Вонредната супервизија на АЗЛП во ДИК утврди повеќе повреди на прописите за заштита на личните податоци

Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) во врска со инцидентот што се случи на 15 јули 2020, за денот на изборите на веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК) изврши вонредна супервизија во ДИК, соопшти Агенцијата.

– Вонредната супервизија беше извршена по службена должност со цел да се провери и истражи евентуалното нарушување на безбедноста на личните податоци кои ги обработува ДИК, поврзано со инцидентот што се случи вечерта на 15 јули 2020 година, непосредно по одржувањето на вонредните парламентарни избори 2020 година, велат во соопштението.

АЗЛП утврдила повеќе повреди на прописите за заштита на личните податоци од страна на ДИК, бидејќи не применила соодветни технички и организациски мерки во однос на заштитата на веб страниците и информатичката инфраструктура за да обезбеди ниво на безбедност соодветно на ризикот.

– ДИК не извршила тестирање на софтверскиот систем за спроведување на парламентарните избори 2020 година на Дуна ДОО Скопје пред неговото имплементирање или по извршените промени со цел да се провери дали системот обезбедува безбедност на личните податоци согласно прописите за заштита на личните податоци. ДИК при ангажирање на Дуна ДОО Скопје како обработувач, постапила спротивно на прописите за заштита на личните податоци. ДИК при користење на нови технологии за некој вид на обработка (во конкретниот случај софтверскиот систем за спроведување на Парламентарните избори 2020 година на Дуна ДОО Скопје), не извршила проценка на влијанието на предвидените операции на обработката во однос на заштитата на личните податоци, наведуваат од АЗЛП.

ДИК, додаваат, поставува документи со лични податоци на Google Drive и истите ги објавува на своите веб страници, со што врши пренос на личните податоци. Воедно, како што наведуваат од Агенцијата, ДИК ги користи услугите на CloudFlare чија главна инфраструктура е лоцирана надвор од територијата на Република Македонија. Оттука, посочуваат, ДИК постапила спротивно од општото правило за пренос на личните податоци.

– ДИК (како контролор) и Дуна ДОО Скопје (како обработувач) не ја исполниле обврската за известување за нарушување на безбедноста на обработката на личните податоци до АЗЛП. ДИК не ги документирала нарушувањата на безбедноста на личните податоци и немала воспоставено внатрешен процес на евидентирање на нарушувањата на безбедноста на личните податоци. ДИК не ја исполнила обврската за определување на офицер за заштита на личните податоци. ДИК не определила администратор на информацискиот систем, наведуваат од АЗЛП како дел од утврдените повреди од страна на ДИК.

За извршената вонредна супервизија АЗЛП донела решение со мерки за отстранување на утврдените повреди и рокови во кои ДИК треба да постапи и да го усогласи своето работење со прописите за заштита на личните податоци./МИА

Кралот на Маорите на Нов Зеланд сака на китовите да им даде основни човекови права

 Кралот на Маорите на Нов Зеланд денеска повика на китовите да им се дадат основни човекови права за да се заштитат ранливите видови.

Кралот Тухеитија Паки рече дека величествените морски цицачи треба да ги имаат основните човекови права како што е правото на здрава животна средина за да се овозможи обнова на нивната популација.

- Звукот на песната на нашите предци ослабна, а живеалиштето е загрозено. Затоа мора да дејствуваме сега, рече Тухеитија во редок јавен настап.

Во 2017 година, Нов Зеланд донесе закон со кој се дава правен субјективитет на планината Таранаки и реката Вангануи, кои се важни за Маорите, домородни луѓе кои сочинуваат околу 17 отсто од населението на Нов Зеланд, или околу 900.000.

Тухеитија смета дека давање ист статус на китовите би делувало како „наметка на заштита“.

Тој се обрати заедно со високиот поглавица на соседните острови Кук, Травело Ту Арики.

Тие се залагаат домородните знаења да се комбинираат со науката за да се обезбеди „похолистички пристап“ за зачувување на китовите.

- Китовите играат витална улога во здравјето на целиот наш океански екосистем, рече Травел Ту Арики. „Мораме итно да дејствуваме за да ги заштитиме овие прекрасни суштества пред да биде предоцна“, додаде тој.

Сините китови можат да пораснат до 30,5 метри и да тежат до 200 тони.

Но, големината не ги штити. Шест од 13-те големи видови китови се загрозени или ранливи, според WWF, светската организација за заштита на природата.

Откажани летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк

Откажани летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во „Аустријан ерлајнс“.

Откажани се летовите од Виена до Скопје и обратно поради штрајк на вработените во авиокомпанијата „Аустријан ерлајнс“.

На официјалната веб страница на Меѓународниот аеродром Скопје не се ставени ниту полетувањата, ниту слетувањата со оваа авиокомпанија.

Поради штрајкот, којшто според најавите треба да трае денеска и утре, глобално откажани се околу 400 лета и засегнати се околу 50.000 патници.

Во текот на овие два дена оваа авиокомпанија требаше да реализира 24 лета од Виена до градовите во поранешна Југославија вклучувајќи летови до Белград, Сараево, Загреб, Приштина, Скопје, Подгорица, Дубровник и Сплит.

Царинските службеници во Грција ќе одржат 48-часовен штрајк следната седмица

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк.

Дводневен штрајк за 2 и 3 април закажаа грчките царинските службеници, што ќе влијае и на сообраќајот на граничните премини од Грција кон соседните земји, меѓу кои и Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор преку соопштение изразија поддршка за штрајкот.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, поради 48-часовниот штрајк на цариниците целосно ќе биде во прекин сообраќајот на граничните премини од и кон Грција за товарните возила и секаков вид пратки, додека пак во однос на автомобилите, не е исклучена можноста возилата повремено да се пропуштаат, нешто што ќе се дефинира и појасни непосредно пред почетокот на штрајкот.

притисни ентер