За субвенции за инвертери 2.500 апликации, исплата од наредната недела

Околу 2.500 граѓани поднеле барања за субевции за инвертери во Скопје. 

На неколку пунктови тие веќе почнале да ги оставаат своите стари грејни тела, што е услов за исплата на субвенцијата, која треба да почне наредната недела.

-До крајот на минатата недела имаше околу 2.500 апликации за инвертери. Граѓаните веќе започнаа со предавање на старите печки со што се овозможува и формално да започне исплатата за купените инвертери, изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Тој појасни дека постапката за субвенциите била во застој поради изборите и формирањето на новата Влада.

-Кога таа пречка формално правно беше отстранета, на определени пунктови граѓаните веќе почнаа да ги оставаат своите поранешни грејни тела за да ја добијат субвенцијата.

Исплатата на субвенцијата за инвертери, појасни тој, ќе почне од наредната недела, а веќе е почната исплата на субвенции за велосипеди и другите субвенции кои ги врши Градот Скопје.

Физичка пресметка во утринските часови во Кичево

 Во раните утрински часови во близина на бензиска пумпа во Кичево бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу А.В.(17), А.З.(20), двајцата од Кичево и Б.С.(37) од Битола.

По целосно документирање на настанот, ОВР Кичево ќе поднесе соодветна пријава, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Тој додаде дека вчера полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода З.Г.(42) од Кичево. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени семки од растението канабис сатива и марихуана. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Пендаровски на средба со освојувачите на медали на Јуниорската балканска математичка олимпијада

 Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими учениците натпреварувачи на 24-та Јуниорска балканска олимпијада по математика, кои освоија златна, сребрена и две бронзени медали.

Честитајќи им на учениците за овој успех, шефот на државата истакна дека тој и целата македонска јавност со голема радост ја примиле оваа вест, која кај сите предизвика чувство на гордост и на среќа.

– Уживајте во овие моменти и радувајте се. Да се биде победник на Олимпијада е голема работа и сите не направивте горди. Вие сте позитивен пример за сегашните и идните генерации. Вашите медали што гордо и денеска ги носите на градите упатуваат порака до сите млади во нашата држава дека со посветена и напорна работа, со вложен труд, секогаш резултатите доаѓаат, нагласи Пендаровски.

Тој додаде оти нивниот успех покажал дека нема нерешливи задачи, кога кон нив се пристапува тимски и одговорно. Пендаровски им порача дека очекува да продолжат по истата патека, како и дека секогаш со мотивираност, желба и дисциплина можат да се совладаат и најголемите предизвици.

Учениците на средбата ги раскажале импресиите од одржаната Олимпијада, како и периодот на нивните подготовки, кои се одвивале во специфични услови поради Ковид-19.

– Тоа не го намали нашиот ентузијазам и желба за успех. Напротив, тоа не мотивираше дополнително и со поголем елан да работиме и да покажеме дека и во нашата земја се негува љубовта кон математиката, рекоа учениците на средбата.

Од 9 до 13 септември годинава во Грција виртуелно се одржа 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада на која нашата екипа, сместена во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, се натпреваруваше преку видео-конференциска врска.

Екипата ја сочинуваа Никола Спировски – освојувач на златен медал, Дамјан Давков – освојувач на сребрен медал, Никола Цветаноски – освојувач на бронзен медал, Марија Атанасова – освојувач на бронзен медал, Матеј Гелев, и Емилија Николовска. Водач на тимот беше Делчо Лешковски, а заменик водач Борче Јошевски.

Годинава, на 24-та Јуниорска балканска математичка олимпијада учествуваа десет земји од Балканот и осум држави – гости, а ги опфаќа сите ученици од основното и од средното образование кои до денот на одржувањето не навршиле петнаесет и пол години.

Пасоши и лични карти со новото уставно име на државата од следната година

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски очекува следната година да почне примената на проектот за пасоши и лични карти со новото уставно име на државата.

-Управувачкиот комитет во МВР континуирано работи на имплементација на проектот и очекувам дека многу скоро веќе ќе има конечен датум од којшто ќе почнат новите пасоши, изјави денеска Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање, при посетата на Полицискиот центар Ѓорче Петров.

Важно е, дополни, што постоечките патни исправи и обрасци се употребуваат и државата има најдено начин за тоа до моментот додека да се направат новите и со самиот момент на можност за печатење и за имплементација на тој проект и ќе започнеме со тоа, така што, очекувам во 2021 година да започнеме со имплементација на овој проект.

притисни ентер