Времето ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, а на планините од снег

Под влијание на влажен бран времето денеска ќе биде претежно облачно со врнежи од дожд, а на планините од снег. Врнежите ќе бидат пообилни во попладневните часови.

Во вечерните часови врнежи од снег ќе има и на некои повисоки места. Преку ноќта ќе дува умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13 степени.

Во Скопје времето ќе биде претежно облачно со повремен дожд, особено попладне. Во вечерните часови и во текот на ноќта ќе дува умерен до засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 9 степени.

Утрово најстудено беше во Берово со измерени -5 степени, а најтопло во Дојран со измерени 6 степени. Во Скопје Петровец се измерени -3 степени, -2 во Крива Паланка и Тетово, -1 во Маврово, 0 Скопје-Зајчев Рид, Прилеп, Охрид, Струмица, Крушево, 1 во Битола, Дебар, 2 во Куманово, 3 во Претор, Виница, 4 во Штип, Гевгелија, 5 во Демир Капија.

Висината на снежната покривка измерена во 7 часот утрово изнесува 5 степени на Попова Шапка, и 2 степени во Маврови Анови.

Покетино: Кавгата за пеналот покажува дека имаме многу да учиме

Тренерот на Челзи, Маурисио Покетино беше исклучително задоволен од играта на неговиот тим во победата над Евертон со 6:0. Сепак, Покетино ја посочи ситуацијата околу изведување на пеналот како недозволива.

Имено, по дваесетина минути од почетокот на второто полувреме беше досуден пенал за „сините“ и тогаш околу тоа кој да го изведе се натегнуваа Николас Џексон и Кол Палмер.

-Не ми се допаднаа расправиите пред пеналот. Ние сме млад тим со многу за учење. Зборував со момчињата по натпреварот и се надевам дека никогаш повеќе нема да видиме вакво нешто. Им се извинувам на навивачите. Фудбалерите мора да се однесуваат како професионалци. Сите знаат дека пеналите ги изведува Кол Палмер, објасни Аргентинецот.

Челзи е во серија од осум натпревари без пораз. Екипата на „Стемфорд Бриџ“ последен пат загуби (0:1) на 25 февруари од Ливерпул.

Следен натпревар на „сините“ е полуфиналето од ФА Купот против Манчестер сити.

Нацрт законот за американската помош за Украина се очекува да биде гласан неделава

Мајк Џонсон, спикер на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, неделава ќе свика одделно гласање за новата помош за Израел и Украина. 

Претходно, нацрт законот предвидуваше едно гласање за оваа меѓународна воена помош, но тоа беше пречка во усогласувањето.

Одлуката на спикерот да се гласа по прашањето за помошта на Украина ги зголемува шансите за излез од ќорсокакот во кој се најде Конгресот уште од октомври минатата година, кога претседателот Џо Бајден побара итна помош за одбраната на Киев од руската инвазија.

Помошта за Израел, Украина и Тајван ќе бие разделена на четири одделни нацрт закони „и тоа може да се случи уште неделава“ изјави Џонсон синоќа. Ова се случува после речиси два месеца откако Сенатот гласаше за првичниот законски проект што ги опфаќаше трите земји во едно решение.

Очекувајќи средба со колегите реубликанци, спикерот синоќа изјави дека долниот дом ќе разгледа четири нацрт закони, од кои три за помошта за трите земји а четвртиот за националната безбедност на САД.

-Знаеме дека светот гледа во нас, да види како реагираме. Луѓето следат по тоа дали Америка може да застана во одбрана на своите сојузници, заштитувајќи ги своите интереси низ целиот свет. И ние тоа ќе го направиме, изјави тој.

Влијанието на Џонсон врз раздробеното републиканско мнозинство уште повеќе се засили благодарејќи на претседателскиот кандидат на републиканците, Доналд Трамп, кој во говор викендов во неговиот ресорт Мар-а-Лаго во Палм бич, Флорида, изрази подршка за идејата на спикерот.

Бајден повика Конресот да ја усвои помошта за Украина

Претседателот на САД Џо Бајден повика Претставничкиот дом веднаш да го стави на гласање финансирањето за воена помош на Украина и Израел, веќе речиси два месеца усвоено од Сенатот. Тој ова го повика синоќа за време на средбата со чешкиот премиер Петр Фиала во својот кабинет во Белата куќа.

Целта на Бајден е да ги истакне напорите што другите нации ги прават за поддршка на Украина.

Неговите коментари уследија по најавата на чешката влада дека испраќа еден милион парчиња артилериска муниција во Украина, за која Киев вели дека е многу потребна на воениот фронт а против Русија.

-Како што се сеќава Чешка, Русија нема да застане со Украина, рече Бајден.

Тој апелираше до Конгресот да го усвои дополнителното финансирање за да може САД да го сторат својот дел за помош на Украина во одбраната од руската инвазија.

Макрон очекува Реал да го пушти Мбапе на Олимпијадата

 Претседателот на Франција, Емануел Макрон, се надева дека Реал Мадрид нема да го спречи Килијан Мбапе во евентуалното учество во францускиот олимписки тим на Игрите во Париз.

Нема официјална потврда дека актуелниот играч на Пари Сен Жермен по завршувањето на сезоната ќе се пресели на Сантијаго Бернабеу, но повеќе информации тврдат дека трансферот е веќе договорен.

Тогаш Мбапе веќе треба да биде играч на Реал, а во принцип клубот има право да го суспендира за Олимпијадата. Сепак, поради нивната организација, Французите сакаат да ја имаат својата најголема ѕвезда во составот.

-Ќе дадеме максимум за да имаме силен тим на Игрите. Верувам и во француските и во останатите европски клубови дека ќе ги пуштат своите играчи ако добијат репрезентативен повик, рече Макрон.

Потоа беше прашан од дописникот на „Ас“ дали мислел на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез. „Да, токму на тоа мислев“, одговори шефот на државата на Франција.

Сепак, останува да се види дали и самиот Мбапе ќе сака да игра на Олимпијадата, бидејќи претходно ќе биде дел од репрезентацијата на Европското првенство.

притисни ентер