Забрана за тешки товарни возила на патот Дебар – Маврово

Поради обилни врнежи од снег, утрово од 4:50  часот е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патот R1202 Дебар – Маврово, соопшти Автомотосојузот.

Во северните и североисточните краеви на земјава поради врнежи од снег и дожд сообраќајот се одвива по влажни коловози додека во останатите делови по наместа влажни коловози.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде што има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Бајден: САД воено ќе интервенираат во случај на кинеска инвазија врз Тајван

Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Токио предупреди дека САД „воено ќе го бранат Тајван доколку Пекинг го нападне овој автономен остров", предупредувајќи дека Кина „флертува со опасноста".

-Тоа е обврска што ја презедовме, рече Бајден на прашање на новинарите дали САД ќе интервенираат воено против обидите на Кина да ја заземе територијата насилно.

„Се согласивме со политиката на една Кина, ја потпишавме… но идејата дека (Тајван) може да биде преземен со сила едноставно не е соодветна", кажа Бајден.

Тој додаде дека таквиот чекор „ќе го наруши целиот регион и ќе биде уште една акција слична на она што се случи во Украина".

Според него, по руската инвазија на Украина, се зголемува потребата да се заштити овој остров.

Согласно политиката „На една Кина", САД го признаваат Пекинг како влада на Тајван и немаат дипломатски односи со Тајпеј. Меѓутоа, тие одржуваат неформални контакти, вклучувајќи ја и „де факто" амбасадата во главниот град Тајпеј, а обезбедуваат и воена опрема за одбраната на Тајван.

Вартоломеј: Вселенската патријаршија помогна да се вратат мирот и поредокот на Балканот

Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА во соборниот храм „Свети Сава" во Белград со која беше ставен крај на 55-годишниот раскол, само неколку дена по одлуката на Фанар да ја прифати Охридската архиепископија во канонска и евхаристиска заедница.

На средба со професори и студенти од Богословијата „Св. Петар Цетињски", кои се во посета на Вселенската патријаршија, патријархот Вартоломеј рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка, кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Македонија.

– Преку вас ја поздравувам светата црква на Србија и срдечно го прегрнувам нејзиниот поглавар, најљубениот и блажениот патријарх г. Порфириј. Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски, на заедничка вера и заеднички борби, и врски на љубовта на мајката кон својата сакана ќерка, кои според апостол Павле, „никогаш не пропаѓаат", истакна вселенскиот патријарх.

Тој ја нагласи и радоста на, како што посочи, Мајката црква во Константинопол по „историската одлука" на нејзиниот Синод за враќање на Охридската архиепископија во евхаристиска заедница, што го отвори патот за помирување со СПЦ и воспоставување на мирот и поредокот на Балканот.

Бројот на жртвите во силните бури во Онтарио и Квебек, во Канада, се зголеми на осум

Бројот на жртвите на силните бури во двете најнаселени канадски провинции, Онтарио и Квебек, се зголеми на најмалку осум, соопштија локалните власти.

Службите за итни случаи продолжуваат со обнова на уништените столбови за да може да се обнови снабдувањето со струја во домовите на половина милион жители на двете провиници, објави „Гардијан".

Невремето, што во саботата попладне траеше повеќе од два часа и беше со јачина на торнадо, остави траги на уништување во делови од провинциите Онтарио и Квебек.

Ветровите со брзина од 132 километри на час соборија дрвја, урнаа електрични столбови и уништија бројни далноводи.

Компаниите за производство и дистрибуција на електрична енергија се обидоа вчера да го повратат снабдувањето со електрична енергија, а најголем број смртни случаи имаше од паднати дрвја, соопштија владини претставници.

Премиерот Џастин Трудо изјави дека федералната влада е подготвена да им помогне на луѓето на кои тоа им е потребно.

„Размислуваме за сите што беа погодени и благодарни сме на тимовите кои работат на враќање на електричната енергија", напиша Трудо на Твитер.

Најголемата дистрибутивна мрежа за електрична енергија во Онтарио, Хидро 1, соопшти дека ја вратила електричната енергија во повеќе од 360.000 домови, но до рано утринава 226.000 домаќинства сè уште беа без струја.

притисни ентер