Заев од централната трибина во Скопје: Слободарско Скопје знае дека ЕУ и НАТО се правиот пат

„Носите маски, но ја гледам надежта на вашите озарени лица.“

„ Слободно Скопје секогаш било авангардата и гордоста наша", вака претседателот на СДСМ Зоран Заев го отвори своето обраќање на централната трибина на Коалицијата „Можеме", во Скопје.

Претседателот Заев порача дека денес правиот пат значи ЕУ и НАТО, значи грижа за сите, значи заштита од КОВИД – 19, економски раст и повеќе пари за секој.

„Убаво е слободно Скопје кое што верува дека одиме по правиот пат, Скопје кое што знае дека прав пат е грижа за сите, грижа за сите која што ја покажавме на дело во изминатите три години. Грижа за најсиромашните, грижа за помалку бројните етнички заедници, грижа за жените, грижа за лицата со посебни потреби, грижа подеднакво за сите, нашиот главен град Скопје знае дека е на правиот пат затоа што имаме вистинска развојна македонска економија, затоа што покажавме дека кога се решаваат најкрупните прашања можеме да водиме грижа за нашата економија.

Скопје знае дека ЕУ и НАТО се правиот пат. Знае дека сме на правиот пат затоа што гледа дека сме најуспешни во борбата со КОВИД – 19, Скопје знае дека сме на правиот пат затоа што знае дека тоа е патот кој што води кон целосен ред, дисциплина и правда. Скопје, слободно наше Скопје кое што секогаш ја храбрела внатрешноста на Македонија знае дека сме на правиот пат затоа што создаваме еко држава, знае Скопје дека овие шест столба се правиот пат, знае Скопје дека можеме, знае Скопје дека можеме уште подобро, уште повеќе", порача Заев.

Јавниот превоз денеска во Скопје по неделен возен ред

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) информира дека јавниот превоз денеска ќе функционира по неделен возен ред.

Посочуваат дека исклучок ќе бидат линиите 18А, 32, 51, 55Б, 55В, 56, 56А, 70, 74, 81, 118, 160, 164 и 180, кои ќе сообраќаат по саботен возен ред.

Дежурни ќе бидат билетарниците на Зелен пазар и Транспортен центар кои ќе работат од 7 до 19 часот, а од 7 до 13 часот отворена ќе биде билетарницата во Ѓорче Петров.

Изменетиот посочен режим, информира ЈСП, е поради верскиот празник Богојалвение (Водици).

Осум илјади „Фајзер" вакцини ќе пристигнат од Србија, први ќе ги примат здравствените работници

Осум илјади „Фајзер" вакцини ќе пристигнат од Србија. Испораката можно е да се случи уште денеска, соопшти вчера министерот за здравство Венко Филипче. 

Тој вчера информираше дека се во тек разговори со неговиот српски колега Златибор Лончар за техничките детали и точното време на испорака на вакцините.

Разговорот за деталите на испораката меѓу двајцата министри за здравство следеше откако премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ се договорија Србија да и испорача на нашата држава 8.000 вакцини на „Фајзер".

– Станува збор за „фајзеровата" вакцина, која заедно со „Модерна", е единствената која ги има сите потребни сертификати од најголемите регулатори, европската ЕМА и американската ФДА, изјави Филипче, но истакна дека сите вакцини што сега се достапни на пазарот се развиени на безбедна платформа и веќе се аплицираат во некои земји.

Во однос на чувањето на вакцините, министерот Филипче рече дека близу 100 илјади вакцини може да се складираат во еден фрижидер.

– Во таа смисла, фрижидерите кои ги најавувавме како донација се пристигнати, завршуваат административните постапки околу царинењето. Но, и сега во овој момент можеме да сместиме вакцини во постојните фрижидери кои ги имавме за друга намена од лабораториите на Институтот за трансфузиона медицина, додаде Филипче.

Премиерот Заев вчера се заблагодари на државниот врв на Србија и српскиот народ за пријателскиот чин на солидарност. – При прифаќање на нашите барања, Вучиќ понуди да помогне со вакцини и тој рече дека сака и да ги донира тие, но ние сме земја и имаме пари и ќе си ги платиме, па потоа потврди дека ќе ги дадат по набавна цена, односно по цената која Србија ги набавила вакцините, појасни Заев.

Тој информираше дека во последната недела бараат помош и поддршка и од други земји за, како што рече, да ни дадат помош за да можеме да почнеме со вакцинирање додека не стигнат првите 5.850 вакцини во февруари.

