Зајакнати мрежните капацитети на операторите, засега нема промени во цените

Агенцијата за електронски комункации (АЕК) ги спроведе во пракса сите поднесени барања од операторите за јакнење на капацитетите на мрежите, но засега нема конкретен одговор од нивна страна со намалување на цените на јавните комуникациски услуги.

На такво нешто регулаторот упати пред повеќе еден месец откако беа создадени услови за примена на мерките од Уредбата што ја донесе Владата во тек на вонредната состојба со оглед на тоа што пандемијата со КОВИД-19 го зголеми обемот на активности преку интернет.

Последните мерења на АЕК од минатиот месец покажуваат дека операторите ја имаат постигнато дефинираната минимална просечна брзина на пренос на податоци и оти таа изнесува минимално 80 Mbps (мегабити во секунда) на тест фајл со големина од 10 GB.

-Доделени се радиофреквенциски опсези во копнена мобилна служба со кои на операторите им се овозможи директно да имаат можност да го зголемат пристапот до корисниците и да го зголемат капацитетот за обезбедување на услугата интернет. Во опсегот 2100 MHz доделени се опсези од 2х15 MHz на А1 и на Македонски Телеком и во опсегот 3.6 GHz доделени се 28.5 MHz. Дополнително и во транспортната мрежа доделени се 168 линковски врски со зголемен капацитет за да може зголемената количина на сообраќај да се пренесе без загуби. На А1 му се доделени вкупно 145 линкови, на Македонски Телеком му се доделени вкупно 23 линкови, а во опсегот 3,6 GHZ се доделени 28,5 MHZ на Неотел. Досега нема информации за некакво намалување на цените, велат од АЕК за МИА.

Од телекомуникацискиот оператор Македонски Телеком истакнуваат дека инвестирале во инфраструктурата со цел да го подобрат и зголемат капацитетот на мрежата веднаш по појавата на пандемијата, којашто целосно го промени начинот на живеење и работа на граѓаните.

-Во услови кога информирањето, едукацијата и комуникацијата се одвиваат дигитално, а сеуште во голема мерка се практикува работењето од дома, постојано сме фокусирани да го одржиме капацитетот на мрежата и интернет сообраќајот стабилни. Досегашните преземени активности, подразбираат континуирани инвестиции со цел да ги задоволиме дигиталните потреби на корисниците, но и да излеземе во пресрет на потребите и интересите на сите чинители во општеството. Покрај стабилната мрежа обезбедивме дополнителни вредности, понуди и содржини без надоместоци за корисниците, а како општествена одговорна компанија инвестиравме во заедницата со обезбедување интернет за 30.000 деца од ранливи семејства за онлајн едукација. Како и досега, остануваме и понатаму посветени да обезбедиме непречена комуникација и поврзување на граѓаните, давајќи свој личен придонес за доброто на сите во општеството, изјавија за МИА од Телеком.

Агенцијата за електронски комуникации како регулаторно тело редовно спроведува мерења на квалитетот на услугите кои се обезбедуваат преку радиокомуникациските мрежи, но поради состојбата со корона вирусот изминатиот период спроведени се само мерења на територијата на град Скопје и тие се од информативен карактер. Тие мерења покажуваат дека параметрите за квалитет се значително подобрени од добиените од мерењата во кампањата од 2019. Во делот за брзина на пренос на податоци со последната измена на Правилникот за квалитет, минималната просечна брзина е дефинирана да изнесува 55 Mbps (мегабити во секунда), a согласно последните мерења од минатата недела операторите ја имаат постигнато и таа изнесува минимално од 80 Mbps (мегабити во секунда) на тест фајл со големина од 10 GB, информираат од АЕК.

Од вкупниот број поднесени приговори до АЕК, во изминатиот период имало само едно барање што се однесува на квалитетот на интернет кој се обезбедува преку радиокомуникациска мрежа од што може да се заклучи дека нема зголемување на поднесени приговори за оваа услуга. Доколку граѓаните не се задоволни од услугата интернет обезбедена преку радиокомуникациска мрежа, постапката е идентична како и за сите останати услуги. Прво поднесуваат приговор до операторот, а доколку се незадоволни од неговиот одговор поднесуваат приговор до АЕК. АЕК поседува софистицирана мерна опрема со која може да се измери квалитетот на сите услуги кои се обезбедуваат преку радиокомуникациска мрежа.

