Вудворд – Коста: На Трамп во последните денови му биле одземени овластувања за нуклеарни напади

На Доналд Трамп во последните денови му биле одземени овластувања за нуклеарни и воени напади.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп бил тајно лишен од овластување да нареди нуклеарен напад или да почне воена акција во последните хаотични денови во Белата куќа, според книга од новинарите Боб Вудворд и Роберт Коста, која треба да биде наскоро објавена.

Двајца ветерани на „Вашингтон пост" во книгата наведуваат нови драматични детали за избезумениот обид на Трамп да ги отповика резултатите од претседателските избори во 2020 година и да остане на власт.

Генералот Марк Мили, началник на Здружениот ГШ на САД, презел дотогаш невиден чекор со наредба кон други високи генерали да се консултираат со него пред да извршат какви било важни наредби, кои Трамп би можел да им ги даде, по нападот на Капитол Хил на 6 јануари. Си Ен Ен беше првиот што извести за постапките на Мили.

Невозможно е да се каже што може да направи. Знаете дека е луд. Тој е луд долго време, му рекла претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, на Мили во разговор на 8 јануари за менталната состојба на Трамп.

– Се согласувам со тебе за се, одговорил Мили, според транскриптот на повикот.

Кога Пелоси му се јавила на Мили на 8 јануари, тој и рекол дека презел чекори за да го спречи Трамп да започне конфликт, иако нема докази дека тоа што го планирал. Мили не го известил Трамп за новиот протокол според кој од генералите се бара да контактираат со него пред да применат претседателски наредби.

– Можам да ви гарантирам 110 проценти дека војската, употребата на воена моќ, без разлика дали е нуклеарна или напад врз странска земја од кој било вид, оти нема да направиме ништо нелегално или лудо, рекол тој. „Што мислите, нелегално или лудо?", прашала Пелоси.

– Најдоброто што можам да го направам е да ви дадам збор, одговорил Мили. „Ќе спречам такво нешто во американската војска".

Златка од „Лајка" ги порасна фрлените кутриња од Расадник, сега се подготвени за вдомување

Улична кучка, која по пријава беше заловена од тимот на ЈП „Лајка”, откако ги загуби нејзините тукушто родени кутриња, згрижи мали непрогледани кутриња кои биле фрлени на нива во скопската населба Кисела Вода, Расадник. 

Од „Лајка” информираат дека осумте малите кутриња, кон крајот на јули годинава биле фрлени на нива од страна на несовесен граѓанин, на температури од 40 степени Целзиусови, а тие веќе го земале последниот здив. Три од нив не успеале да преживеат.

Првично, кутрињата беа згрижени од страна на здружението Асоцијација на активисти за права на животни-ААПЖ. За среќа, токму во истиот период тимот на „Лајка” залови кучка во лактација која ги загубила нејзините кутриња, а беше пријавена од страна на граѓани.

– Ние се понудивме да ги земеме малите кутриња, за да видиме дали кучката ќе ги прифати. Се случи токму она на што се надевавме. Па така, веќе месец и половина, уличната кучка Златка се грижи за малечките кучиња, ги храни и ги чува како да се нејзини, нешто што докажува дека мајчинскиот инстинкт и потребата да се спаси нечиј живот работи кај животните, еднакво како и кај луѓето. Сиот овој период тимот на „Лајка” живее со ова прекрасно семејство кое ни ја направи нашата работа уште поубава. Уличното куче Златка успеа да ги одгледа малите Вилма, Мила, Оги, Цеца и Белка, кои се веќе подготвени да бидат вдомени, со оглед на тоа што се хранат самостојно, прочистени се од паразити и ја имаат примено првата вакцина. Овие наши пет хероини, заедно со најголемиот херој, нивната сурогат мајка, се во потрага по дом, а сите заинтересирани можат да поднесат апликација за вдомување на следната адреса [email protected], посочуваат од ЈП „Лајка”.

Од „Лајка” се надеваат дека во иднина веќе нема да се соочуваат со настани од ваков тип и повикуваат на одговорно сопствеништво, односно стерилизација/кастрација на милениците, доколку сопствениците не можат да се грижат за нивниот пород. – Да се фрлаат непрогледани мали кутриња по улиците е крајно нехуман и неодговорен чин, кој оди на штета на целото општество. За среќа, а за разлика од многу други, петте наши госпоѓици преживеаја една голгота и сега се во потрага по нов дом, каде што ќе им се пружи љубов и внимание, велат од ЈП „Лајка”. /МИА

Државниот секретар Николиќ учествуваше на панел – дискусија во Охрид

Ниту една земја самостојно не може да се справи со природните катастрофи од големи размери како оние што ги видовме изминатиот период, порача Николиќ.

„И сојузниците и НАТО – Алијансата климатските промени ги карактеризира како клучно безбедносно прашање од највисок приоритет. Неодамнешните пожари со кои се соочувавме и ние и Југоисточна Европа ги ставија на тест нашите капацитети, опременоста, пополнетоста со кадар, нивната обученост, но и координираноста на целиот систем за заштита и спасување. Заклучокот беше и е јасен – системот е поставен, но простор за подобрување има“, рече државниот секретар Драган Николиќ на денешната панел – дискусија посветена на цивилно-воената поддршка на цивилни катастрофи, која се реализираше на почетокот на вежбата на НАТО, „ Македонија 2021“.

