Заев ги собра министрите на состанок по алармантниот извештај на УНЕСКО

Премиерот Заев денеска со вицепремиерот Битиќи ги повикал на состанок министрите за култура, за животна средина, за транспорт и врски и директорот на македонски железници со цел да ги анализираат наодите од алармантниот нацрт-извештај на УНЕСКО.

Претседателот на Владата Зоран Заев денеска одржа координативен состанок со заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, министерката за култура Ирена Стефоска, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Македонски железници – Инфраструктура Хари Локвенец, на кој се анализираа наодите во нацрт извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот регион.

На почетокот на работниот состанок, премиерот Заев уште еднаш ја реафирмираше определбата на Владата да се зачува статусот на Светско наследство на Охридскиот регион со цел заштита на регионот, владеење на правото и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, имајќи ги предвид реалните ризици и можноста Охридското Езеро и неговото природно и културно наследство да биде прогласено за загрозено подрачје.

Во таа насока, премиерот Заев на средбата истакна дека нацрт извештајот на УНЕСКО треба да се прифати како уште еден, до сега најсилен аларм за состојбата со Охридскиот регион и дека сега се налага огромна потреба за највисоко ниво на ангажираност кај сите чинители за да се отстранат сите ризици кои го загрозуваат Охридското Езеро.

Беше потенцирано дека Владата ќе инсистира на завршување на процесот на отстранување на сите бесправно изградени објекти кои се опасност за Охридскиот регион и за таа цел ќе се организираат иницијативи со градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца, за секоја институција итно да ги преземе сопствените одговорности, како и да се спроведе поништување на сите аспекти од штетните проекти кои се наследство од минатото како што се, на пример, проектите на Субрата Рој и Владата до 2016 година, Љубаништа 1 и 2.

На состанокот беше нагласено дека Владата ќе преземе сѐ што е во нејзина надлежност, меѓу што и активности за координација со Владата на Албанија за прашања од заеднички интерес за заштита на Охридското Езеро и крајбрежниот појас.

Дополнително, на средбата беше договорено Владата да преземе итни чекори за стручно кадровско екипирање во најрелевантните институции како што се Завод и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Управата за заштита на животната средина и другите институции во сферата на заштита на животната средина, а истото се очекува да го направат и општините во своите надлежности.

На состанокот е договорено да продолжи координацијата меѓу надлежните институции со забрзано темпо и до УНЕСКО да биде доставен соодветен одговор по однос на алармантниот драфт извештај, а штом се заврши темелната анализа сите наоди ќе бидат презентирани пред јавноста од страна на Премиерот и сите останати релевантни носители на јавни функции, се наведува во соопштението на Владата.

Манолева: Болницата во Отешево со комплетно нов лик по 43 години

Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО.

Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.

„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.

Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.

Министерство за здравство

Климатските промени ќе ја зголемат инфлацијата на храната

Зголемувањето на температурите и екстремните временски настани се очекува да имаат глобално влијание на земјоделството. 

Според новата студија на Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам (ПИК), зголемените просечни температури би можеле да ја зголемат годишната инфлација на храната до 3,2 отсто годишно, а вкупната инфлација до 1,18 отсто годишно до 2035 година.

Во студијата, истражувачите наведуваат дека климатските фактори, како што се високите температури и екстремните врнежи, влијаеле на инфлацијата во историски контекст, но не направиле посебна анализа за тоа кои прехранбени производи најверојатно ќе бидат најмногу погодени.

„Откривме дека зголемувањето на температурите може да доведе до повисоки цени на храната, особено во топлите региони и годишните времиња“, рече д-р Макс Коц, еден од авторите на студијата.

„Во идните климатски услови, овие влијанија би можеле да станат големи - проценети на 1-3 процентни поени годишно врз инфлацијата на храната до 2035 година, загрозувајќи ги целите за стабилност на цените на централните банки, како што е ЕЦБ, која има за цел да ја задржи инфлацијата под 2 отсто“, додаде Коц.

Во исто време, вкупната инфлација може да расте во просек за 0,32-1,18 процентни поени секоја година на глобално ниво, се вели во студијата.

Зголемените или нестабилните цени ја загрозуваат економската и човечката благосостојба, како и политичката стабилност, се наведува во извештајот, цитирајќи податоци на ОН дека кризата на трошоците за живот во 2021-2022 година турна во сиромаштија дополнително 71 милион луѓе ширум светот.

Инфлацијата предизвикана од климата влијае подеднакво и на богатите и на сиромашните земји. Се очекува глобалното затоплување да влијае на инфлацијата на храната и на вкупната инфлација и во земјите со високи и со ниски приходи.

Инфлацијата расте како што растат температурите, а најсилно се јавува во лето и во топлите региони на пониски географски широчини, каде што ќе се задржи во текот на целата година. Поради оваа причина, според студијата, глобалниот југ, особено Африка и Јужна Америка, ќе бидат погодени во поголема мера.

Студијата внимателно го разгледува исклучително топлото европско лето во 2022 година, кога жештината и сушата имаа големо влијание врз земјоделството и економијата.

„Проценуваме дека исклучително топлото лето во 2022 година ја зголеми инфлацијата на храната во Европа за околу 0,6 отсто. Идното затоплување, прогнозирано за 2035 година, би го зголемило влијанието на ваквите екстремни настани до 50 отсто“, додаде Коц. /МИА

Видео: Експлозија во најголемата романска нафтена рафинерија Петромидија, нема повредени

Експлозија се случи утринава во најголемата романска рафинерија и една од најголемите во источна Европа - Петромидија, лоцирана во Наводари, округот Констанца, на брегот на Црното Море, јавија локалните медиуми.

Властите велат дека нема жртви. Во моментов се вршат мерења за утврдување на степенот на загаденост на воздухот.

Густи облаци од црн чад се издигнуваат во областа и се видливи од градот Констанца и од одморалиштето Мамаја.

Активиран е таканаречениот „план за црвена интервенција“. На местото на настанот се испратени шест противпожарни возила, две со високи скалила и три возила на брза помош. Дополнителна помош се очекува да пристигне од Слобозија и Фетешт.

На почетокот на јули 2021 година, експлозија во Петромидија резултираше со смрт на тројца работници. Во јуни 2023 година, пожарникар беше повреден по пожар во фабриката за дестилација на дизел гориво во Петромидија.

притисни ентер