Заев од Брисел: Македонскиот идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори - Канал 5

Заев од Брисел: Македонскиот идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори

„Европскиот пат е пат на соработка и меѓусебно разбирање", рече во изјавата за медиумите премиерот Заев. 

Заев од Брисел: Македонскиот идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори

Премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, во изминатите два дена оствари средби со највисоките претставници на Европската Комисија и на Европскиот парламент, како и средби со неколкумина министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.

– Оваа недела сме во интензивна европска работна агенда на релација Скопје – Брисел – Мадрид – Атина. Денес ви се обраќам од Мисијата на Македонија, тука од срцето на Европската Унија, од Брисел. Имавме интензивни средби со највисоките претставници на европските институции – и осигуравме дека и во Европската Комисија и во Европскиот Парламент и во која било друга европска институција, клучните претставници знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде за преговори, изјави за медиумите премиерот Заев сумирајќи ги резултатите од средбите на нашата владина делегацијата.

Фон дер Лајен, Вархеји, Сасоли, Борел, Тимерманс, Лајчак, Вебер, Ќучук, Чолош – сите европски лидери и претставници, како што истакна премиерот Заев, ја знаат и ја разбираат нашата позиција – додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме.

-Порачавме јасно и гласно и повторивме – тргнете ја секоја дискусија за македонскиот јазик и македонскиот идентитет од масата за разговори во Брисел – после тоа можеме да продолжиме да разговараме за нашата европска иднина, нагласи Заев во изјавата.

Ние, како што посочи премиерот, имаме и гордост и сопствен идентитет. – Гордоста можеме да ја засилуваме или смируваме, но идентитетот и јазикот македонски ни е неприкосновен, еден и единствен, непроменлив. Со македонскиот идентитет не смее и нема да си игра нити мојата Влада, ниту која било друга Влада, а уште помалку друга држава или Унија во која не сме членка, додаде тој.

Премиерот Заев нагласи дека заедно сме со нашите европски пријатели. – Дишеме, живееме и растеме заедно со европските идеи и вредности. И знаеме дека мораме да се движиме заедно и напред, само така е европски. Ние сме за мобилност, а не за ѕидови!, додаде Заев.

Притоа нагласи дека на овој заеднички пат, секој треба да си ги заврши своите обврски – Македонија многу сработи, испорачавме реформи, испорачавме и правда – време е и ЕУ да го испорача ветеното кон нас.

-Почитувани граѓани, народе мој, Европската агенда продолжува, од Брисел кај нашите пријатели во Мадрид Шпанија, а после тоа и на економскиот форум Делфи во Атина, Грција. Европскиот пат е пат на соработка и меѓусебно разбирање", рече во изјавата за медиумите премиерот Заев.

YouTube video

„Анима мунди“: Лисиците се дел од природата, не се опасни и не напаѓаат луѓе

Во последните неколку дена се појавија видеа за присуство на лисици во подножјето на Водно, во населбата Козле (мајка со малечки), како и на други места низ Скопје.

„Анима мунди“: Лисиците се дел од природата, не се опасни и не напаѓаат луѓе

Апелираме до граѓаните да не креваат паника – овие животни не се опасни и не напаѓаат луѓе.

Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат.

Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт. Присуството на лисици во урбана средина не значи дека се болни или агресивни. Напротив, во многу големи градови како Лондон, Берлин, Торонто, па и Љубљана, лисиците веќе се дел од урбаната дива фауна и живеат паралелно со луѓето без никакви инциденти.

Што треба да направите ако видите лисица?

• Не обидувајте се да ја бркате, фаќате или храните.

• Не оставајте остатоци од храна или отворени канти за ѓубре, затоа што тоа ги привлекува.

• Ако сте со домашно милениче – држете го на поводник и останете смирени, лисицата ќе избега.

• Пријавете ако видите повредена или залутана лисица.

