Водата во Скопје безбедна за пиење

Последните анализи на Секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација" покажуваат дека водата во Скопје е безбедна и квалитетна за пиење.

Анализите се извршени минатата недела, од 22-ри до 26 ноември. Земени се 199 примероци за физичко-хемиска и 199 примероци за микробиолошка анализа од 48 мерни места во градот.

-Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, наведува ЈП „Водовод и канализација" – Скопје.

Средба Тренчевска – Дуџак: МТСП и ООН продолжуваат со заедничката соработка

МТСП и ООН продолжуваат со заедничката соработка на полето на социјалните политики, родовата еднаквост и заштита на децата.

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска денеска се сретна со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Росана Дуџак со која разговараа за тековните проекти во кои Министерството за труд и социјална политика соработуваат со агенциите на ООН, како и за идната соработка во насока на креирање и имплементирање на уште подобри социјални политики кои ќе одговорат на потребите на граѓаните и поголема заштита на човековите права.

Министерката Тренчевска, информираше дека изминативе денови се одржаа состаноци со сите сектори во министерството при што беше направен пресек на сите досегашни активности, воедно и досегашната соработка и заеднички активности со агенциите на ООН.

„Министерството за труд и социјална политика има одлична соработка со сите агенции на ООН на повеќе прашања кои се во надлежност на министерството. Особено е значајна соработката во подготовката на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и креирањето и развивањето на мобилната апликација за поддршка на жртвите на родово базирано насилство каде во координирана работа работеа двата сектори еднакви можности и социјална заштита со УНДП, УНФПА. Соработката во креирањето на политиките во областа на родовата еднаквост продолжува и понатаму,“ рече министерката Тренчевска.

Во насока на идните заеднички активности министерката Тренчевска го посочи отворањето на Ресурсниот центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање, кој е прв таков во регионот, со можност да прерасне во регионален центар. Центарот треба да обезбедува експертска поддршка, добри практики, истражувања и обуки за градење на капацитетите на државните службеници во областа на родовото одговорно буџетирање.

На средбата стана збор и за процесот на деинституционализација и правата на лицата со попреченост, при што беше истакнат одличниот напредок на нашата држава во ова поле. Во поглед на заштитата и правата на децата беше посочена соработката со УНИЦЕФ, која продолжува и понатаму.

Тренчевска изрази благодарност за досегашната помош и поддршка изминатите години, а особено во време на Ковид 19,која што претставува голем предизвик не само во поглед на здравството и економијата туку и предизвик во поглед на човековите права и нивната заштита.

Двете страни изразија задоволство за можноста за понатамошна продлабочена соработка со агенциите на ООН во областите кои се во надлежност на ова министерство.​

Најмалку 37 жртви во тропска бура во Мадагаскар и Мозамбик

Тропската бура „Ана" усмрти најмалку 34 лица во Мадагаскар и три во Мозамбик, а ја прекина струјата во Малави, соопштија денеска властите во трите земји.

Невремето, кое се формира над источниот брег на најголемиот африкански остров Мадагаскар, донесе поројни дождови кои предизвикаа поплави и свлечишта во главниот град Антананариво.

Во последниот извештај на Агенцијата за управување со катастрофи на Мадагаскар се вели дека 34 лица загинале, а речиси 65.000 останале без покрив над главата од минатата недела.

Неколку ниски населби во главниот град и понатаму се во состојба на готовност, а во текот на ноќта почна итна евакуација.

Од другата страна на Индискиот Океан, невремето во понеделникот стигна до континентална Африка, носејќи поројни дождови и силни ветрови во централниот и северниот дел на Мозамбик.

Властите во Мозамбик во вторникот соопштија дека три лица загинале, а најмалку 66 се повредени.

Според Националниот институт за управување со ризик од катастрофи, досега се погодени повеќе од 3.800 луѓе, а во текот на ноќта се уништени клиника и 16 училници.

ОН предвидуваат дека невремето ќе предизвика големи поплави, ќе раселат луѓе и ќе ја оштети инфраструктурата.

Невремето потенцијално ќе влијае на „многу ранливите популации веќе погодени од претходни природни катастрофи и конфликти во северен Мозамбик", се вели во ажурирана информација на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања.

Владата и агенциите на ОН проценуваат дека 500.000 луѓе би можеле да бидат погодени во провинциите Нампула, Замбезија и Софала во Мозамбик.

Во соседен Малави невремето синоќа ги остави без струја повеќето делови од земјата, откако поројните поплави го зголемија нивото на водата и го принудија електростопанството да ги исклучи своите генератори.

– Нашето производство зависи од нивото на водата и во моментов нивото е превисоко за да ги стартуваме машините. Тоа е премногу ризично, изјави Мозес Гваза, портпарол на компанијата за производство на електрична енергија.

Комисијата за заразни болести препорачува второто полугодие да почне на 1 февруари

Нема промена во наставата од 1 февруари.

Канал 5 дознава дека денеска Комисијата за заразни болести донела одлука второто полугодие да се одвива како и досега - со физичко присуство и задолжителни маски. Препораката треба да ја потврди и Кризниот штаб, па да се најде на владина седница.

За родителите кои се дел од иницијативата „Стоп за носење маски во училиштата“ одлуката на Комисијата е политичка. Од своите барања не отстапуваат, а децата в понеделник демонстративно ќе ги однесат на училиште без маски.

Според последниот извештај на Институт за јавно здравје, минатата недела 267 деца на возраст до 9 години добиле позитивен КОВИД тест – а за групата од 10 до 19-годишна возраст стои дека е нотирано намалување на бројот на заболени за 15,3% во однос на претходната недела.

Од Министерството за образование велат дека, како и досега, ќе постапуваат согласно препораките на Комисијата за заразни болести

Во однос на другите мерки, Кризниот штаб го усвои заклучокот да се скрати времето на изолација од 10 на 7 дена и е веќе испратен на разгледување до Владата. За укинување на сертификатите како следна можна мерка се уште не е разговарано.

притисни ентер