За една недела 14 664 решенија за изолација и 27 прекршочни пријави за угостители

Споредено со претходниот месец, како што информира, се забележува намалување на прекршувањата на ковид протколите кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести.

Согласно Законот за заштита на населението од заразни болести во ноември инспекторите имаат изречено осум прекршочни пријави, 16 платни налози, 30 решенија и донесени се 39858 решенија за изолација на заболени лица од коронавирусот и лица кои биле во контакт со заболено лице, информира на денешната прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Таа денеска ги презентираше податоците од спроведените контроли во периодот од 16 заклучно со 22 ноември. Во посочениот период инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат извршиле вкупно 96 надзори од кои 72 се по однос на здравствените протоколи и во изминатите седум дена ДСЗИ издаде вкупно 14664 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид и лица кои биле во контакт со позитивно лице. Овие инспектори, како што информира Филиповска-Грашкоска, донесоа и 11 решенија за констатирани неправилности врз основа на спроведените надзори.

– Државниот пазарен инспекторат во текот на изминатата недела изврши 3463 контроли и 553 надзори поврзани со материјалните закони и со здравствените протоколи за работа на угостителските објекти. Притоа поднесени се 27 прекршочни пријави, од кои две прекршочни пријави се поднесени против угостителски објекти по еден во Тетово и во Гостивар. Овие угостителски објекти не ги почитувале протоколите, односно истите работеле по 21 часот, поради што им е изречена забрана за работа и соодветна глоба. Дополнително, пазарните инспектори изрекоа 52 решенија и 25 прекршочни платни налози по останатите материјални закони по кои постапуваат, соопшти Филиповска-Грашкоска.

Во истиот период Инспекторатот за транспорт извршил 57 надзори, при што се изречени 10 прекршочни пријави, три решенија и четири прекршочни платни налози за прекршување на материјалните закони, односно од извршените надзори по основ на Законот за заштита на населението од заразни болести не се констатирани прекршувања.

– Државниот инспекторат за труд, пак, во истиот овој период спроведе 519 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на протоколите во насока на заштита на здравјето на вработените. При овие надзори од страна на трудовите инспектори изречени се 27 решенија и еден прекршочен платен налог кои пред се се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи, посочи Филиповска-Грашкоска.

Агенцијата за лекови и медицински помагала извршила 26 надзори во различни аптеки на територијата на целата држава и не се констатирани прекршувања на законските одредби или отстапувања од протоколите.

Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, во периодот од 16 до 22 ноември спроведе 386 надзори при што издадени се седум решенија и 22 едукации најчесто поради констатирани неправилности кои се однесуваат на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување општи хигиенски мерки, неправилно складирање и чување на производи и неправилно означување на производите.

– Како инспекциски служби правиме максимални напори да ги минимизираме можностите за ширење на коронавирусот во големи и средни производствени капацитети, трговски објекти, кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, банки, пошти, аптеки и во сите други правни лица кои извршуваат било каква дејност. Инспекциските служби ќе бидат на терен постојано насекаде низ земјата и навремено и неселктивно ќе го следат почитувањето на сите акти кои Владата ги носи, рече Филиповска-Грашкоска.

Таа нагласи дека и покрај зголемениот број на контроли во месец ноември сепак се детектирани помал број на прекршувања на протоколите со што се потврдува дека зголемените надлежности на инспекциските служби го даваат својот резултат при почитувањето на овие протколи.

Споредено со претходниот месец, како што информира, се забележува намалување на прекршувањата на ковид протколите кои произлегуваат од Законот за заштита на населението од заразни болести.

– За споредба во октомври кога инспекторите немаа надлежности да забрануваат вршење на дејност поради непочитување на ковид протколите од вкупно извршени 6963 надзори и 6123 контроли беа изречени 37 кривични пријави против угостителски објекти кои не ги почитувале протколите, а во месец ноември по донесување на измените на законот констатирани се неправилности кај пет угостителски објекти, појасни Филиповска-Грашкоска.

