Заев на ФБ: Голем интерес од медиумите во Грција и од регионот за Македонија

Премиерот Зоран Заев утринава на својот Фејсбук профил напиша дека медиумите од Грција и од регионот покажале голем интерес за Македонија и за постизборниот период.

Во статусот, Заев наведува дека за време на неговиот престој во Атина дал интервјуа за електронското издание на СНН, за Топ Ченел од Тирана, за Та Неа, за Мега ТВ од Атина, за грчката програма на Еуроњуз и за други медиуми, во кои истакнал дека граѓаните во Македонија знаат да ги наградaт тешките политички одлуки кои решаваат големи проблеми.

– Решавањето на отворените прашања дополнително го поттикна интересот на бизнис заедниците за поголема и подинамична соработка. Како политичари должни сме да овозможиме развој на заедничките бизнис иницијативи и инвестиции. Уште еднаш се уверив дека постои огромен интерес на сериозни и големи компании од Грција да соработуваат и да иницираат инвестиции од интерес на граѓаните на двете земји, напиша Заев.

На средбата со неговиот грчки колега Мицотакис, како што наведува во статусот, ќе разговара како да се поттикне поширока соработка меѓу двете земји.

Регионални избори во Италија, се гласа и за намалување на бројот на пратеници

Италијанците започнаа да излегуваат на гласачките места за да гласаат на регионалните избори, од кои најважни се оние во Тоскана, за кои аналитичарите велат дека може да го сменат изгледот на крајната десница.

По пандемиите и карантините, ова е прв тест на државно ниво за владата на премиерот Џузепе Конте составен од левичарската центристичка Демократска партија и популистичкото Движење Пет Sвезди.

Изборите исто така може да бидат исклучително важни за крајната десница со Лига на Матео Салвини. Доколку победи на изборите во Тоскана, инаку упориште на левицата, тој би го вратил статусот лидер на десницата, но евентуалниот пораз ќе ги зајакне неговите опоненти.

Гласачите со маски ќе излезат на гласање денеска и утре, бидејќи расте бројот на заразени. Во моментов има помалку нови инфекции на ден во Италија отколку во Велика Британија, Франција или Шпанија, но сепак има повеќе од илјада.

Регионалните избори ќе се одржат во Кампанија, Лигурија, Тоскана, Апулија, Венето и во провинциите Марко и Вале д'Аоста.

Помеѓу парламентарните избори на почетокот на 2018 година и пандемијата, десницата победи на регионални избори во осум од девет провинции, делумно поради неможноста левицата да учествува со еден кандидат. Експертите предупредуваат дека слична работа може да се случи и сега.

Најважните избори се во Тоскана, со која владее левицата 50 години. Најновите анкети покажуваат дека трката ќе биде тесна.

Левиот блок се очекува да ја задржи власта во јужната провинција Кампанија, но десничарската коалиција на Лига, екстремно десничарската партија Браќа на Италија и партијата Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони, може да победат во соседна Апулија.

Се очекува десницата непречено да победи во своите упоришта, северните провинции Венето и Лигурија, а левицата ќе ја преземе власта во Марка.

Паралелно , се гласа и за референдум за намалување на бројот на членови на парламентот - од 630 на 400 во долниот дом и од 315 на 200 во Сенатот. Референдумот се очекува да помине.

Во Германија и натаму над 1.000 новозаболени од коронавирусот

Во Германија се потврдени 1.345 позитивни случаи на инфекција со коронавирус, а две лица починале, потврди Институтот Роберт Кох.

271.415 лица се разболеле од почетокот на пандемијата во Германија, пренесува Ројтерс.

Вкупно починале 9.386 лица.

Со 10.000 фунти ќе се казнуваат прекршителите на самоизолоција во Британија

Британците, кои ќе ги прекршат новите правила на самоизолација со кои треба да се соочат поради контакт со некои од заразените со ковид-19, се соочуваат со големи казни, до 10 000 фунти, објави британскиот премиер Борис Џонсон.

„Луѓето кои ќе изберат да ги игнорираат правилата ќе се соочат со значителни казни“, рече Џонсон.

Новите правила, кои бараат самоизолација за луѓето кои биле во контакт со некој заразен со ковид-19, ќе стапат на сила на 28 септември, а некои работници со ниски примања ќе добијат државна поддршка во вредност од 500 фунти, доколку претрпат загуба на заработката, соопштија од владата.

Во Велика Британија, во последните 24 часа се пријавени 4422 нови случаи на коронавирус, околу илјада повеќе од претходниот ден, што е највисоко за еден ден од 8 мај.

Досега се регистрирани вкупно 390.358 инфекции со коронавирус во земјата, додека починале 41.759 лица.

Најновиот пораст на бројот на новоинфицирани доаѓа откако британските власти објавија дека дополнителните ограничувања ќе стапат на сила во централните и северните делови на Англија од вторник, со цел да се намали зголемувањето на бројот на заболени од ковид-19.

Контактот помеѓу различни домаќинства ќе биде забранет, додека работното време на угостителските објекти што работат до доцна навечер ќе биде ограничено.

Објавувањето на казните од Џонсон доаѓа по вчерашниот протест во центарот на Лондон, каде повеќе од илјада луѓе се собраа против ограничувањата на движењето, преземени за да се забави ширењето на коронавирусот. Полицијата приведе 32 лица.

Протестот беше организиран во моментот кога премиерот Борис Џонсон размислува за редефинирање на мерките за ограничување на движењето низ Англија.

притисни ентер