Заев за Еуроњуз: Не е можно раздвојување на Македонија и Албанија - Канал 5

Заев за Еуроњуз: Не е можно раздвојување на Македонија и Албанија

Не е можно да се раздвои патот за членство во ЕУ на Македонија и Албанија, изјави премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев за Еуроњуз.

Заев за Еуроњуз: Не е можно раздвојување на Македонија и Албанија

Брисел ги разгледуваше двете кандидатури паралелно, но минатата недела европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз изјави дека раздвојувањето на Македонија и Албанија „може да биде опција" доколку Бугарија продолжи да се спротиставува на влезот на Македонија во Унијата.

Еуроњуз, пренесувајќи ја изјавата на премерот Заев потсетува дека Бугарија бара Македонија, која е потенцијален кандидат за членство во ЕУ од 2003 година, да го признае бугарското потекло на македонскиот јазик и нација.

-Нашиот идентитет – македонски јазик, македонски идентитет е нешто свето за нас, како и за секоја (друга) земја, потенцира Заев во изјавата дадена денеска претпладне по неговата средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Брисел.

-Не може да се преговара за нашиот македонски јазик и македонскиот идентитет, вели премиерот.

Заев рече дека договорот од Преспа, кој Грција и Македонија го постигнаа во 2018 година за да се реши спорот околу името и да се олеснат разговорите за пристапување во ЕУ, е пример за подготвеност на неговата земја да се вклучи во дипломатијата.

Но, има граници на таа добра волја, предупреди тој.

-Ние ја имаме нашата гордост и го имаме нашиот идентитет. Нашата гордост може да оди нагоре и надолу. Тоа го покажавме преку договорот од Преспа и со нашата дипломатија и флексибилност. Нашиот идентитет е единствен и не постои можност мојата влада или која било друга влада да преговара за тоа. И затоа, не е можно ниту држава, па дури ни унија во која сè уште не сме членки, да си игра со тоа. Според мене, не е можно да има раздвојување или каков било друг вид развој или настан од практични причини без никаков збор за Македонија по сè што се случи, рече Заев во врска со историскиот договор и реформите што неговата земја ги спроведе како дел од подготовките за членство во ЕУ.

Во изјавата за Еуроњуз Заев нагласува дека Македонија „заслужува" да го направи следниот чекор од процесот на членство: меѓувладината конференција.

Во март 2020 година, Европскиот совет се согласи да ги почне разговорите за пристапување и со Албанија и со Македонија. Сепак, наведува Еуроњуз, „упорното противење на Бугарија досега спречуваше дипломатскиот пресврт да стане реалност".

-Очекуваме ЕУ како целина, сите 27 земји-членки, Европската комисија, да бидат во согласност со она што ни го ветија. Тоа беше: вие испорачајте, ние ќе испорачаме. Ние испорачавме и повеќе од тоа. И ние очекуваме Европската унија да испорача, рече Заев.

Ние, додава тој, сме отворени да разговараме за кое било прашање за кое може да се преговара.

-Но, прашањата како што се идентитетот, јазикот, никогаш не се предмет на преговори во кој било дел од процесот на проширување на Европската унија со која било друга земја. Огромен е ризикот ако продолжи блокадата. Тоа е ризик и за Бугарија, и за Македонија, и за целиот Балкан, предупреди тој.

Еуроњуз пишува дека премиерот верува дека пролонгирањето на почетокот на преговорите за пристап и фрустрациите што произлегоа од тоа, доведоа до наводен нон-пејпер за прекројување на границите на балканските земји формирани по распадот на Југославија.

Ѓорѓиевски: „Покрсти“ ќе биде новата омилена туристичка дестинација на Скопје

Општина Кисела Вода интензивно работи на изградбата на новото рекреативно и туристичко место – Покрсти, кое наскоро се очекува да прерасне во омилена дестинација за љубителите на природата и рекреацијата од цело Скопје, информираат од Општината.

Ѓорѓиевски: „Покрсти“ ќе биде новата омилена туристичка дестинација на Скопје

Како што се наведува во соопштението, лоцирано е во зелена околина, со чист планински воздух и поглед над цело Драчево и околината.

