Заев во Берлин по поддршка од Меркел за датум за преговори

Премиерот Зоран Заев денеска заминува во посета на Германија каде очекува позитивна порака од канцеларката Ангела Меркел во однос на добивањето на датумот за преговори.

Премиерот Зоран Заев во пресрет на самитот на Европскиот совет што треба да се одржи на крајот од јуни во Брисел, на кој треба да се утврди датум за пристапни преговори на нашата земја со ЕУ, денеска заминува во посета на Германија каде очекува позитивна порака од канцеларката Ангела Меркел во однос на добивањето на датумот за преговори.

– Во четврток очекувам позитивна порака од канцеларката Меркел со прецизни агенди и детали затоа што сите земји немаат никаква дилема ниту каков било аргумент против за добивање датум за Северна Македонија за почеток на преговори со ЕУ. Само треба да знаеме кога ќе бидат донесени конкретните одлуки. Премиерот Бабиш ќе ни помогне на Европскиот совет, ќе ја отвори дебатата, верувам дека романското претседателство ќе не стави на дневен ред заедно со претседателот Туск затоа што секоја позитивна порака е мотивирачка за нас да продолжиме понатаму, посочи Заев вчера на заедничката прес-конференција со неговиот чешки колега кој престојуваше во официјална посета на земјава.

Тој нагласи дека политичките одлуки во земјата за тоа дали ќе има реконструкција на Влада или предвремени избори ќе зависат токму од одлуката на Европскиот совет, како и од пораките и јасното соопштување за извесните чекори коишто ќе му ги пренесе канцеларката Меркел на средбата што треба да се одржи во четврток. Убеден е дека земјата ќе добие датум за преговори.

-Нема дилеми дека ќе добиеме датум за преговори, важно е тоа да биде порано. Важно е да знае ЕУ дека таа за нас е атрактивна затоа што секогаш покажала мудрост да ги прави реформите внатре, но и да го држи процесот отворен за привлекување на новите земји кандидати за членство во ЕУ и верувам дека тоа ќе се случи. Оваа мотивација од ЕУ за нас е важна за да продолжиме понатаму, рече Заев на новинарско прашање дали има донесено одлука за која од трите можни опции (реконструкција на Владата, предвремени парламентарни избори, враќање на мандатот) се одлучил, а кои тој претходно ги најави во случај да не добиеме датум за преговори.

Најави дека по средбата со Меркел во четврток, веројатно идниот викенд ќе следи седница на Централниот одбор на СДСМ, дека се постојано во координација со коалициските партнери и во зависност од одлуката на парламентарното мнозинство и дали тоа ќе се додржи така ќе ги носат одлуките.

-Транспарентни сме до самиот крај. Верувам дека јуни месец ќе ги заокружи сите овие политички одлуки дома затоа што се што работиме е заради интеграциите во ЕУ и НАТО кои ни влијае комплетно позитивно на економските процеси и реформите, рече Заев.

Работната посета на премиерот Заев на Берлин е на покана на Стопанската комора на СР Германија за источна Европа. Според најавата од владината прес-служба, Заев ќе предводи делегација на годишниот прием на Стопанската комора на Германија за источна Европа на кој ќе има свое обраќање.

Европската Комисија во извештаите за напредокот за земјите – кандидати што ги објави на 29-ти мај, им препорача на земјите членки да ги започнат преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија што поскоро, идеално во јуни, а македонскиот пример го нарече „блескав" и „сведоштво" за моќта на привлечност на ЕУ во регионот.

-Нашата порака е јасна, јасно рековме дека му препорачуваме на Советот да отвори преговори со двете земји во најбрзо време, сега одлуката е кај земјите членки. Двете земји се подготвени, рече по презентацијата на извештаите потпретседателката на ЕК и шефица на европската дипломатија Федерика Могерини нагласувајќи дека станува збор за процес на преговори а не за членство во ЕУ.

Премиерот Заев пак оцени дека овој Извештај кој ја содржи 10-та по ред препорака за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ е најпозитивниот досега, потврдува дека ги исполнивме сите наши задачи и дека целосно сме подготвени за почеток на преговорите.

