Независната кандидатура на Максим Димитриевски била пресудна да биде исклучен од СДСМ, а тој бил свесен дека тоа ќе се случи – премиерот Заев вели дека партискиот Статут не дозволувал ваков чекор без согласност на највисоките партиски органи, а градоначалникот на Куманово ги знаел правилата бидејќи бил дел од централниот одбор. Победата ја носи партијата, а не личноста, затоа кумановци ќе му дадат поддршка на кандидатот на СДСМ Оливер Илиевски, смета лидерот на партијата Заев.
За протестот во Радовиш пак, каде што приврзаници на актуелниот градоначалник Конзулов палеа членски книшки поради незадоволство од изборот на нов кандидат, Заев рече дека повеќе од 60 проценти од граѓаните во Радовиш биле против Конзулов па затоа не му дале втора шанса.
Во пресрет на предизборната кампања, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски побара соработка од членството на Левица. Таму каде што немаат свои кандидати, да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а во втор круг, ќе се залагал неговата партија да возврати со гласови за Левица против владејачката СДСМ.
Иако официјално кампањата не е започната, политичарите секојдневно одржуваат средби со граѓани, а на скопските булевари се појавија и првите партиски билборди на СДСМ.. Се подготвува и Државната изборна комисија - со задоцнување од десетина дена, утре ќе пристигнат и првите терминали за отпечаток од прст, потврди за Канал 5 претседателот на ДИК Даштевски. Ќе започнат обуките на избирачките одбори за употреба на читачите, а очекувањата се дека сите рокови ќе бидат испочитувани.