-Инвестициите ги планираат операторите, а секако дека тие во најголем дел се предизвикани од потребата за зголемена количина на интернет. АЕК, во согласност зо законските прописи, како регулатор, во секое време ќе биде спремен да ги следи инвестициите на операторите и соодветно да одговори на нивните потреби, наведуваат од АЕК во одговор на нашето прашање за можностите за натамошните идни инвестиции.

Во однос на предизборните ветувања што се најдоа во партиските програми за воведување нов мобилен оператор, од регулаторното тело истакнуваат дека во континуитет го следат начелото на Законот за електронските комуникации за постојано зголемување на конкуренцијата на пазарот за електронски услуги во државава и ги обезбедува сите потребни услови како регулатор.

АЕК веќе најави дека постапката за доделување радиофрекфенции за 5Г ќе ја стартува до крајот на годинава преку аукција, при што ќе бидат понудени одобренија за сите опсези. Двата постоечки оператори поради условите предизвикани од КОВИД – 19, се за одложување на постапката на доделување радиофреквенции за 5Г за следната година, додека ЕОЛО, заинтересираниот странски инвеститор, смета дека таа треба да се спроведе во најскоро време. – Со започнување на постапката се зголемува и можноста за зголемување на конкуренцијата и од други заинтересирани страни, а секако и дека трет мрежен оператор е и една од целите на АЕК, оценија од регулаторното тело во одговорот на пристигнатите коментари за јавната расправа за постаката за доделување 5Г одобренија.

На 18. минатиот месец АЕК најави дека за најмалку два пати ќе се зголемат капацитетите за транспорт на сообраќајот на операторите на пазарот на електронски комуникации, што беа намалени поради оптовареност на мрежите откако поради кризата со КОВИД-19 најголемиот дел од населението ги извршува обврските он-лајн. Со Уредбата од 10. минатиот месец беше овозможено дополнително доделување радиофреквенциски опсези и радиофреквенции на операторите на телекомуникацискиот пазар, откако е констатирано дека мрежните капацитети на операторите се доведени речиси до максимална искористеност и се соочуваат со многу интервенции во одржување на мрежите. Корисниците тоа го чувствуваат преку добивање услуги со несоодветен квалитет и повисоки сметки, особено во делот за интернет услугата. Тогаш АЕК потенцираше дека е за очекување тие да ги намалат цените кон крајните корисници по отстранетите недостатоци и олеснетата работа.

Последните официјални податоци на надлежните институции, покажуват дека на крајот на минатата година во државава од 90 нотифицирани субјекти во службената евиденција на АЕК, 88 субјекти обезбедуваале услуги за пренос на податоци. Во 2019 година, 81,8 проценти од домаќинствата имале пристап до интернет од дома. Седумдесет проценти од домаќинствата имале широкопојасно поврзување на интернет, а 85,8 проценти од деловните субјекти (со 10 или повеќе вработени) фиксно широкопојасно поврзување на интернет./МИА

Петровска: Програмата „Наука за мир и безбедност“ ги охрабрува цивилните аспекти на науката

Програмата „Наука за мир и безбедност“ ги охрабрува цивилните аспекти на науката во служба на безбедноста.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, заедно со шефот на Одделот за управување и координација на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, Клаудио Палестини, го отвори Информативниот ден на НАТО програмата, на кој учествуваа експерти од НАТО предводени од Палестини, претставници на академската заедница во Македонија, како и невладиниот сектор.

Петровска посочи дека идејата на НАТО за развој на оваа програма е да ги охрабри невоените, односно како што рече, цивилните аспекти на науката во служба на науката и безбедноста базирана врз пристапот на почитување на човековите права.

Програмата, посочи таа, ги поврзува научниците, експертите, како и службениците на НАТО и нејзините партнерски земји, за да се справат со предизвиците преку научно истражување и размена на експертско знаење.

