Заев: Не сме преговарале со ДПА, вицепремиерското место го чувам за Алијансата

Нема преговори со ДПА за влез во Владата по заминувањето на Алијанса за Албанците.

Но, премиерот Зоран Заев не ја отфрла можноста за вакви разговори по Нова Година. Вели отворен е за соработка со сите политички субјекти.

„Можеби ќе се случат разговори после Нова година. Не би бил чесен ако не кажам дека сакам наместо 61 да имам 65 пратеници што значи и постабилно парламентарно мнозинство. Јас ќе продолжам да разговарам и со помали политички партии и одговорноста на овие ресори морам да ја распределам“, истакна премиерот Заев.

По напуштањето на Алијанса за Албанците на владината коалиција и оставките од позициите кои ги држеа кадри на Зијадин Села, премиерот најавува пополнување на испразнетите места до 15 јануари. Но, вели функцијата вицепремиер за реформи којашто ја понуди на Алијансата ќе ја чува токму за нив.

„Потпретседател на Владата за реформи значи да го координира дури и Заев, да го координира и министерот за правда, министерот за внатрешни работи, министерот за европски прашања и другите соодветни министерства. Успешноста на реформите на една мала партија ќе и даде отскочна даска или скалило повеќе во нејзиното позиционирање, истакна Заев.

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски исто така вели дека се отворени за соработка со сите политички субјекти. Кирацовски вели за реформските закони очекуваат поддршка и од ВМРО ДПМНЕ и се надева дека пратениците на опозицијата ќе се врати во Собранието со почетокот на Новата година.




ГИС – Платформата за Карпош повторно достапна за граѓаните

 Во интерес на зголемување на транспарентноста и достапноста на јавни податоци, Општина Карпош, на својата веб страница повторно го воведе системот на ГИС (географски информационен систем).

-Оваа услуга не беше достапна повеќе години наназад, па затоа отсега граѓаните ќе можат брзо и ефикасно да пристапат до бараните информации. Имено, со само неколку клика на официјалната веб страница на Општината, корисниците ќе имаат увид во фактичката состојба со ДУП-овите и градежните парцели како и фактичката состојба, т.е катастарската ситуација и детален преглед со сателитска снимка од Карпош. Практично, на овој начин заинтересираните странки ќе можат да дојдат до бараната информација по електронски пат, без притоа физички да ги посетат просториите на општинската администрација, наведуваат од Општината.

Таканаречената „паметна електронска карта" ја изработи реномираната софтверска фирма GDI (со претставништво во Скопје). Платформата нуди просторни податоци кои се распоредуваат во неколку тематски нивоа во т.н слоеви во форма на дигитални карти. Подетално разгледано, тоа претставува низа од планови нацртани на проѕирна хартија – транспарент, која содржи одреден вид информација (на пример: патна мрежа, сателитска снимка, просторен план, детални урбанистички планови, катастарска подлога, итн.).

Секоја од просторните податоци на платформата е придружена со координати. Со помош на системот на овој начин, граѓаните имаат моментален увид на предвидената состојба (преклопувајќи ги детално, урбанистичките планови). Технологијата на Географскиот информационен систем може да се користи за научни истражувања, управување со ресурсите, управување со имоти, планирање на развојот, просторно планирање, картографија и планирање на инфраструктурата. ГИС – порталот на Општина Карпош може да се посети преку директниот линк.

Викендов нестабилно, со пороен дожд и грмежи

За време на викендот времето во повеќе делови од земјава ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. 

Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, (некаде и над 10 литри за три часа), засилен ветер и појава на град.

Како што информира УХМР, локален пороен дожд и грмежи во попладневните часови ќе има и од понеделник.

Денеска ќе се задржи сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне се очекува изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи, претежно во посеверните и планинските подрачја. Максималната температура ќе биде од 29 до 36 степени.

Утре температурата ќе се движи од минимални 13 степени во Берово до 33 во Гевгелија. Во недела, пак, максималната температура ќе биде 31 степен.

Втор заболен од Ковид-19 за неполни два дена во Делчево

 Уште еден заболен од Ковид-19 е регистриран вчера во Делчево. Од Здравствениот дом во Делчево информираа дека пациентот е згрижен во Штипската клиничка болница, каде се опоравува.

-Од вчера имаме нов случај на пациент, чиј тест е позитивен на коронавирус. Пациентот е во болница и бил во контакт со претходно заболената, која исто така е хоспитализирана. На двајцата им посакуваме поскоро оздравување. Се надеваме дека нема да има нови други случаи, но апелираме да не се крева паника и да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, истакнаа од Здравствениот дом во Делчево.

Од таму додадоа дека се утврдуваат контактите на двата случаи и се чекаат резултати од тестирањата.

Ова е втор активен случај за неполни два дена во Делчево. Во околните општини, во Берово седум лица се позитивни на Ковид-19.

притисни ентер