Задолжение до граѓаните на Штип кои користеле превоз до конфекцијата со заразени лица

Бидејќи ситуацијата од изминатите неколку дена остава впечаток дека почитувањето на мерките за заштита од овој вирус е на најниско ниво, уште еднаш ги задолжуваме  граѓаните истите да ги почитуваат! 

Сите граѓани од Штип кои се превезувале со автобусите од и до текстилната конфекција во која се детектирани поголем број лица заболени од короновирус, како и граѓаните кои користат ваков тип превоз, задолжително да останат во самоизолација и да се јават кај својот матичен лекар при појава на првите симптоми на болеста – кашлица, главоболка, покачена телесна температура, затнат нос, болка во грлото, треска, губење на чувството за вкус и мирис. Задолжението до граѓаните го донесе Центарот за јавно здравје-Штип по состанокот со епидемиолозите од Комисијата за заразни болести.

По извршена епидемиолошка анкета, тие ќе добијат упатства за тоа дали и кога ќе бидат тестирани за КОВИД-19. Доколку бидат тестирани, ќе бидат задолжени да продолжат со самоизолацијата до добивањето на резултати од земениот брис. Дополнително, од стручните лица ќе добиваат упатства за тоа како да постапуваат.

– Бидејќи ситуацијата од изминатите неколку дена остава впечаток дека почитувањето на мерките за заштита од овој вирус е на најниско ниво, уште еднаш ги задолжуваме граѓаните истите да ги почитуваат! Задолжително е одржувањето на хигиената на превозните средства со кои се превезуваат работниците – задолжителна дезинфекција на истите, задолжително е одржувањето на социјална дистанца од 1,5 до два метра на лицата кои се превезуваат со овие средства од и до своето работно место! Задолжително е носењето заштитни маски, а по можност и ракавици, пишува во соопштение насловено како задолжение од страна на Центарот за јавно здравје-Штип.

Во него се вели дека просторијата во која работат поголем број лица задолжително да го има потребното растојание помеѓу нив, носење лична заштитна опрема и на работното место, често проветрување на просториите, често миење и дезинфекција на рацете, задолжителна дезинфекција на работните површини и предмети кои се користат при работа, да се избегне групирањето на повеќе лица и за време на паузите за одмор. Да се редуцира бројот на надворешни лица кои влегуваат во овие објекти.

Потенцираат дека олабавувањето на мерките не значи крај на пандемијата на КОВИД-19 и дека задолжителната примена на овие мерки е најбитен елемент во превенцијата на овој вирус.

Се вжештува атмосферата на терен во пресрет на 15-ти јули

На речиси половина пат до одржување на изборите партиите ги заоструваа меѓусебните провокации. 

Покрај секојдневните објавувања на т.н бомби, прозивки и обвинувања за криминали, изборната кампања продолжува традиционално и со уништување на партиските рекламни материјали. Мета на вандализам беа билбордот и партиските плакати во Македонска Каменица на носителот на ИЕ3 од СДСМ Љупчо Николовски.

“А мене срцето ми кажува дека кој и да го вандализирал моето име и лице на овој начин, не знаел за ништо подобро. Никој не му покажал поарно и почовечно. Затоа и му простувам”....напиша помеѓу другото Николовски во својата реакција на Фејсбук.

Но и Алијанса за Албанците на Села се соочува со уништени изборни плакати низ Скопје.Затоа пак се поставува прашањето – дали втората половина од изборната кампања ќе ги разгори провокациите?

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски за Канал 5 вели негативната кампања стана карактеристика во земјава. Темпото на провокации, вели Арсовски, ќе се засили. Но сите средства што ги користат партиите во борба за глас повеќе на свое конто, смета дека нема да имаат ефект кај неопределените гласачи.

Сите чинови на вандализам се пријавени во полиција која треба да ги открие сторителите. Оваа глетка е вообичаена во скоро секој изборен процес во земјава кога се забележуваат испишани политички пораки на штабови, демолирани партиски канцеларии и уништени билборди.

Филипче: Според евиденцијата на ДСЗИ околу 5.000 лица се во изолација на домашно лекување и можат да гласаат на изборите

Ние дадовме списоци на здравствени работници. По тројца во општина ќе бидат опредлени од ДИК за да го спроведат заедно со одборите ова гласање. 

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека според евиденцијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) нешто помалку од 5.000 луѓе се во изолација на домашно лекување, кои доколку сакаат да гласаат на предвремените парламентарни избори на 15 јули треба да се пријават на веб-страната на Државната изборна комисија (ДИК).

– Ние дадовме списоци на здравствени работници. По тројца во општина ќе бидат опредлени од ДИК за да го спроведат заедно со одборите ова гласање. Не известија од ДИК дека планираат симулација на процесот на денот на гласање во среда или четврток со членови на избирачки одбори, со претставници на набљудувачи од партиите како тоа би изгледало со сите заштитни превентивни средства согласно протоколот којшто го дадовме. Секако дека претставници на Комсијата за заразни болести биле на таа симулација, рече Филипче.

Согласно ревидираниот Роковник на ДИК рокот за пријавување на лицата со Ковид-19 и во самоизолација за гласање истекува на 8 јули на полноќ. Гласањето за оние што ќе се пријават ќе се одвива на 13 јули, а гласањето ќе го спроведат здравствени избирачки одбори односно Посебни избирачки одбори во кои членови се тројца здравствени работници и претставници на политичките партии. Лицата кои ќе добијат позитивен тест за Ковид-19 и ќе им биде дадено решение за самоизолација од 8 до 13 јули нема да можат да се пријават и да гласаат на парламентарните избори.

МОН подготви концепт за далечинско учење од септември, предлози и сугестии до петок

Министерството за образование и наука објави нацрт-верзија на Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта во земјава.

Изработката на документот е иницирана од промените во начинот на реализација на воспитно-образовниот процес на глобално ниво поради пандемијата предизвикана од појавата и ширењето на вирусот КОВИД-19.

– Концепцијата треба да обезбеди непречено одвивање на едукацијата на учениците во основните и средните училишта од 1 септември 2020 година, преку приспособување на процесот на новонастанатата ситуација и реалност, велат од Министерството за образование и наука.

МОН го подготви Концептот за учење од далечина заедно со Министерството за информатичко општество и администрација, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука, Државниот просветен инспекторат и Државниот испитен центар, во соработка со УСАИД, УНИЦЕФ, Македонскиот центар за граѓанско образование-МЦГО, наставници од основните и средните училишта и од високообразовните установи во земјава, како и повеќе експерти од областа на образованието и ИКТ-сферата.

Од МОН наведуваат дека сите заинтересирани најдоцна до 10 јули 2020 можат да придонесат во подготовка на што поквалитетна содржина на овој документ со доставување предлози и сугестии на електронската адреса: mitkoceslarov@bro.gov.mk .

Поради опасност од ширење на заразата со КОВИД-19, наставата во 2019/2020 од средината на март до крајот на учебната година во јуни беше реализирана онлајн и со учење од далечина преку различни е-платформи.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми пред крајот на учебната година за МИА изјави дека се разгледува и сценариото како ќе се постапи ако се соочиме со исти или полоши околности на почетокот од 2020/2021 година.

– Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи, рече Адеми.

притисни ентер