѓанинот, а не граѓанинот на институцијата. За време во кое професионалноста ќе биде стандард, а не исклучок. За време во кое службеникот ќе биде горд што е дел од јавната администрација, а граѓанинот ќе знае дека ќе биде услужен со почит, ефикасно и дигитално.“

Премиерот Мицкоски нагласи дека изминатата една година започна акцијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“ која претставува основа за транспарентност и многу други проекти.

„Во овие 12 месеци, не ветувавме – туку работевме. Ја започнавме акцијата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“, како основа за транспарентен и одржлив процес на консултации при изработка на законите. Го формиравме новото срце на реформата – Академијата за стручно усовршување на јавните службеници, со мандат да овозможи стандардизирана и континуирана едукација на национално и локално ниво. Реализирани се над 100 обуки, а преку новата е-платформа LMS, над 100.000 службеници имаат пристап до курсеви, тестирања и евалуации. Се дигитализираше и надгради Системот за управување со човечки ресурси – ИСУЧР, со што за прв пат институциите имаат реална, точна и целосна слика за кадарот, учинокот и потребите. Се усвои стратегијата за реформа на јавната администрација, усогласена со методологијата на ЕУ и стандардите на СИГМА – стратегија што не стои во фиока, туку се применува секојдневно. Правевме корекција на балансерот – од политичка алатка, го трансформиравме во инструмент на праведност. Праведност наместо политичка математика. Се унапредија порталите ЕНЕР и OGP – овозможувајќи на граѓаните директно учество во креирање и следење на политиките. Родовата еднаквост и социјалната инклузија се интегрирани како норма во сите политики – не како привремена агенда, туку како вредност на оваа Влада“, дециден е Мицкоски.

Премиерот Мицкоски порача дека јавната администрација ќе ја направат место за шанса а не за порази, посочувајќи дека ќе се врати достоинството на јавниот службеник, но и ќе се воведат повисоки критериуми за отчетност.

„Ќе ја направиме јавната администрација место на шанса, не на пораз. Ќе го вратиме достоинството на јавниот службеник – но и ќе воведеме повисоки критериуми на отчетност. Ги градиме темелите на промените. Темели на знаење, работа и вредности. За твоето време кое доаѓа. Време кога ќе бидеш вреднуван по тоа што знаеш, а не кого познаваш. Време кога администрацијата ќе значи сервис – не ќорсокак. Време кога државата ќе работи за народот – не обратно“, посочи премиерот.

Премиерот Мицкоски им порача јавните и државни службеници дека верува во нив и нивната енергија, посветеност и способност, но дека очекува резултати.

„Јас верувам во вас. Верувам во вашата енергија, вашата посветеност и вашата способност. Ние ве поддржуваме – но и очекуваме резултати. Очекуваме партнерство. Очекуваме искрен труд. Денес, ја почитуваме вашата улога, но од утре – заедно продолжуваме по нов пат. Пат на модерна, дигитална, инклузивна и ефикасна администрација. Честит ден на јавните службеници! Честит нов почеток за македонска јавна администрација“, вели премиерот Мицкоски.

притисни ентер