Заев: В недела да го избереме Стево Пендаровски за претседател

За в недела имам три пораки. 

Првата, никогаш повеќе режим. Втората, заедно да чекориме по вистинскиот, европскиот пат, патот на благосостојба. И третата, в недела на 5-ти, во петтиот месец да го избереме Стево Пендаровски, петтиот претседател на нашата држава. Ова вечерва го порача премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев на граѓанската трибина пред битолчани.

Покрај Заев, се обратија и министерот за надворешни работи Никола Димитров и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Пред почетокот на трибината Заев изјави дека најважна е одговорноста кон државата. – Најважно е да излеземе, да гласаме и да избереме претседател на нашата земја. Тоа е најважната порака. Секако, паралелно и еднакво со тоа е да продолжиме напред, да одиме заедно. Овој пат е единствениот пат кој нашите граѓани го очекуваат од самостојноста на нашата земја, ред е да го потврдиме тоа и да продолжиме по единствениот пат кој ќе не носи рамо до рамо со современите европски земји, рече Заев.

Тој верува дека в недела ќе има поголема излезеност и оти ќе победи Пендаровски со убедлива разлика во Битола и во сите краишта низ државата.

– Пораката е да не се коцкаме на 5-ти мај со се што досега е позитивно направено за нашата земја, а знаеме што е направено. Практично сме де факто членка на НАТО, за помалку од два месеца ќе го добиеме датумот за преговори, имаме историски договори со Бугарија и со Грција, го затворивме Рамковниот договор и не смееме да дозволиме спротивната опција да добие мнозинство што ќе значи враќање назад години, а можеби и децении. Претходниот режим знаеме во што ни ги претвори нашите животи, знаеме дека Македонија беше изолирана држава. Со оваа власт и со гласање за број 3 можеме да одиме само напред, изјави Пендаровски.

Шефот на дипломатијата Никола Димитров, пак, говореше за значењето на НАТО интегрирањето и посочи дека со зачленувањето во НАТО, темелите и покривот на нашата куќа се сигурни и безбедни засекогаш. Но, тоа сега, како што рече, го знаат и меѓународните компании кои во стабилна куќа одлучно инвестираат. /МИА.

„Спајс грлс“ повторно заедно за 50. роденден на Викторија Бекам

Познатиот женски поп-состав од 90-тите - „Спајс грлс“ (Spice Girls) повторно се обедини за 50-от роденден на Викторија Бекам - една од девојките во групата.

Популарните „Спајсици“ сѐ уште се во добри односи. Џинџер, Спорти, Бејби, Скери и славеничката Пош Спајс прославија и со својата позната песна „Стоп“, а видеото од изведбата на Инстаграм го објави сопругот на Викторија, Дејвид Бекам. Забавата се случила викендов во клубот „Освалдс“ во Лондон, а од познатите гости, забележани се и Том Круз, Селма Хајек, Ева Лонгорија и Гордон Ремзи, меѓу другите.

„Пријателството никогаш не завршува“, гласи натписот до заедничка фотографија објавена на „Инстаграм“ страницата на „Спајсиците“.

Инаку, годинава се навршуваат и 30 години од основањето на „Спајс грлс“. Составот првично постоеше од 1994. до 2000 година, но имаше повторни собири и за неколку посебни поводи потоа. Тие се собраа и на затворањето на Олимписките игри во Лондон, 2012 година.

Бонмати и Ѓоковиќ добитници на спортските оскари за 2023

Шпанската фудбалерка Аитана Бонмати и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се добитници на наградата Лауреус, таканаречените Оскари за најдобра спортистка и спортист во 2023 година.

Минатата година Бонмати беше избрана за најдобар играч во изборот на ФИФА, а беше прогласена и за најкорисен играч (МВП) на Светското првенство на кое Шпанија ја освои шампионската титула.

Новак Ѓоковиќ ја освои наградата Лауреус по петти пат во кариерата, откако минатата година освои три од четирите грен - слем турнири (Австралија Опен, Ролан Гарос, УС Опен) и играше во финалето на четвртиот (Вимблдон).

Спортистите за наградата Лауреус се номинирани од претставници на светските медиуми, а победниците ги избираат 69 членови на Светската спортска академија Лауреус. Наградата е основана во 2000 година.

Добитници на наградата Лауреус за 2023 година:

Спортистка на годината: Аитана Бонмати

Спортист на годината: Новак Ѓоковиќ

Тим на годината: Шпанска женска фудбалска репрезентација

Најголем напредок: Џуд Белингем

Повратничка на годината: Симон Белс

Најдобра спортистка со попреченост: Диде де Грот

Спортистка на година во акциски спортови: Ариса Трев

Награда за хуманитарна работа: Фондација Рафа Надал. /МИА

Гласањето на болните и изнемоштените во десетте општини од Југоистокот почна без проблеми

Најмногу болни и изнемоштени се пријавени во Општина Струмица - 356.

Вкупно 1.547 болни и изнемоштени лица денеска гласаат во првиот круг од претседателските избори во десетте општини во Југоисточниот плански регион - Струмица, Радовиш, Василево, Босилово, Ново Село, Конче, Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово. Гласањето се одвива без проблеми и според општинските изборни комисии се очекува да заврши во попладневните часови.

Најмногу болни и изнемоштени се пријавени во Општина Струмица - 356, а заедно со нив гласат и затвореници од Затворот во Струмица. Утрово од 07:30 почна подигањето на избирачкиот материјал и процесот тече без проблеми.

Претседателите на изборните комисии од другите општини, исто така, информираат дека гласањето се одвива нормално и без пробеми.

Во Општина Ново Село се пријавени 299 болни и изнемоштени лица, Босилово-172, Гевгелија-175, Валандово-78, Василево-186, Радовиш-123, Конче-48, Дојран-44, Богданци-66 избирачи.

Во избирачкиот список во десетте општини вкупно се запишани вкупно 147167 граѓани со право на глас, кои ќе гласаат на 273 избирачки места.

притисни ентер