Врачена државната награда „23 Октомври“ за 2013 година

Во Собранието на Република Македонија денеска им беше врачена државната награда „23 Октомври“ за 2013 година во областа на културата и уметноста на оперската певица со светска кариера Ана Дурловски, писателите и преведувачи Џабир Ахмети и Михаил Ренџов и на ликовниот уметник Ставре Димитров-Стадим.

Им ги врачи академик Владо Матевски, претседател на Одборот за доделување на годинашната државна награда, која е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоција на државните приоритети, вредности и културно-историско наследство на Република Македонија.

Во своето обраќање тој рече дека 23 Октомври и формирањето на Македонската револуционерна организација на овој ден пред 120 години е меѓу светите датуми-меѓници во македонската историја и стожерна точка во обединувањето на националниот, интелектуалниот и слободарскиот капацитет на македонскиот народ, изблик на неговиот стремеж за зачувување на посебноста и севкупно издигнување.

Додаде дека Организацијата ги поставила вистинските насоки за создавање на македонската држава и дека денешната генерација е одговорна да ги продолжи идеите, рамноправно да се вклучи во глобалниот простор на знаење и во културен натпревар кој, како што рече, е космополитска визија на светот, врежана во меморијата на македонскиот народ.

- Државната награда 23 Октомври е признание со кое се почитуваат и вреднуваат токму тие достигнувања и придонесот на нашите творци во наведените области. Одборот годинава доби 23 одлични иницијативи за кандидати за наградата, но одлучи да им биде доделена на четири извонредни, достојни творци. Годинашните добитници со своето целокупно творештво, убедени сме, тоа сосема го заслужуваат. Тие значајно придонесуваат, секој во својата област, со својот труд, раскошен талент, креативност, професионализам и посветеност, како за сопствената, така и за афирмацијата на својата држава на полето на културата и уметностите, одбележувајќи еден период од развојот на Македонија, истакна Матевски.

Од името на наградените се заблагодари поетот и преведувач Михаил Ренџов кој рече дека се благословени да ја имаат наградата, но дека таа нема да ги возгордее зашто приложиле само дел од својот креативен живот, за разлика од основачите на Организацијата кои во 1893 се заколнале да го жртвуваат и животот за слободата и вистината.

- Не почестивте со награда која не се заборава. Нам, на наградените, на благословените, ни останува само да ја искажеме нашата благодарност кон македонската држава и кон членовите на Одборот што не одбраа и не почестија нас. Со чисто срце и отворени души им ја изразуваме нашата благодарност, истакна Ренџов.

Сестрата на севернокорејскиот лидер вели дека нејзината земја ќе изгради супериорна воена сила

 Влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг рече дека земјата ќе продолжи да гради супериорна и најсилна воена сила за да го заштити својот суверенитет и регионалниот мир, јави севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Ким Јо Џонг истакна дека серијата воени вежби на американската војска во регионот оваа година, почнувајќи со вежби спроведени со „јужнокорејски марионетски воени гангстери“, опасно ја нарушуваат регионалната безбедносна средина.

- Ќе продолжиме да градиме огромна и најмоќна воена сила со цел да го заштитиме нашиот суверенитет, безбедност и регионален мир, ја пренесе КЦНА нејзината изјава.

Војските на САД и Јужна Кореја изведоа серија вежби со поголем обем и интензитет во последните месеци, а лидерите на двете земји ветија дека ќе ја подобрат борбената готовност против воените закани на Северна Кореја.

Околу 100 воени авиони извршија двонеделни воздушни вежби овој месец, соопшти јужнокорејската војска.

Северна Кореја вели дека американските воени вежби се подготовки за нуклеарна војна против неа.

Вашингтон и Сеул тврдат дека вежбите имаат одбранбен карактер и се спроведуваат редовно за да се одржи подготвеноста. /МИА

Бајден го обвини Трамп за новите ограничувања на правата за абортус во Флорида

 Американскиот претседател Џозеф Бајден го обвини поранешниот претседател Доналд Трамп за новите ограничувања на правото на абортус во државата Флорида.

- Да бидеме многу јасни, има само едно лице одговорно за овој кошмар. Тој се фали со тоа. Доналд Трамп, им рече Бајден на своите приврзаници во градот Тампа и истакна дека правото на абортус „треба да биде уставно право“.

- Не се работи за правата на (сојузните) држави, туку за правата на жените, рече Бајден и оцени дека Трамп „е загрижен дека гласачите ќе го сметаат за одговорен за суровоста и хаосот што ги создаде“.

На почетокот на овој месец, Врховниот суд на Флорида одобри закон со кој се забранува абортус по првите шест недели од бременоста, период кога повеќето жени не се ни свесни дека се бремени.

Прашањето за абортусот е важно за претстојните избори на 5 ноември во САД, а демократите веруваат дека строгите ограничувања на тоа право во Флорида и Аризона ќе ги „свртат“ гласачите на Трамп кон Бајден.

На изборите во 2022 година Трамп освои 51,2 отсто во таа држава, а Бајден 47,9 отсто.

Шефицата на Демократската партија на Флорида, Ники Фрид изјави дека Бајден разбира дека победата во таа држава е малку веројатна, но дека вреди да се обиде. /МИА

Голем антивладин протест во Буенос Аирес поради мерките за штедење

Стотици илјади Аргентинци вчера излегоа на улиците на Буенос Аирес на антивладин протест против кратењето на буџетот на државните универзитети, што е најголемиот протест досега против мерките за штедење на претседателот Хавиер Милеи.

Протестите се последниот пример за растечките тензии поради кратењата на владините трошоци кои помагаат да се сменат длабоките фискални дефицити, но предизвикуваат тешкотии во реалната економија.

Маршевите поддржани од Унијата во и надвор од главниот град носеа транспаренти на кои пишуваше „Брани ги државните универзитети“, „Студирањето е право“ и „Горе буџетот, долу планот на Милеи“.

Милеи, кој се справува со наследената економска криза по долгогодишното трошење на владата, спроведува буџетски кратења со „моторна пила“ што и помогна на државата да оствари тримесечен фискален суфицит на почетокот на годината. Но, кратењата извршија голем притисок врз јавниот сектор. Јавните универзитети во Аргентина како УБА, кои нудат бесплатно додипломско образование, во голема мера се потпираат на државно финансирање.

-Образованието е еден од основните столбови на нашата идеологија. Немаме желба да ги затвораме универзитетите, рече портпаролот на претседателот, Мануел Адорни, бранејќи ја позицијата на владата и повика на мирен протест. /МИА

притисни ентер