Предистрагата за пожарот во тетовската модуларна болница е завршена, потврдија за Канал 5 од Јавното обвинителство и наскоро ќе биде поднесено обвинение. Според неофицијални информации кривична одговорност е лоцирана во здравствената установа како и кај три одговорни лица во болницата. Од Обвинителството потврдуваат дека наскоро ќе има обвинение, но против кого и колку лица ќе се знае кога ќе биде изработена јавнообвинителската одлука.
„Лоцирана е одредена одговорност. Реферирано е во државното јавно обвинителство и обвинителниот акт е во завршна фаза, а кога ќе заврши ќе бидат објавени информациите за јавноста за лицата за кои е утврдена одговорност. Наскоро ќе биде поднесено обвинение.,велат од Обвинителството.
Додека траеше предистрагата беа сослушани сведоците на настанот, како и одговорните лица во болницата. Извештајот на крим техничарите кој беше готов еден месец по несреќата покажа дека пожарот болница настанал како последица од куса електрична врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Во истрагата покрај 5-темина обвинители, беа вклучени и германски истражители чиј извештај обвинителството го доби годинава во јануари. Деталите од документот не беа објавени во јавноста, но делови од него, според обвинителите, се поклопуваат со сознанијата на македонските крим-техничари.
Дел од предметот се и видео - снимките од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и видео-материјал објавен, од поединци но и од социјалните мрежи.
Пожарот, во кој изгореа 14 лица, 12 пациенти и две лица придружба, се случи вечерта на 8 септември лани.