Првите вакцини кои ќе пристигнат во нашата земја, премиерот Заев рече дека се за здравствените работници кои работат во ковид-центрите, а потоа за ризичните групи на граѓани со хронични болести, возрасните, за членовите од семејствата кои изгубиле човек од Ковид-19 и други.

Додека државата ја чека испораката од Србија, од ЕК сè уште не знаат кога ќе почне распределбата на вакцините за Западен Балкан.

Потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, вчера не беше во можност да каже кога Северна Македонија и другите земји во регионот ќе ги добијат вакцините против Ковид-19 ветени од ЕУ. Повтори дека повтори дека Европската комисија и земјите членки го „поддржуваат" и „стојат во солидарност" со Западниот Балкан, како и со другите земји од источното и јужното соседство на ЕУ, во борбата против вирусот.

Потпретседателот меѓутоа не беше во можност да одговори јасно на прашањето на МИА кога Северна Македонија ќе ги добие вакцините, ниту зошто не се пристигнати ветените дози од Грција и Бугарија.

Во меѓувреме, синоќа од Брисел беше соопштено дека набавката на вакцини за Западен Балкан ќе биде една од темите на дискусија на лидерите на ЕУ на состанокот на 21 јануари.

– Треба да разговараме за соработката со трети земји во врска со вакцините што треба да се третираат како глобално јавно добро. Ќе видиме како можеме да им помогнеме на нашите партнери во соседството и пошироко, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, додавајќи оти на состанокот ќе се разговара и за кампањата за вакцинација во рамките на ЕУ.

Во исчекување на вакцините, епидемиолошката слика во нашата држава и натаму се смирува.

Вчера беа регистрирани нови 63 случаи на коронавирусот од 529 тестирања, 13 лица починаа, а 176 беа забележани како оздравени.

Од починати 13 лица, пет пациенти се од Скопје (69, 72, 77, 66 и 66 г), два од Велес (66 и 80 г), три од Струга (74, 87 и 73 г), еден пациент од Кратово (52г), еден од Крушево (79г) и еден од Демир Капија (62г). Пациентите се починати во болнички услови.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 88992, бројката на оздравени пациенти е 73777, на починати е 2715, а бројот на активни случаи изнесува 12500.

Во Скопје активни случаи има 7304, Куманово – 455, Тетово – 468, Кавадарци – 395, Струмица – 385, Охрид – 355, Велес – 335, Гостивар – 332, Прилеп-302, Битола-254. Во другите градови има помалку од 200.

Се намалува и притисокот врз болниците. Од околу 1500 колку што се движеше бројот на хоспитализирани во декември, сега на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава лежат 650 пациенти и има околу 621 празен болнички кревет.

Во ковид – центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 376 пациенти позитивен и суспектен на коронавирусот. Во Прилеп, Охрид и Куманово има околу 50 хоспитализирани. Во другите градови помалку од 40.

Во ковид – центрите во Скопје се лекуваат вкупно 274 лица. Во ГОБ „8 Септември" има вкупно 88 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 78 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 18 пациенти. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Во Скопје има околу 180 слободни места во болниците.

Од Институтот за трансфузиона медицина вчера информираа дека се обезбедени вкупно 802 единици конвалесцентна плазма за третман на пациенти заразени со Ковид-19, од вкупно 729 донатори. Со крвна плазма досега се третирани 661 пациент. Со ваквиот највисок чин на хуманост, граѓаните кои се оздравени имаат можност да им помогнат на тие кои во моментот се борат со коронавирусот, велат од Министерството за здравство.

Православните верници го слават Богојавление-Водици без положување на светиот крст

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век.

На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

Годинава за првпат, поради пандемијата со Ковид-19, ќе биде прекината вековната традиција на положување на крстот во светите води. Наместо тоа, овој голем христијански празник, според најавите, ќе биде одбележан со свети литургии во црквите и нивните дворови.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера апелираше до граѓаните и до верските заедници да ги почитуваат мерките и препораките. Полицијата, како што рече, ќе биде на висина на задачата, а оној кој нема да ги почитува препораките, ќе сноси одговорност.

На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

До минатата година, празникот се одбележуваше во сите епархии во земјава, а централната манифестација се одржуваше во Скопје каде поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан го положуваше светиот крст во водите на реката Вардар.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед. /МИА

притисни ентер