Забрзан пораст на бројот на новозаболени од Ковид-19 во Кичево

Бројот на новозаболени од Ковид-19 во Кичево се зголемува. Притисокот на граѓаните за да се тестираат е во пораст, а зачудува и екстремно високиот процент на новозаболени од тестирани лица. 

Во ковид – центарот до денеска се хоспитализирани 20 пациенти со тенденција нивниот број значително да се зголеми, ако се има во предвид колкав број граѓани секојдневно заболуваат од Ковид-19, потврди за МИА директорот на Општа болница Кичево, Станко Трпески.

-Состојбата со Ковид-19 во нашата општина ни малку не е оптимистична, бидејќи бројот на новозаболени од ден на ден е се поголем, а и бројот на пациенти со потешка клиничка слика е во пораст. Во нашиот ковид – центар до утринава беа хоспитализирани 20 пациенти, од кои половината се потешки случаи и на кислородна подршка, а кај три лица симптомите се животозагрозувачки, бидејќи истите се во поодмината возраст и воопшто не се вакцинирани, рече Трпески и најави пораст на новозаболени во следните денови и до крајот на издната недела го очекува пикот.

Деновиве, посочи тој, очекуваме бројот на новозаболени да расте, а тоа ни го потврдуваат искуствата од последниве денови, кога имаме голем број на граѓани кои се тестираат. Според него, фрапира бројот од дури 95 проценти новозаболени од тестираните лица.

Тој ги обвини новозаболените дека навремено не доаѓаат на преглед, што придонесува да имаат потешка клиничка слика, а и да ја пренесат болеста на лица кои се во нивна непосредна близина.

-И покрај редовните апели навремено нашите сограѓани да се јавуваат на лекар кога ќе ги почувствуваат симптомите на Ковид-19 како да не допираат до нив, бидејќи добар дел од новозаболени на лекар се јавуваат после пет до седум дена од почетокот на заразата, што го отежнува лекувањето, а во опасност се доведува и нивниот живот. Тие што се вакцинирани, а имаат симптоми на Ковид-19 ги лекуваме со таблетарна терапија, а тие кои не се вакцинирани се згрижени во нашиот ковид – центар каде се лекуваат и добиваат кислород, додаде Трпески. /МИА

Вартоломеј: Вселенската патријаршија помогна да се вратат мирот и поредокот на Балканот

Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА во соборниот храм „Свети Сава" во Белград со која беше ставен крај на 55-годишниот раскол, само неколку дена по одлуката на Фанар да ја прифати Охридската архиепископија во канонска и евхаристиска заедница.

На средба со професори и студенти од Богословијата „Св. Петар Цетињски", кои се во посета на Вселенската патријаршија, патријархот Вартоломеј рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка, кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Македонија.

– Преку вас ја поздравувам светата црква на Србија и срдечно го прегрнувам нејзиниот поглавар, најљубениот и блажениот патријарх г. Порфириј. Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски, на заедничка вера и заеднички борби, и врски на љубовта на мајката кон својата сакана ќерка, кои според апостол Павле, „никогаш не пропаѓаат", истакна вселенскиот патријарх.

Тој ја нагласи и радоста на, како што посочи, Мајката црква во Константинопол по „историската одлука" на нејзиниот Синод за враќање на Охридската архиепископија во евхаристиска заедница, што го отвори патот за помирување со СПЦ и воспоставување на мирот и поредокот на Балканот.

Бројот на жртвите во силните бури во Онтарио и Квебек, во Канада, се зголеми на осум

Бројот на жртвите на силните бури во двете најнаселени канадски провинции, Онтарио и Квебек, се зголеми на најмалку осум, соопштија локалните власти.

Службите за итни случаи продолжуваат со обнова на уништените столбови за да може да се обнови снабдувањето со струја во домовите на половина милион жители на двете провиници, објави „Гардијан".

Невремето, што во саботата попладне траеше повеќе од два часа и беше со јачина на торнадо, остави траги на уништување во делови од провинциите Онтарио и Квебек.

Ветровите со брзина од 132 километри на час соборија дрвја, урнаа електрични столбови и уништија бројни далноводи.

Компаниите за производство и дистрибуција на електрична енергија се обидоа вчера да го повратат снабдувањето со електрична енергија, а најголем број смртни случаи имаше од паднати дрвја, соопштија владини претставници.

Премиерот Џастин Трудо изјави дека федералната влада е подготвена да им помогне на луѓето на кои тоа им е потребно.

„Размислуваме за сите што беа погодени и благодарни сме на тимовите кои работат на враќање на електричната енергија", напиша Трудо на Твитер.

Најголемата дистрибутивна мрежа за електрична енергија во Онтарио, Хидро 1, соопшти дека ја вратила електричната енергија во повеќе од 360.000 домови, но до рано утринава 226.000 домаќинства сè уште беа без струја.

Премиерот Ковечевски на тет-а-тет средба и аудиенција кај папата Франциск

Почна тет-а-тет средбата на премиерот Димитар Ковачевски со папата Франциск во Ватикан. 

Средбата се реализира во рамките на официјалната и работна посета на делегацијата на Македонија во Ватикан и Рим, по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.

По средбата, предвидена е и аудиенцијата кај папата Франциск, на која заедно со Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевски, како и членовите на делегацијата министрите за надворешни работи Бујар Османи, за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Во делегацијата се и Мартин Попов, шеф на Кабинет на претседателот на Владата, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на премиерот, Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј", Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква.

Подоцна во текот на денот, Ковачевски заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе имаат средба и со државниот секретар на Светата Столица Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите Пол Ричард Галагер.

Како дел од работната посета, премиерот Ковачевски денеска ќе се сретне и со премиерот на Бугарија Кирил Петков.

Програмата во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, денеска делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија.

притисни ентер