Заев: Имаме сериозен исчекор за законот за државјанство, идната недела може да оди во Парламент

Направен е сериозен исчекор кон наоѓање на решение за Законот за државјанство, соопшти премиерот Зоран Заев, по средбата со лидерите на Алијанса/Алтернатива, Села и Гаши... 

Премиерот Заев и лидерите на албанските опозициски партии Села и Гаши оптимисти дека ќе се постигне конечен договор за Законот за државјанства до крајот на неделава. По два и пол часовната средба во Собранието сите тројца оценија дека се на добар пат за усогласување на законскиот текст поради кој албанската опозиција изминатиот период ја блокираше работата на Собранието.

Заев рече дека се најдени механизми, а решенијата ќе се бараат во намалување на годините за стекнување на државјанство според европските пракси. Сега на потег се експертите од МВР да ги анализираат за да се преточат во законско решение, тврди премиерот.

Во насока на одблокирање на законодавниот дом, Села и Гаши ги повикаа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица уште денеска да ги повлечат амандманите на Законот за државјанство, а за возврат албанската опозиција ќе ги повлече амандманите на петтиот антикризен пакет мерки. Според денешните изјави, албанската опозиција ќе прифати наместо со сведоци, државјанство да се добива со документи како докази за живеење во Македонија.

Сите политички претставници денеска излегоа со различни податоци околу вкупната бројка на граѓани без државјанство. Од ДУИ го обвинија Села дека манипулира со бројките на Албанци и не станува збор за 70 или 7 илјади туку за 1.300 Албанци кои немаат државјанство. Според Заев, станува збор за 2.727 барања за 3.200 државјанства.

Филипче: Меѓународен ден на медицинските сестри

 Меѓународен ден на медицинските сестри - Благодарност за пожртвуваноста во текот на пандемијата.

Денеска (12 мај) е меѓународниот ден на медицинските сестри и по овој повод министерот за здравство д-р Венко Филипче се сретна со медицинските сестри вработени на КИБФС во Скопје, искажувајќи ја искажа својата благодарност за целокупниот придонес во текот на пандемијата при посетата на медицинските сестри вработени во КИБФС.

-Вашата улога во справувањето со оваа пандемија е од големо значење за сите нас, а сето ова ја истакна важноста на работата која секојдневно ја извршувате. Вие не сте само промотери на здравјето, туку сте и заштитници, чие знаење и пожртвуваност секојдневно спасува безброј животи - истакна министерот Филипче.

Есенцијалноста и придонесот кон справувањето со целокупната пандемија ја потенцираа клучната улога на медицинските сестри во здравствениот систем. Во изминатиот период како никогаш досега се подобрени условите за работа на медицинските сестри и на целокупниот здравствен персонал.

Зголемувањето на платите на медицинските сестри беше неколкукратно, започнувајќи од 2018 година па се до денес. Во мај 2018 реализирано е зголемување на износот на додатокот за работа ноќе од 29 % на 50 %; зголемување на износот на додатокот за работа ноќе од 29 % на 50 %. Во февруари 2019 година реализирано е зголемување од 5% на платите за: средно медицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование; (освен: ГОБ 8-ми Септември, ПЕТ Центар и УК за хир.бол. Св.Наум – 8%); зголемување од 8% за : средно медицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование. Во јануари 2020 година реализирано е зголемување од 10% за: средно медицинскиот кадар со високо, вишо и средно медицинско образование.

Министерство за здравство

Од утре вицепремиерот Димитров на Делфи форумот во Грција

Вицепремиерот Димитров ќе учествува на две панел-дискусии.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, на покана на основачот и претседателот на Delphi Economic Forum (DEF), утре и задутре ќе учествува на шестиот по ред Економски форум Делфи, кој што годинава поради пандемијата се одржува во Атина во периодот од 10 до15 мај, а под покровителство на Претседателката на Република Грција, Катерина Сакеларопулу.

Вицепремиерот Димитров ќе учествува на две панел-дискусии и тоа, утре 13 мај (четврт​ок) со почеток во 10:15 часот (по македонско време), заедно со кипарскиот МНР Христодулидес и грчкиот заменик МНР за ЕУ, Варвициотис, ќе се обрати на темата „Дипломатијата на малите држави во комплексниот поредок".

На 14 мај (петок) со почеток од 9:30 часот (по македонско време), вицепремиерот Димитров заедно со Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување, Оливер Вархеји, ќе учествува на панелот посветен на ЕУ и Западниот Балкан, насловен „Остварување на долгоочекуваното ветување".

На маргините на Форумот, предвидено е вицепремиерот Димитров да оствари и повеќе билатерални средби, меѓу кои со МНР на Грција – Никос Дендиас, МНР на Кипар – Никос Христодулидес, специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград- Приштина, Мирослав Лајчак, како и со министерот за дигитализација на Грција - Кирјакос Пјеракакис. Димитров, како дел од делегацијата на Македонија предводена од премиерот Заев, ќе го придружува и на средбата со грчкиот премиер Мицотакис, како и други значајни средби од агендата на претседателот на Владата.

Целта на овој настан е преку обединување на светските лидери да се продлабочи разбирањето на меѓусебно зависните прашања и предизвици кои влијаат на глобалната заедница, Европската Унија, поширокиот Медитерански регион и на Југоисточна Европа, како и да се испорачаат и промовираат иновативни идеи за одржлив и конкурентен раст на Европа.

Билатерална средба на министерот Нуредини со неговиот грчки колега Скрекас

Една од главните теми за разговор беше алармантното ниво на водите во Преспанското Езеро за што беше договорена посебна трилатерална тематска средба на високо ниво помеѓу Република Албанија, Република Грција и Република Македонија,.

При посетата на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на Атина, во рамки на Делфи Економик Форумот, тој оствари билатерална средба со неговиот грчки колега, министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас.

На средбата беа отворени клучните прашања од областа на животната средина од заеднички интерес, при што двајцата министри се заложија за посебна поддршка на општините во прекуграничниот регион за ефикасно искористување на прекуграничните ЕУ програми при аплицирање со конкретни заеднички проекти.

Една од главните теми за разговор беше алармантното ниво на водите во Преспанското Езеро за што беше договорена посебна трилатерална тематска средба на високо ниво помеѓу Република Албанија, Република Грција и Република Македонија, односно отпочнување на работата на Преспа Парк комитетот во средината на јуни. Номинираните лица од трите земји во работните групи на техничко ниво до тогаш ќе ги обезбедат потребните податоци за нивно разменување и анализа на планираната средба.

Покрај Преспанското Езеро, беше разговарано и за подобро заедничко управување со водите на Дојранското Езеро и унапредување на користењето на водите за земјоделските потреби, како и планираните заеднички проекти за реката Вардар.

Грчкиот Министер изрази подготвеност за поддршка во подготовката и хармонизацијата на нашето законодавство со барањата на ЕУ, како и остварување на заеднички проекти во областа на управувањето на отпадот и примена на принципот на циркуларност.

притисни ентер