Втор ден расправа за Ребалансот на буџетот

 Расправата за ребалансот на буџетот треба да продолжи денеска во рамки на собраниската Комисија за финансирање и буџет откако вчера на првиот ден од расправата се обрати министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. 

Во своето експозе, министерката за финансии посочи дека ребалансот е скроен согласно затекнатите состојби во Буџетот и дека се обезбедени средства за се она што треба да се исплати согласно закон.

- Со ребалансот обезбедуваме средства за сите оние и за се она што било предвидено со закон, а немало планирани средства, односно средства за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање на обврските по основ на камати, заеми и слично. Се обидовме и направивме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата што стоеја неискористени. Од се она што претставува несуштински расходи, успеавме да најдеме заштеди од 20 милијарди денари и да ги употребиме онаму каде што беа потребни, рече Димитриеска Кочоска.

За пратениците од парламентарното мнозинство, ребалансот е за спас на државата затоа што средствата во Буџетот биле планирани само за првите шест месеци од годината и фалат пари за обврски што треба да се исплатат од страна на државата, додека оценката на опозицијата е дека ребалансот е скроен за да ги задоволи коалициските договарања и не се работи за никакво штедење затоа што од Буџетот треба да се исплатат најмалку 12 нови функционери од четирите нови министерства.

Забелешки на ребалансот на буџетот имаат и од Судскиот буџетски совет и од државното Јавно обвинителство чии претставици вчера укажаа дека не смее да има кратење на средствата наменети за судската власт и за обвинителството, бидејќи, како што посочија, тоа ќе влијае на нивната автономија и на квалитетот и ефикасноста на правдата.

Во ребалансот на буџетот не се предвидени пари за зголемување на платите во здравството и образованието што го потврдија и министрите за здравство и за образование и наука.

Од Сојузот на синдикати уште пред изборите побараа од новата власт зголемување на минималната плата на 450 евра. Вчера во соопштение до јавноста, посочија дека не ја гледаат оправданоста работодавачите да добијат пола милијарда евра поддршка од државата, а да не може да се зголеми минималната плата.

- Не ја гледаме оправданоста работодавачите да добијат половина милијарда евра на поклон од државата (пари од кредитот и пари кои работодавачите не ги плаќаат во буџетот, а кои потоа ги враќаат и работниците и граѓаните), а Владата и работодавачите да имаат изговор за да не се зголеми минималната плата веднаш на 450 евра, како и да не се зголемат платите во приватниот и во јавниот сектор, велат од ССМ.

Општата расправа за Ребалансот на буџетот трае најмногу три дена, а амандманската расправа, за која се поднесени 58 амадмани, шест дена.

Вкупните приходи во Ребалансот на буџетот се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.

При усвојувањето на Ребалансот на буџетот од страна на Владата беа усвоени и неколку заклучоци на предлог на Министерството за финансии. Меѓу нив дека при склучување на колективните договори, буџетските корисници треба да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година, а јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост ќе треба да побараат мислење од Министерството за финансии. На ова реагираа од синдикат на УПОЗ од каде прашаа дали е на повидок суспендирање на колективните договори.

Над 500 учесници во карневалот во Кавадарци, градот има вински кралица и крал

Над 500 учесници имаше во карневалското дефиле вечерва во Кавадарци, од земјава и странство, градот има вински кралица и крал во рамките на традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер“.

- Секоја карневалска група со своја приказна, секоја убава на свој начин. Традиционалниот карневал и оваа година со над 500 учесници во 31 карневалска поставка, кои продефилираа низ улиците на Кавадарци, а кралот и кралицата заедно со градоначалникот Митко Јанчев и претседателот на Совет на општина Кавадарци Стојанчо Рамов и дел од гостите, симбилично го откинаа првиот грозд, за многу години, рекоа организаторите на настанот од кавадаречката локална самоуправа.

Традиционалната стопанско туристичка и културна манифестација има долга традиција, годинава се одржува овие три дена, на агендата се бројни настани и се очекуваат гости од земјава и странство.

Во Корча се одржа промоција на македонски народни носии од регионот Преспа

Во пресрет на 8 Септември Денот на независноста, денеска во Библиотеката „Тими Митко“ во Корча, се одржа промоција на македонски национални носии од Преспа.

Во пресрет на 8 Септември Денот на независноста, денеска во Библиотеката „Тими Митко“ во Корча, се одржа промоција на македонски национални носии од Преспа, што е завршен настан од проектот „Создавање традиционални носии на македонското национално малцинство од областа на Преспа“.

