Заев: Во ЕУ ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик

Во ЕУ ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик, порача попладнево премиерот Зоран Заев преку својот Фејсбук профил.

Во статусот, Заев наведува дека сите премрежја, окупации и блокади биле надминати заради желбата за подобро утре и подобар живот.

– Така е и сега. Гледаме напред, кон Европа, тоа е единствениот пат кон нашето подобро утре.

Изолациите ги оставаме во минатото бидејќи знаеме дека македонската иднина е европска. Во тоа име, продолжуваме да бараме решенија. Само така е европски, само така е македонски, пишува Заев.

Британскиот парламент усвои закон за враќање баратели на азил во Руанда

Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда.

Британскиот премиер Риши Сунак вчера во денот кога Горниот дом на парламентот го усвои потребниот закон вети дека во рок од 10 до 12 недели ќе започне да испраќа во Руанда баратели на азил за да ги процесуираат нивните барања, што беше одложено со месеци поради парламентарните обиди за промена на планот.

Сунак објави дека владата резервирала комерцијални чартер авиони и обучила персонал да испраќа мигранти во Руанда, политика за која се надева дека ќе ја зајакне неговата Конзервативна партија пред изборите подоцна оваа година.

Домот на лордовите долго време одбиваше да го поддржи нацрт-законот, што нема дополнителни заштитни мерки и беше раздор, но на крајот попушти откако Сунак рече дека владата ќе го принуди парламентот да заседава онолку долго колку што е потребно за да го усвои.

Десетици илјади мигранти, од кои многумина бегаат од војните и сиромаштијата во Африка, Блискиот Исток и Азија, стигнаа до Велика Британија во изминативе години поминувајќи го Ламанш со мали чамци на ризични патувања организирани од банди шверцери на луѓе.

Запирањето на протокот на мигранти е приоритет за владата, но критичарите велат дека планот да се депортираат луѓе во Руанда наместо да се работи со барателите на азил во Британија е нехуман. Тие ја наведуваат загриженоста за состојбата со човековите права во источноафриканската земја и ризикот барателите на азил да бидат вратени назад во земјите каде што се соочуваат со опасност.

И по успешното надминување на парламентарните пречки, Сунак се уште може да се соочи со правни предизвици за законот. /МИА

Амирабдолахиан: Санкциите на ЕУ против Иран се за жалење

 Санкциите на Европската унија се за жалење, изјави денеска шефот на иранската дипломатија, Хосеин Амирабдолахиан.

Санкциите, за кои беше постигнат принципиелен договор минатата недела, треба да му бидат наметнати на Техеран по нападот на Иран врз Израел, пренесуваат британските медиуми.

Амирабдолахиан во објава на платформата Х напиша дека е „за жалење“ тоа што ЕУ толку брзо одлучува да спроведе уште по „незаконски рестриктивни мерки против Иран“, само затоа што Иран го искористи своето право за самоодбрана, по, како што наведе, „непромислената израелска агресија“, пренесуваат британските медиуми.

На 13 април Иран истрела повеќе од 300 беспилотни летала и проектили кон Израел, соопштувајќи дека тоа е одмазда за израелското бомбардирање на иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа 13 лица.

Министрите за надворешни работи на ЕУ вчера начелно се согласија да ги прошират санкциите кон Иран и да ги прошират рестриктивните мерки против извозот на оружје, беспилотни летала или ракети од Техеран за сојузниците на Иран и Русија. /МИА

„Спајс грлс“ повторно заедно за 50. роденден на Викторија Бекам

Познатиот женски поп-состав од 90-тите - „Спајс грлс“ (Spice Girls) повторно се обедини за 50-от роденден на Викторија Бекам - една од девојките во групата.

Популарните „Спајсици“ сѐ уште се во добри односи. Џинџер, Спорти, Бејби, Скери и славеничката Пош Спајс прославија и со својата позната песна „Стоп“, а видеото од изведбата на Инстаграм го објави сопругот на Викторија, Дејвид Бекам. Забавата се случила викендов во клубот „Освалдс“ во Лондон, а од познатите гости, забележани се и Том Круз, Селма Хајек, Ева Лонгорија и Гордон Ремзи, меѓу другите.

„Пријателството никогаш не завршува“, гласи натписот до заедничка фотографија објавена на „Инстаграм“ страницата на „Спајсиците“.

Инаку, годинава се навршуваат и 30 години од основањето на „Спајс грлс“. Составот првично постоеше од 1994. до 2000 година, но имаше повторни собири и за неколку посебни поводи потоа. Тие се собраа и на затворањето на Олимписките игри во Лондон, 2012 година.

притисни ентер