Ставот на Бугарија е единствен, да нема заблуди дека по бугарските избори напролет, ставовите на Софија ќе се променат.
-Тие имаат погрешна претстава дека нешто посебно ќе се смени. Напротив, ако нешто се смени, тоа ќе биде полошо за нив. Ние сакаме надминување на стереотипите од минатото, запирање на воспитувањето и основањето на нација базирано на антибугаризмот, запирање на јазикот на омраза, запирање на воспитувањето на омраза кон бугарското. Тоа го сакаме, не е ништо толку комплицирано според мене, вели за БТВ, Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија.
Во интервјуто за БТВ Захариева уверува дека нема ништо тајно ниту во акцискиот план, што пред два дена му ги врачи на Бучковски во Софија. Идентитетските прашања не ги спомена, а појасни дека во документот доминираат економски и инфраструктурни проекти.
-Имаме доста поплаки од бугарските фирми, од бугарските универзитети, кои сакаат да се акредитираат (во Македонија). Имаме фирми кои развиваат бизнис, а имаат непотребни и сомнителни административни проблеми., вели Захариева.
Германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, смета дека нема план „Б“ за Македонија и дека очекува годинава да бидат отворени преговорите со Унијата.
-Отворањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ треба да се случи и се надевам дека ќе успееме да го постигнеме тоа оваа година. Нема друга атернатива. Исполнети се сите услови од страна на Македонија, изјави Анке Холштајн, амбасадор на Германија во Македонија.
Од Португалија, која го презеде претседателството со Унијата од Берлин, периодов стигнуваа различни пораки – од тоа дека не треба да се брза до уверувања дека проширувањето е приоритет на Лисабон.