Николиќ порача дека Армијата во изминатите години секогаш се вклучувала во кризни состојби. Ефектите од учеството на Армијата во справување со кризни состојби беа особено забележливи во поплавата која го зафати главниот град во 2016 година, како и пред речиси два месеци кога целосно беше вклучена како поддршка на цивилните институции во справувањето со огнените стихии на територијата на целата земја. Во периодот од почетокот на август до почетокот на септември, ангажирани беа вкупно околу 2.000 припадници, како и армиски воздухоплови кои во овој период на гасење направија над 80 часови лет и исфрлија над 500 тони вода.

„Се боревме со сите расположливи средства и во целост се ставивме на располагање на системот за заштита и спасување зашто Армијата постои за граѓаните и нивната сигурност и безбедност, и во случаи кога се бориме со природните непогоди“, рече на панелот државниот секретар.

Членството во Алијансата беше од голема помош за справувањето со овие катастрофи, особено кога станува збор за брзината и отвореноста на сојузниците да помогнат, рече Николиќ, и додаде дека системот мора да работи за да биде уште поподготвен за справување со катастрофи од овој тип.

Николиќ посочи на неколку клучни подобрувања кои ќе го зајакнат системот за одговор на катастрофи – подобрувањето на координацијата, градењето на дуални капацитети во Армијата и подобрувањето на условите за работа во институциите за справување со природни катастрофи.

„Потребно е да имаме целосна пополнетост на противпожарните служби, на системот за заштита и спасување, на институциите кои се први во борбата со природните непогоди. И, тука правиме чекори напред – пред само неколку дена со измените на законот за заштита и спасување ги зголемивме платите на пиротехничарите и на инспекторите во Дирекцијата за заштита и спасување. Нам ни е потребен систем во кој работат млади, мотивирани, подготвени и обучени лица, и затоа ги подобруваме условите за работа во институциите кои се дел од овој систем“, рече државниот секретар.

Ниту една земја самостојно не може да се справи со природните катастрофи од големи размери како оние што ги видовме изминатиот период, порача Николиќ, и додаде дека Северна Македонија е секогаш првата земја која нуди помош, а истиот пристап го имаа и нашите соседи и нашите сојузници кои безрезервно помогнаа во справувањето со пожарите во нашата земја летово.

На панел-дискусијата покрај државниот секретар Николиќ учествуваа и Марк Ди Пауло, директор градење на капацитети во одбранбените институции во НАТО и Шефик Бајрами, помошник директор на Бирото за јавна безбедност.

За сексуално вознемирување на социјалните мрежи девојките повеќе се доверуваат на семејството

Семејството е најдоверливата и најсигурната адреса каде што анкетираните девојки ги пријавуваат сексуалните вознемирувања на социјалните мрежи.

Тоа го покажува истражувањето „Онлајн вознемирување на социјалните медиуми", спроведено од Центарот за еднакви можности „Бубамара" од Тетово. Анкетата според нив имала за цел да открие колку овие возрасни девојки се жртви на сексуално вознемирување, што подразбираат под сексуално вознемирување и дали се подготвени да го пријават тоа.

–Поголем дел од нив (29.3%) претпочитуваат да му се обратат на семејството кога се вознемирувани од такви вознемирувачки пораки или содржини. На второ место е полицијата (25%). Голем број на девојки одговориле дека не знаат каде да се обратат (21.6%). Мал број одбрале (или би одбрале) да им се обратат на новинарите (0.9%) или на невладините организации (1.4%) за да пријават вознемирување. Кога станува збор за евентуално пријавување,10% од девојките ја одбрале опцијата „друго" каде што доминираат одговори од типот „на никого", се наведува во истражувањето.

Во заклучокот од истражувањето од „Бубамара" велат дека жртвите на сексуално вознемирување, воглавно се добро информирани дека овој феномен подразбира повреда на нивната слобода и мешање во нивниот живот и нивните избори. Според нив, овие дејствија имаат последици кои кај некои од жртвите се манифестираат во поголема мера.

–Последиците се главно психолошки и жртвата често е сама и претпочитува да не го сподели искуството со некој друг. Фактот што некои од сексуално малтретираните девојки на социјалните мрежи не сакаат да го споделат своето искуство ниту со својот партнер, велејќи дека голема е веројатноста да дојде до некакво недоразбирање, покажува дека момчињата и мажите се многу малку информирани за размерите на овој реален проблем. Игнорирањето подразбира одобрување и охрабрување за сторителот, насилникот и престапникот за тој да ја прошири својата мрежа на малтретирање и да го храни тоа чувство на надмоќност врз своите жртви. Повторната виктимизација на жртвата на сексуално вознемирување од околината додава уште една по нераскинлива алка во синџирот на сексуално вознемирување, како злосторство кое го олеснија и „релативизираа" социјалните мрежи поради природата на нивните платформи, неможноста за целосна контрола и начелата на слободата на изразување, велат од „Бубамара".

Центарот за истражувањето има контактирано 208 девојки на возраст од 18 до 25 години кои одговориле на анкетата по електронски пат. Од нив 150 девојки се од Тетово, 51 од Гостивар и од другите општини во регионот. 45,1 отсто се од рурални, а 54.8 отсто од урбани средини. /МИА

притисни ентер