Заев: Само со фер и демократски избори сите ќе бидеме победници

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека само со одржување фер и демократски избори сите во земјава можат да бидат победници.

Изборот, рече, е на граѓаните и тие ќе се одлучат за она што мислат дека е најдобро за нив, за нивната општина, за државата. Од носителите на функции во институциите кои се дел извршната власт побара да не ги злоупотребуваат државните ресурси за партиски цели.

-Денеска го потпишавме Кодексот за фер и демократски избори, бидејќи со избори кои се европски ќе победиме сите. Тоа е најважното затоа што сега нема назад. Неколку избори наназад во овие четири години имаме пример за фер и демократски избори и секои нови се се подобри и подобри. Законските решенија ги имаат во најголем дел имплементирано препораките на ОДИХР и ОБСЕ, рече премиерот Заев.

Тој истакна дека локалните избори се мошне важни, бидејќи, како што нагласи се бираат првите луѓе на општините и советници во Советите, а општините, според него, ќе стануваат се поважни во секојдневието на граѓаните.

-Тука се создава животот, во нивна надлежност се градинките, основните и средните училишта, институциите од областа на културата, комуналните претпријатија, хигиената, водата за пиење и затоа е многу важно да избереме она што е добро за сите нас, рече премиерот Заев во одговор на новинарско прашање.

Тој нагласи дека сите учесници во изборите треба да се заложат да имаме фер и демократски избори. Во тој контекст апелираше до сите носители на извршните функции кои се дел од извршната власт да го почитуваат законот, да не ги користат државните капацитети и потенцијали што се на сите граѓани, а во моментов некој располага со нив, затоа што, како што нагласи, тоа е казниво но и за да може да има фер натпревар и еднаквост на силите на сите кои учествуваат во кампањата.

Премиерот потенцираше дека поголемите партии треба да им отстапат простор на помалите, како и на независните, со цел и тие да бидат повидливи и полесно да допрат до граѓаните.

-Верувам дека ќе имаме успешни фер и демократски избори во кои ќе победат најдобрите, рече Заев.

ЈСП Скопје: Поради надградба на системот можни се технички проблеми при валидирање со мобилен

 Поради надградба на системот можни се технички проблеми при валидирање со мобилен телефон или апликацијата „Скопска“.

ЈСП Скопје информира дека поради надградба на системот за наплата која се вршеше во изминативе неколку денови, регистрирани се инцидентни технички проблеми кај одреден број корисници при валидирање со мобилен телефон (185) или мобилната апликација „Скопска“.

ЈСП апелира до сите кои констатирале пропуст при валидирањето и сметаат дека се оштетени, да го пријават случајот на [email protected].

Албанската полиција откри пластеници со над 37 илјади садници канабис

Албанската полиција кај Велипоја открила пластеници со марихуана, при што запленила 37.336 садници од ова наркотично растение.

Акцијата ја поздрави министерот за внатрешни работи Таулант Бала и им честиташе на припадниците на државната полиција за акцијата.

- Доаѓањето на пролетта ги враќа и напорите на криминалните групи за одгледување наркотични растенија. Државната полиција мора да ги интензивира превентивните акции уште од првите моменти на обиди за одгледување наркотични растенија. Им честитам на полициските службеници од регионалниот комесаријат - Скадар за заплената на 37.336 садници канабис сатива и за последователните активности за спречување обиди за одгледување наркотични растенија, напиша тој на Фејсбук, објавувајќи и видео запис од акцијата.

Порача дека ги охрабрува сите структури на државната полиција да ги засилат контролите со цел да се спречи оваа појава.

Во акцијата уапсено е едно лице, а по друго се трага а запленети се и автомобил, трактор и предмети што се користат за оваа криминална активност.

Драмски театар Скопје ја именува големата сцена „Ристо Стефановски“

Драмски театар Скопје ја именува големата сцена „Ристо Стефановски“, промовира и негова монографија.

Драмски театар - Скопје ја именува својата голема сцена во „Ристо Стефановски“, кој беше театролог, театарски работник, театарски историчар и долгогодишен директор на оваа културна установа (1957-1983). Беше промовирана и монгорафијата „Ристо Стефановски“.

Ристо Стеафновски е роден на 5 декември 1928 година во Скопје, кој на 22 април 1957 година бил назначен за директор на Куклениот театар, подоцна преименуван во Младинско-детски театар и на крај преименуван во добро познатиот Драмски театар во Скопје, каде бил директор повеќе од 25 години.

Промоторката на монографијата „Ристо Стефановски“ Искра Гешовска потенцира дека Стефановски не е само втемелувач на Драмскиот театар, туку и на современиот македонски театар. Додаде дека тој е најпрогресивниот директор, со визија и со непрегорност, не само за театарот туку и генерално, за институционалната култура и за она што треба да значи и како треба да се развива стратешки една институција од сферата на културата.

Директорката на Драмски театар Викторија Рангелова Петровска информира дека Стефановски ја отвора вратата, го зацртува патот, ја создава основата, и низ годините ги води најголемите премрежиња, борби и победи на Драмски театар.

-Најистакнатите македонски театарски режисери, драмски автори, актери и останатите креативни чинители, ќе имаа понеизвесен пат во градењето на професионалната кариера доколку не добиваа отворени можности од страна на Стефановски. Оттука тој не работеше само за растењето на Драмски театар, туку делуваше во целокупниот културен растеж на државата. Неговата визија, умешност и сеопфатна посветеност, им овозможи на соработниците и вработените во Драмски, по секој постигнат успех да зрачат со неподнослива гордост и оправдана ароганција. Стефановски успеа вредносните критериуми да ги постави високо на скалата и никогаш не отстапи од нив. Тој имаше свој правилник за успех по кој мора да се делува, потенцира Рангелова Петровска.

Додаде дека и денес некои од нивните колеги од другите театари на шега го нарекуваат Драмски „домаќински театар“.

-И домаќинлукот му го должиме на Ристо, тој/тоа е седмото правило од прирачникот за успех, потенцира Рангелова Петровска.

Промоторката на монографијата „Ристо Стефановски“ Искра Гешовска информира дека Драмскиот театар - Скопје му оддава чест на Ристо Стефановски, кој е втемелувач, основач, поставувач на визионерските и стратешките насоки на понатамошниот негов развој.

-Со ова монографско издание за Ристо Стефановски, како и со именувањето на големата сцена на театарот се покажува дека не само што има јадра кои пркосат на оваа доминантна култура на заборавот, туку и дека постои јасно проникнување во втемелувањето на она што значи императивна вредносна вертикала, потенцира Гешовска.

Посочи дека монографското издание внимателно уредено од Александра Бошковска, е важен придонес кон аргументацијата за историското значење на Ристо Стефановски, не само за Драмскиот театар, туку за историјата на современиот театар. Во него се поместени делови од неговите дневнички записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и соработниците на Стефановски, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со целокупната дејност на Стефановски. Станува збор за концентриран, систематично сублимен преглед, или, како што рече, ако сакате резиме, на еден столб во македонската современа култура.

-Ракописот на оваа монографија, ни потврдува дека Ристо Стефановски, не само што е од оние ретките во нашата култура кои со љубов и врвно знаење работела во сферата на менаџирањето, развивањето и архивирањето на театарот, како една од најкомплексните институционални структури, туку, уште поважно, според фактите на историјата на македонскиот театар, како уникатно посветен директор и театролог тој дава непроценливо важен и единствен придонес за осовременувањето, еманципирањето на театарот и во организациска смисла и во репертоарна смисла, потенцира Гешовска.

притисни ентер