Аџиќ рече дека истрагата открила дека во тоа кривично дело учествувале српските државјани Вељко Марковиќ (32), Милан Марковиќ (53), Дејан Јовановиќ (30) и Владимир Ериќ (32), а во исто време ги објавил и нивните фотографии.
Против тие четири идентификувани лица е поднесена кривична пријава, како и против две непознати лица. „Веруваме дека имале уште најмалку петмина соработници“, рече Аџиќ, посочувајќи дека постои одредена поврзаност меѓу оваа криминална организација и лице од Вишиот суд и членови на црногорска криминална организација кои моментално се во затвор.
Иако Аџиќ одбил директно да каже за која криминална група се работи, се претпоставува дека станува збор за таканаречениот кавачки клан, чиј водач, Слободан Кашчелан, е во притвор во Подгорица.
Црногорскиот министер за внатрешни работи појасни и дека осомничените ја напуштиле Црна Гора на 11 септември, кога во медиумите беше објавено дека е извршен упад во Вишиот суд. Црногорската полиција кон средината на септември откри тунел долг 30 метри, кој од подрумот на станбена зграда водел до зградата на Вишиот суд во Подгорица, судска институција одговорна за најтешките кривични случаи.
Во депото на судот, до кој водел тунелот, се чуваат стотици илјади докази од бројни судски процеси, меѓу кои и дрога и оружје. Пописот открил дека во депото недостасуваат 17 парчиња оружје, но полицијата се сомнева дека криминалците се обиделе да ја сокријат вистинската причина за упадот во Вишиот суд.
Во текот на истрагата, некои судски службеници биле тестирани на полиграф, додека едно лице го одбило тестот. Случајот со тунелот го вознемири целото црногорско судство, а побарани се и оставки од првиот човек на црногорското правосудство и полицијата која ги обезбедува правосудните институции во Црна Гора.