-Сега на потег се државите членки и институциите на ЕУ. На потег е Европа да испорача одлука што ќе ни ја донесе врз основа на нашите заслуги. Испораката има јасен став за старт на процесот на преговори кој е и во интерес на ЕУ, за улогата на ЕУ како глобален играч за нејзината надворешна политика и за идните перспективи на овој регион. Отворањето на преговорите за пристап во ЕУ е единствната гаранција за одржување на домашната стабилност и за одржување на реформскиот импулс во Северна Македонија со позитивни ефекти за целиот регион на Западен Балкан, потенцира Заев./МИА

Ескобар доаѓа во Брисел на разговори поради ситуацијата на северот на Косово

Американскиот заменик-помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Габриел Ескобар неделава ќе пристигне во Брисел за да разговара со европските партнери за актуелната ситуација во северно Косово.

Соединетите држави работат со ЕУ, НАТО и владите во Белград и Приштина „да преземат итни чекори за деескалација на ситуацијата и избегнување дејствија што ги зголемуваат тензиите, го загрозуваат напредокот постигнат во дијалогот со посредство на ЕУ и негативно влијаат врз секојдневниот живот на граѓаните “, рече портпаролoт на Стејт департментот за Радио Слободна Европа , додавајќи дека: „Соединетите држави продолжуваат да поддржуваат тесна регионална соработка со цел да се отстранат сите пречки за слободно движење, трговија и инвестиции од кои ќе имаат корист сите граѓани на Западен Балкан“.

Тензиите во односите Белград-Приштина се зголемија во минатата недела, кога специјалните сили на косовската полиција дојдоа на премините Јариње и Брњак во северно Косово за да ја спроведат одлуката на Приштина за одземање и замена на српските регистарски таблички.

Австралиските власти најавија крај на тримесечниот „локдаун“ за вакцинираните жители на Сиднеј

„Треба само да издржиме оваа и следната недела. “

Карантинот во сиднеј и во останатиот дел од австралиската држава Нов Јужен Велс ќе биде укинат кога стапката на целосно вакцинирани ќе надмине 70 проценти, цел што премиерката на таа држава, Гладис Береџиклијан, очекува да биде постигната на 11 октомври.

Првпат по три месеци пабовите, рестораните и продавниците ќе можат да се отворат за вакцинираните.

„Треба само да издржиме оваа и следната недела. Скоро сме таму, да не се откажуваме во последен момент“, рече Береџиклијан.

Според планот, ќе може да се патува низ сојузната држава Нов Јужен Велс, а ќе се укине ограничувањето на бројот на луѓе присутни на погреби и свадби и ќе бидат дозволени спортски настани.

Невакцинираните граѓани мора да чекаат барем до 1 декември за да ги уживаат истите слободи, кога се очекува 90 проценти од населението да биде вакцинирано.

Претседателката на ЕК Фон дер Лајен утре во посета на Македонија

Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен утре ќе допатува во посета на Македонија.

Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заевна платото пред Владата.

Според агендата, предвидено е двете делегации да заминат во Младинскиот културен центар, каде, по настанот предвиден во фоајето на МКЦ, ќе се упатат кон Кино Фросина каде ќе се одржи заедничка прес-конференција на премиерот Заев и претседателката на ЕК фон дер Лајен.

Портпаролот на Европската Комисија, Ерик Мамер, претходно најави дека Урсула фон дер Лајен во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија. Како што јави допсиничката на МИА од Брисел, Мамер не даде повеќе детали, и посочи дека прашањата ќе бидат одговорени на прес-конференциите што ќе ги има претседателката на ЕК.

-Претседателката оди на Западен Балкан да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот, ова се партнери на ЕУ со кои имаме многу силни врски и посетата ќе биде прилика да се разговара за овие односи вклучително и тоа билатерално прашање, рече Ерик Мамер, зборувајќи за македонско-бугарскиот спор.

Фон дер Лајен од 28 до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан почнувајќи од Албанија и Македонија.

Шефицата на Европската Комисија ќе го посети регионот една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи на шести октомври во Словенија со лидерите од регионот.

Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето" туку прилика да се разговара за односите на ЕУ и регионот.

притисни ентер