И покрај бојкотот на дел од опозицијата Собранието функционира. Дневниот ред на пленарната седница е усвоен, а вчера почна и расправата за избор на уставни судии, оцени премиерот Димитар Ковачевски по посетата на Општата болница во Прилеп. Тој одговарајќи на новинарски прашања, ги повика пратениците да бидат одговорни, бидејќи како што рече, несериозно е во време на светска енергетска криза да се бојкотира Парламентот, а со тоа и општествените процеси.
„ Не постојат закони кои не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла и не може Собранието да се смета за супермаркет каде некој ќе одлучува кој закон ќе помине, а кој нема да помине. “
На тврдењата на СДСМ дека пропаднале обидите за блокадата на Собранието од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на опозициската партија Мицкоски одговори дека тие дале шанса во првите 100 дена од новата Влада, но од власта одлучиле на брутален начин да ја одбијат подадената рака за отпочнување на дијалог за предвремени избори. Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ како прв чекор ќе го блокира активно секој закон кој не е во интерес на граѓаните.
„Во понеделник ќе имаме седница на Извршниот комитет, ќе отвориме и дискусија и за вториот и за третиот чекор, ова е стратегија која што многу ќе трае. Ова нема да биде инстант акција која што ќе заврши денес или утре. Ова е стратегија која што ќе трае, јас не очекувам дека туку така ќе ја напуштат луѓето фотелјата која што ја држат. Бидејќи тие знаат дека никогаш повеќе во животот ќе немаат таква можност. И грчевито се борат небаре ова е последниот ден за сите нив. А, гледаат дека само народот е тој што губи, и ќе ја испорача народот сметката.“
Во однос на преговорите со Бугарија, премиерот Ковачевски повтори дека решение е можно само доколку тоа се заснова на европски вредности, на принципи на достоинство и на меѓусебна почит. Тој рече дека на 22 мај нема да има заедничка владина конференција со Бугарија бидејќи агендите тоа не го дозволувале, додека во меѓувреме министерствата за надворешни работи разменуваат идеи, но немаат усогласено заедничко решение. Прашан за чествувањата што се организираат по повод 24 мај, Ковачевски рече дека ќе имаме наша македонска делегација во Рим која тој ќе ја предводи. Мицкоски пак оцени дека не постојат шанси за достоинствено отстранување на ветото. Тој упати порака до Европската Унија да се обедини околу политчката агресија на Бугарија врз Македонија и да дозволи конечно отпочнување на прегооврите.