-Веќе е изградена асфалтирана рекреативна патека, а во тек се активностите за уредување на плоштад, велосипедски патеки и поставување на урбана опрема – клупи, корпи за отпадоци и други содржини кои ќе овозможат пријатен престој за сите посетители. Локацијата има и традиционално значење, бидејќи токму по патеката „Покрсти“ секоја година се движат стотици верници на вториот ден по Велигден. Со реконструкцијата, патеката која се протега во должина од над осум километри ќе стане уреден простор за пешачење и велосипедизам, со што ќе се подигне и нејзината функционалност преку целата година, стои во соопштението.

Овој проект е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за развој на спортско-рекреативни капацитети, заштита на животната средина и поттикнување на домашниот туризам.

-Големите дела се остваруваат со упорност, посветеност и многу љубов. Покрсти е место со духовно значење, со природна убавина и огромен потенцијал. Сакаме да го вратиме сјајот на оваа локација и да го направиме достапно и пријатно за сите – за спортисти, семејства, туристи, рекреативци. Верувам дека Покрсти ќе стане вистинска атракција за нашата општина и за целиот град, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Холандија не се откажува од израелски ракети за нови воени бродови

Холандското Министерство за одбрана избра израелски систем за оружје за два нови повеќенаменски помошни бродови.

Холандија не се откажува од израелски ракети за нови воени бродови

Одлуката е донесена поради растечките повици во Претставничкиот дом за бојкот на израелското оружје поради војната во Појасот Газа, објавија холандските медиуми.

Вршителот на должноста државен секретар за одбрана, Гејс Тојнман, му пишал на Претставничкиот дом дека израелскиот производител на оружје „Израел аероспејс индустрис“ е единствениот што може да испорача ракети земја-воздух, прецизна муниција со долг дострел и опрема за електронско војување на краток рок.

Според Тојнман, купувањето од еден производител има повеќе предности. На пример, системот може подобро да се интегрира во морнарицата, а компанијата се грижи за одржување на системите во првите три години. Набавката на бродовите е итна и, според него, нема алтернатива.

Државниот секретар додаде дека набавката на помошните бродови се одложува. Според него, преговорите за договорот со бродоградбата „Дамен“ сè уште не се завршени. Првично, беше планирано двата брода да бидат пуштени во употреба до 2027 година.

Лишен од слобода велешанец кој нападна девојче и полициски службеници, предложен притвор

-Постои основано сомнение дека на 13 јуни 23-годишниот велешанец извршил физичко насилство врз девојче родено 2016 година, така што најпрво почнал да ја навредува, а потоа со метален предмет ја удрил по главата. 

Лишен од слобода велешанец кој нападна девојче и полициски службеници, предложен притвор

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка и предложи определување мерка притвор за едно лице осомничено за кривично дело „насилство врз дете“ од член 201-а и шест кривични дела – „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“, согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

-Постои основано сомнение дека на 13 јуни 23-годишниот велешанец извршил физичко насилство врз девојче родено 2016 година, така што најпрво почнал да ја навредува, а потоа со метален предмет ја удрил по главата. Кога детето паднало на земја тој започнал да ја влече по улицата. Кога родителите на девојчето пријавиле во полиција, шестмина полициски службеници пристигнале на лице место, но осомничениот им се заканувал дека ќе ги нападне со секира и тесла кои ги држел во рацете. Со опасните орудија започнал да се приближува кон полицајците и не застанувал на дадените наредби да запре, по што полициските службеници испукале два предупредувачки куршуми во воздух, соопштија од Јавното обвинителство.

Осомничениот се дал во бегство и бил недостапен два дена.

Како што потенцираат од Јавното обвинителство, по неговото приведување во полициска станица, осомничениот продолжил да им се заканува на полицајците, поради што обвинителот оцени дека постои реална опасност тој да ги доврши кривичните дела доколку биде пуштен да се брани од слобода. Исто така, јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор и поради опасност од бегство.

притисни ентер