На настанот присуствуваа Ерјон Неџипи, претседател на Советот на Округот на Корча, Атанас Плоча, заменик градоначалник на Пустец, претставник од Митрополијата на Корча, Марјана Костофски, претставник на македонското малцинство при Комитетот за националните малцинства, претставници на македонското малцинство и љубители на македонскиот фолклор.

Пред присутните се обрати Васил Стерјовски во името на Македонското друштво „Сонце“, кој најпрво го честита 8 Септември - Денот на независнота упатувајќи „срдечни честитки до сите Македонци и граѓани на Македонија, посакувајќи светла иднина за Македонија".

- Македонското друштво „Сонце“ со поддршка на Комитетот за национални малцинства денеска ја има честа да ја организира завршната активност од проектот „Создавање традиционална носија на македонското национално малцинство од областа Преспа“. Овој проект има за цел зачувување и обновување на еден важен од нашето културно наследство, истакнувајќи ја убавината на народната носија што ја придружува нашата заедница од генерација на генерација, рече Стерјовски.

Најави дека освен во Корча, слична активност ќе биде организирана и во општина Пустец, каде, како што рече, со гордост ќе го прославиме ова достигнување за нашиот идентитет.

Се заблагодари на Комитетот за национални малцинства, кој преку фондот на малцинствата ја поддржал оваа важна иницијатива на Македонското друштво „Сонце“.

-Благодарение на оваа поддршка, успеавме да подготвиме четири традиционални женски носии од Преспа, 21 традиционални носии од Преспа во минијатура и двојазична брошура, на албански и на македонски јазик, во 300 примероци за да ја информираме јавноста за ова скапоцено наследство. Посебна благодарност упатувам до познатата костимографка, Лирика Појани, која со посветеност ја проучи народната носија на Преспа и стари фотографии кои и послужија како основа за нивната најверна репродукција, зачувувајќи ја автентичноста и културните вредности на овој крај. Таа подготви и минијатурни верзии на овие костими со прекрасни детали, нагласи тој.

Посочи дека областа на Преспа, населена со признато македонско малцинство, има богата културна историја која вклучува јазик, традиции, фолклор и културни вредности и оти овој проект претставува заеднички напор за зачувување и промовирање на македонските традиции.

-Народната носија е еден од најважните елементи на нашиот културен идентитет и во себе ја носи историјата на цели генерации. Преку овој проект целиме не само да ги зачуваме овие традиции, туку и да ги пренесеме на идните генерации, правејќи ги горди на своето македонско потекло и култура, посочи Стерјовски.

Писателот и професор на Универзитетот „Фан Ноли“ во Корча, Ерис Руси, ја промовираше брошурата за македонските народни носии од областа на Преспа, чиј автор е Васил Стерјовски. На промоцијата, Руси изрази задоволство од значењето на ова дело за зачувување и промоција на македонската културна традиција во Албанија.

Ерјон Неџипи, претседател на Советот на Округот на Корча во својот поздравен говор ја истакна важноста од зачувувањето на традиционалните носии на Македонците од Преспа, кои, како што рече се богатство за Округот на Корча и Албанија.

Позната костимографка од Корча, Лирика Појани, се заблагодари на македонското друштво „Сонце“ за довербата да ја репродуцира македонската народна носијата од Преспа, каде уметноста испреплетена со традицијата ги истакнува благодатите на овој национален скапоцен камен.

Исто така, на настанот беа распределени минијатурни народни носии од Преспа на повеќе институции а активноста заврши со македонски песни и ора од девојчина кои што беа облечени во македонските народни носии на Преспа. Настанот го следеа и повеќе албански медиуми.

Мароканските власти од почетокот на годинава спречиле 45.000 мигранти да преминат во Европа

Мароко спречи 45.015 мигранти да преминат во Европа од почетокот на оваа година и разби 177 банди за криумчарење луѓе, објави мароканската државна новинска агенција МАП, цитирајќи податоци од Министерството за внатрешни работи.

Агенцијата не даде споредбени податоци за истиот период во 2023 година, објави Ројтерс.

Според податоците на мароканската влада, Мароко минатата година спречил 75.184 илегални мигранти да преминат во Европа, што е за шест отсто повеќе од 2022 година.

Мароканската морнарица од почетокот на оваа година спасила 10.859 мигранти, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Засилениот надзор на северните граници на Мароко доведе до зголемен број мигранти кои се обидуваат да стигнат до Европа преку подолгиот и поризичен пат на Атлантикот до шпанските Канарски острови, наведува британската агенција.

притисни ентер