Соопшти дека по скоро еден месец од стапувањето во сила на измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести од страна на инспекторите од шесте инспекциски служби се извршени 10274 контроли и 5149 надзори. /МИА

„Спајс грлс“ повторно заедно за 50. роденден на Викторија Бекам

Познатиот женски поп-состав од 90-тите - „Спајс грлс“ (Spice Girls) повторно се обедини за 50-от роденден на Викторија Бекам - една од девојките во групата.

Популарните „Спајсици“ сѐ уште се во добри односи. Џинџер, Спорти, Бејби, Скери и славеничката Пош Спајс прославија и со својата позната песна „Стоп“, а видеото од изведбата на Инстаграм го објави сопругот на Викторија, Дејвид Бекам. Забавата се случила викендов во клубот „Освалдс“ во Лондон, а од познатите гости, забележани се и Том Круз, Селма Хајек, Ева Лонгорија и Гордон Ремзи, меѓу другите.

„Пријателството никогаш не завршува“, гласи натписот до заедничка фотографија објавена на „Инстаграм“ страницата на „Спајсиците“.

Инаку, годинава се навршуваат и 30 години од основањето на „Спајс грлс“. Составот првично постоеше од 1994. до 2000 година, но имаше повторни собири и за неколку посебни поводи потоа. Тие се собраа и на затворањето на Олимписките игри во Лондон, 2012 година.

Бонмати и Ѓоковиќ добитници на спортските оскари за 2023

Шпанската фудбалерка Аитана Бонмати и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се добитници на наградата Лауреус, таканаречените Оскари за најдобра спортистка и спортист во 2023 година.

Минатата година Бонмати беше избрана за најдобар играч во изборот на ФИФА, а беше прогласена и за најкорисен играч (МВП) на Светското првенство на кое Шпанија ја освои шампионската титула.

Новак Ѓоковиќ ја освои наградата Лауреус по петти пат во кариерата, откако минатата година освои три од четирите грен - слем турнири (Австралија Опен, Ролан Гарос, УС Опен) и играше во финалето на четвртиот (Вимблдон).

Спортистите за наградата Лауреус се номинирани од претставници на светските медиуми, а победниците ги избираат 69 членови на Светската спортска академија Лауреус. Наградата е основана во 2000 година.

Добитници на наградата Лауреус за 2023 година:

Спортистка на годината: Аитана Бонмати

Спортист на годината: Новак Ѓоковиќ

Тим на годината: Шпанска женска фудбалска репрезентација

Најголем напредок: Џуд Белингем

Повратничка на годината: Симон Белс

Најдобра спортистка со попреченост: Диде де Грот

Спортистка на година во акциски спортови: Ариса Трев

Награда за хуманитарна работа: Фондација Рафа Надал. /МИА

Гласањето на болните и изнемоштените во десетте општини од Југоистокот почна без проблеми

Најмногу болни и изнемоштени се пријавени во Општина Струмица - 356.

Вкупно 1.547 болни и изнемоштени лица денеска гласаат во првиот круг од претседателските избори во десетте општини во Југоисточниот плански регион - Струмица, Радовиш, Василево, Босилово, Ново Село, Конче, Богданци, Гевгелија, Дојран и Валандово. Гласањето се одвива без проблеми и според општинските изборни комисии се очекува да заврши во попладневните часови.

Најмногу болни и изнемоштени се пријавени во Општина Струмица - 356, а заедно со нив гласат и затвореници од Затворот во Струмица. Утрово од 07:30 почна подигањето на избирачкиот материјал и процесот тече без проблеми.

Претседателите на изборните комисии од другите општини, исто така, информираат дека гласањето се одвива нормално и без пробеми.

Во Општина Ново Село се пријавени 299 болни и изнемоштени лица, Босилово-172, Гевгелија-175, Валандово-78, Василево-186, Радовиш-123, Конче-48, Дојран-44, Богданци-66 избирачи.

Во избирачкиот список во десетте општини вкупно се запишани вкупно 147167 граѓани со право на глас, кои ќе гласаат на 273 избирачки места.

притисни ентер