– Покрај гарантираната безбедност и можноста за домашните компании да настапат на НАТО пазарот, овде денес ќе бидат презентирани непрегледаните можности на научно вмрежување, меѓусебната поддршка во развојот на иновациите и технолошкиот напредок, како и размената на знаење. Во свет кој исклучително брзо се менува непходни ни се науката и разумот како темелни вредности и најмал заеднички содржател на компромисот, кој треба да го постигнат низа на општествени чинители, рече Петровска.

Шефот на Одделот за управување и координација на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, Клаудио Палестини, истакна дека по пристапувањето на земјава во Алијансата во 2020 година, 30 цивилни претставници ги имаат унапредено своите капацитети во справување со кипер одбраната.

– Македонија учествуваше во повеќе проекти, ние сме горди што претставниците од Центарот за управување со кризи дадоа свој придонес и ги унапредија своите одговори во корона вирусот. По нејзиното пристапување во НАТО во 2020 година имавме голем број обучувачи, односно 30 цивилни претставници коишто на еден начин ги унапредија своите капацитети во справување со кипер одбраната. Ние сме среќни што можеме да кажеме дека Македонија е наш сојузник и истражувачите имаат навистина простор и можност за растење во програмата, истакна Палестини.

Кривична пријава за тројца полициски службеници за „несовесно работење во службата”

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против три лица - полициски службеници до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против три лица - полициски службеници до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластување и припадници на затворската полиција за кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в став 4 од Кривичниот законик.

Како што соопштуваат од МВР, кривичната пријава е поднесена против тројцата полициски службеници затоа што дозволиле да настане застареност на дисциплинска постапка која се водела против вработен во МВР кој бил осомничен за злосторничко здружување и присвојување добра под привремена заштита и културно наследство.

Полициските службеници во својство на членови на дисциплинска комисија несовесно постапиле во вршењето на своите должности и овластувања што пропуштиле во законски рок да ја спроведат дисциплинска постапка против вработен во СВР Струмица за кој била поднесена кривична пријава „Злосторничко здружување“ и „Присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство“ и му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Пијавените наместо навремено да постапат по иницијативата за утврдување на дисциплинска одговорност, расправата ја одржале дури по повеќе од една година по добиеното известување од страна на јавниот обвинител, со што дозволиле да настане апсолутна застареност за водење дисциплинска постапка, притоа постапувајќи спротивно на законите и подзаконските акти, наведуваат од МВР.

Пошумување на Глишички рид во Кавадарци

Пошумување на Глишички рид се реализираше денеска во близина на Кавадарци, акцијата беше во организација на кавадаречката локална  самоуправа, во соработка со еколошкото друштво ,,Еко - живот" и ученици од трите средни училишта во градот. 

Доне Илов, раководител на сектор за животна средина при Општината, рече дека шеста година по ред, се посадуваат садници на ерозивни подрачја.

- Пролетва ќе бидат продадени околу 2.5 илјади садници. Овојпат посадуваме багрем, додаде тој.

Претседателот на ,,Еко - живот", Роберто Паризов апелираше и други субјекти во општината, да се вклучат во вакви и слични еколошки акции.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека последниве години во Општина Кавадарци се реконструираше целата постоечка јавна зелена површина, но се подигнаа и нови, на повеќе локации, со вкупна површина од над 130.000 метри квадратни.

- По цели 60 години со целосен автоматски систем за наводнување и нови содржини, реконструиран е Градскиот парк Љупчо Шкартов. Кавадарчани добија и нов парк, Киро Крстев, изграден според сите светски стандарди и богат со урбана опрема и зеленило. Во паркот на револуцијата пак, никна нов Дендро парк, богат со разновидни видови на растенија.

Исто така и локалитетот 12 Ваташки младинци е целосно хортикултурно уреден, појасни тој.

Шеста година по ред, додаде, секоја пролет и есен се пошумуваат и околните ерозивни подрачја што го напаѓаат градот.

- Три години се пошумуваше на Журов дол во село Ваташа, во изминатите три години таму се посадија 40.000 садници од чемпрес и багрем. Изминатите две и оваа веќе трета година, се пошумува на локалитетот Глишички рид, каде беа посадени досега 15.000 садници. Во ова пролетно пошумување, ќе се посадат уште 2.500 садници на багрем, а на есен се планира помасовно садење од 5.000 садници, информираше Јанчев.

притисни ентер