Лисиците се дел од природата на нашата земја. Нека незнаењето не биде храна за ирационален страв и отпор. Наместо тоа, потребна ни е свесност, почит и разбирање кон овие животни кои се обидуваат да опстанат. Ве повикуваме да бидеме град кој живее во хармонија со природата.

Активисти на

Анима Мунди

Воедно, побаравме мислење од Македонското Еколошко Друштво (МЕД), а дел од нивниот коментар го споделуваме во продолжение:

Лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби како Жданец, Водно, Козле и Нерези. Забележувањето на мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки.

Лисиците, како и другите животни кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и селските средини од органски отпад кој не се селектира и не се собира редовно.

Здружение за заштита на животни „Анима мунди“

Србија: Студентите во блокада поднесоа кривична пријава против Вучиќ за посетата на повредените

Студентите во блокада поднесоа кривична пријава против Вучиќ поради посетата на повредените од пожарот во Кочани.

Србија: Студентите во блокада поднесоа кривична пријава против Вучиќ за посетата на повредените

Студентите кои се во блокада денеска поднесоа кривична пријава до Првото основно јавно обвинителство во Белград против претседателот на Србија Александар Вучиќ, обвинувајќи го дека „поради рејтинг“ ги посетил повредените од пожарот во дискотеката во Кочани, во Клиничкиот центар на Србија.

„Не сакаме политички конфликти, не бараме одмазда, туку одговорност“, порачаа студентите пред зградата на обвинителството, пренесува Бета.

Претставник на студентите, кој не се претстави, во прочитано обраќање истакна дека Вучиќ влегол во болницата без заштитна маска и ракавици, во придружба на поединечни медиуми, додека пред него лежеле пациенти во болки.

- Тоа не беше само арогантен гест, туку и понижување на здравствениот систем и на повредените луѓе. Изгорената кожа не е рекламна табла. Правда за нив е правда за сите, изјави студентот.

Студентите му порачаа на обвинителството дека не молат, туку бараат да постапува согласно законот, а не од страв.

На студентите им се приклучи и Здружението на здравствени работници, кои на голем транспарент истакнаа парола „Здрав систем, здрави луѓе“, додека студентите носеа транспарент со цитат од законикот на цар Душан дека судиите се должни да постапуваат според законот, а не од страв од власта.

Групата студенти од Правниот факултет, кои го носеа транспарентот додека маршираа до обвинителството, им се придружи и група студенти што тргнаа од Медицинскиот факултет.

Собраните пред обвинителството во 11:52 часот одржаа и акција „16 минути тишина“ во спомен на 16-те загинати при уривањето на реконструираната кровна конструкција на Железничката станица во Нови Сад.

Во Волково ќе се реконструира пат кон железничката станица

Од Општина Ѓорче Петров информираат дека утрово бил извршен теренски увид во Волково, каде што во наредниот период ќе се реализира реконструкција на патот на пруга, крак на улица „100“, со продолжение на улицата што води кон железничката станица.

Во Волково ќе се реконструира пат кон железничката станица

Од Општина Ѓорче Петров информираат дека утрово бил извршен теренски увид во Волково, каде што во наредниот период ќе се реализира реконструкција на патот на пруга, крак на улица „100“, со продолжение на улицата што води кон железничката станица.

- Создаваме навремени услови за подостапен пристап до јавниот транспорт во овој дел од општината. Подобрата поврзаност е предуслов за развој и за унапредување на секојдневието на жителите, се наведува во пишаната изјава на градоначалникот Александар Стојкоски.

Со овој зафат, како што нагласуваат од Општина Ѓорче Петров, се унапредува пристапот до железничкиот транспорт, а истовремено се подобрува и вкупната сообраќајна поврзаност во Волково.

- Општина Ѓорче Петров останува посветена на изградбата и реконструкцијата на инфраструктурата, со цел да обезбеди подобри услови за живот за сите граѓани, се додава во соопштението.

притисни ентер